X
 01.10.2022 Живот

Кит спасен од нуркачи е трагичната лекција за реалноста на нелегалните мрежи

Мрежите за ловење се нелегални три децении, но некои рибари и понатаму ги користат.

Познати како „ѕид на смртта“, овие мрежи се ефикасни во собирањето риби, но по својата природа, го заплеткуваат секој вид на кој ќе наидат. Во 1992 година Обединетите нации ја забранија употребата на ваквите мрежи во меѓународните води, но приказна од Шпанија покажува дека тие сè уште се користат.

Во мај 2022 година нуркачи биле испратени да спасат женка од видот грбав кит. Женката била долга 40 метри и била забележана кај островот Мајорка. Китот бил заплеткан во мрежа и бил забележан од брод кој го повикал спасувачкиот центар за поморски води. Откако неколкуте обиди да се исече мрежата на китот од чамецот завршиле неуспешно, биле повикани нуркачи од два локални центри.

Еден од нуркачите, морскиот биолог Џиџи Торас, детално ја опишува сцената, нарекувајќи го искуството неверојатно.

- Првите десет секунди таа беше нервозна, наречете ме луд, но мислам дека знаеше дека сме таму за да ѝ помогнеме. Се опушти и ние почнавме да работиме од нејзината уста наназад. Продолживме да сечеме, па таа успешно се извлече од мрежата - раскажува тaa.

Китот останал со нуркачите кратко време додека си ја врати силата, а потоа испливал, давајќи им на нуркачите знак за благодарност. Но, овој триумф на китот, за жал, бил краткотраен.



Една недела подоцна, китот се појавил на шпанската плажа оддалечена 305 километри. Специјалисти го прегледале китот кој имал исеченици на грбните перки и бил доста слаб. Имајќи го предвид тоа, тие одлучиле да не го вратат во морето затоа што немало да го преживее патувањето. По кратко време, китот им подлегнал на повредите.

Кога дозналa за ситуацијата, Торас билa многу вознемиренa.

Се разбира, судбината на овој кит е тажен крај на она што требаше да биде возбудливо спасување. Но, смртта на китот треба да помогне да сфатиме нешто повеќе за риболовот со мрежи и што можеме да направиме за да ја запреме оваа незаконска активност пред да се уништат уште повеќе морски животи.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот