X
 18.05.2023 Живот

Како се објаснувале социјалните разлики во Југославија во 1984?

Хрватскиот медиум „Индекс“ во соработка со веб-страницата „Југопапир“ објави текст од 1984 година за социјалните разлики во поранешна Југославија. Според текстот, во тоа време имало десетици илјади милијардери, но многу повеќе жители кои едвај сврзувале крај со крај.

- Наместо лимонада, телевизијата ни ја понуди серијата „Династија“ за жешките летни вечери. Долго се двоумеше дали да го направи тоа; постоеја грижи за тоа како широките народни маси, преокупирани со високите цени и падот на животниот стандард, ќе реагираат кога ќе ги видат раскошот и богатството - стои во текстот.

Меѓутоа, доколку се судело по Мара, жителка со мала пензија, нема причина за грижа.

- Тетка Мара едвај чека да продолжи серијата, незаслепена од тоалети, салони и автомобили (таа гледа дека целата среќа не е во тоа), жали само за едно: што не сме снимиле такво нешто ние, туку Американците - продолжува текстот.

А, очигледно, имало милијардери и во поранешна Југославија кои имале големи куќи, викендици во планина и на море, луксузни автомобили, па и јахти. Меѓутоа, малку жители на поранешната држава верувале дека може да се стане милијардер со напорна работа во земјата, па дури и доколку работеле повеќе членови на семејството.

- Неверниот Том пресметува: ако работник или функционер заработува 2 милиона месечно, треба да го одработи целиот работен век и да не потроши ниту еден динар за да стигне до милијарда! - пишува во текстот.

Затоа, кога некој купувал станови и градел викендици, тоа не можело да остане незабележано. Во тие години социјалната положба на посиромашните слоеви на населението се влошила поради растот на цените и падот на вредноста на динарот. Имало повеќе сиромашни луѓе отколку што покажувала официјалната статистика. На граница на сиромаштија биле и работниците во странство, а останале без работа бидејќи работеле на црно, но и слабо платените работници во повеќе индустрии, инвалидските пензионери и пензионерите со мала пензија, како и работниците во компании со загуби или под стечај.

Од каде овие разлики?

- Од каде оваа празнина во нашето општество, од една страна да зборуваме за милијардери кои живеат како бубрег во лој, а од друга за сиромашните кои паднале во беда? Зарем не можевме да ги надминеме овие разлики во досегашниот развој, не за сега да зборуваме за еднакви стомаци, туку за да ги немаме сиромашните? - стои во текстот.

Одговор на ова прашање понудил Валент Хузјак, член на хрватскиот парламент, шест години претходно, но се сметал за актуелен и во 1984.

- Мислам дека развојот на нашето општество е прекраток за да може да се надминат социјалните разлики и да може да кажеме: сега во основа решивме сè. За такво нешто потребни се цела низа претпоставки - од материјалната основа до социјалната свест и социјалната дисциплина, а за тоа е потребно повеќе време. Од друга страна, мора да се признае дека во надминувањето на социјалните нееднаквости направивме повеќе од кој било во светот и дека овие нееднаквости во сите други системи се подлабоки и поголеми отколку во нашето општество, ако ги погледнеме од сите оние аспекти што ја утврдуваат положбата на личноста во заедница, од прашања за образование, вработување, самоуправување - стои во текстот.

Во продолжението на текстот пишува дека можноста за збогатување и покрај работата сепак влијаела врз растот на потрошувачкиот менталитет и ерозијата на социјалистичкиот морал. Економистите сметале дека оваа нееднаквост претставува општествена опасност и треба да се спречи дополнителното раслојување во општеството кое настанува врз основа на приходи надвор од работен однос, пишува во текстот.

Извор: Index
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот