Овој уред некогаш беше задолжителен дел од речиси секој дом во Југославија. Тежок, метален и бучен, ТВ-стабилизаторот не беше само технички апарат што го регулираше напонот и овозможуваше подобра слика на црно-белите телевизори. Тој беше и симбол на една епоха, на семејна и соседска заедница, во времето кога телевизорот стануваше центар на социјалниот живот.
Десетина години подоцна, фотографија на овој уред предизвика бран од носталгија на социјалните мрежи, особено меѓу генерациите што го помнат животот за време на Југославија. Приказната за тоа време неодамна ја сподели Насер Хусиќ, преведувач на знаковен јазик, заедно со фотографија на легендарниот стабилизатор од времето на Југославија, а неговите сеќавања предизвикаа низа емоции кај интернет-корисниците.
- Беше тоа крајот на 70-тите во Сараево, кога улиците мирисаа на печени костени и јаглен од оџаците, а зимите беа сурови, со дебел снег. Црно-белите телевизори тогаш беа вистинско техничко чудо, речиси света работа во секој дом. Во нашата уличка на Алифаковац, во мала камена куќа со дрвени прозорци, мојот дедо имаше стар телевизор „искра“, прекриен со милје што баба сама го сплетила - започна тој.
Едно друго време
- Но, телевизорот не беше само екран, тој беше ритуал. Со него секогаш одеше и незаменливиот ТВ-стабилизатор, тој тежок, бучен метален сандак што мораше да се вклучи пред да се појави сликата. Се сеќавам дека дедо, секојпат пред дневникот или фудбалскиот натпревар, стануваше, мрмореше нешто за „нестабилниот напон“ и го вклучуваше стабилизаторот. Му беа потребни неколку минути за да се загрее, а звукот потсетуваше на стар мотор. Додека чекавме, баба носеше колачи, а ние децата седевме на килимот и нетрпеливо чекавме на екранот да се појави слика, прво заматена и со шуштење, додека дедо не ја наместеше антената на покривот или не го удреше телевизорот отстрана - раскажува Хусиќ.
Тие вечери имаа посебна атмосфера. Соседите се собираа бидејќи нема сите телевизор, а уште помалку стабилизатор.
- Се сеќавам на соседот Хасан, кој носеше стол и седнуваше покрај прозорецот, тврдејќи дека подобро гледа ако е поблиску. Секогаш кога ќе поминам покрај некоја стара куќа, ми се чини дека го слушам тивкото зуење на стабилизаторот и мирисот на пита од кујната на мојата баба - се присетува Хусиќ.
Извор:
Dnevno.hr
Фото: Facebook