Потпирањето на климатизацијата за ладење цели згради не е одржливо. Наместо тоа, треба да се фокусираме на директно ладење на луѓето: преку природна вентилација, термални маси и персонализирани системи на удобност.
Во време на сè почести топлотни бранови, прашањето за ладењето веќе не е прашање на комфор, туку на опстанок. Во текот на последните години во светот се забележуваат рекордни температури - од Јужна Европа, преку Индија до Канада - а одговорот што преовладува во градежничката практика е: уште повеќе клима-уреди. Сепак, во извештај на Центарот за енергетска политика „Клајнман“ тим од повеќе од 40 автори предупредува дека таквиот пристап не е одржлив. Наместо да ладиме згради, треба да ладиме луѓе.
Оваа суштинска промена на перспективата значи дека фокусот мора да премине од ладење на воздухот во просторот на вистинските потреби на луѓето. Тоа подразбира користење природна вентилација, термални маси и персонализирани решенија за комфор - наместо универзална зависност од клима-уреди. Бидејќи, како што наведуваат авторите - колку повеќе зависиме од конвенционалните клима-системи, толку повеќе придонесуваме за самиот проблем што се обидуваме да го ублажиме - емисијата на стакленички гасови.
Покрај тоа што трошат огромна количина електрична енергија, клима-уредите ослободуваат и разладувачки гасови кои имаат стотици, па и илјадници пати поголем ефект на загревање од јаглеродниот диоксид. Со растечките температури и сè поголемата урбанизација во топлите краеви во светот, Меѓународната агенција за енергетика предвидува тројно зголемување на глобалната потрошувачка на енергија за ладење до 2050 година.
Но, проблемот не е само технолошки, туку и инфраструктурен и регулаторен. Ладењето цели простории станува проблематично кога енергетските мрежи не можат да го поднесат оптоварувањето, како што се случи во Тексас, Индија и Канада. Истовремено, затворените системи на климатизација доведуваат до полош квалитет на воздухот во живеалиштата, што има негативно влијание врз здравјето на корисниците.
Зошто тогаш не користиме алтернативни решенија, иако има многу?
Одговорот, според авторите, се крие во три главни пречки: застарени градежни прописи што ги фаворизираат централно климатизираните простории; отпорот на пазарот кон промени и ниската свест меѓу проектантите и корисниците.
Потпирањето на климатизацијата за ладење цели згради не е одржливо. Наместо тоа, треба да се фокусираме на директно ладење на луѓето: преку природна вентилација, термални маси и персонализирани системи на удобност, велат авторите.
Каталог на алтернативни стратегии за ладење
Фото: Kleinman Center for Energy Policy
Регулативите често не ни препознаваат поими како „ноќно проветрување“, „радијантно ладење“ или „термална инерција“. Многу земји, вклучувајќи го и нашиот регион, сè уште ја третираат климатизацијата како единствена мерка за стандард наместо да промовираат здрави, пасивни и енергетски ефикасни алтернативи. Во тоа се огледува и длабоко вкоренетиот отпор кон иновациите - не толку поради технички причини, туку поради недостиг на доверба во нови решенија и страв од инвестициски ризик.
Затоа авторите апелираат на промени во три клучни правци: редефинирање на стандардите и прописите кои би поттикнувале алтернативни решенија; воведување финансиски модели што олеснуваат нивна примена - како што се моделите „ладење како услуга“; и едукација на сите вклучени - од архитекти и инженери до крајни корисници.
Пораката е јасна: ако сакаме да градиме одржливо во услови што стануваат сè поекстремни, мораме да го промениме начинот на кој размислуваме за ладењето. Наместо да разладуваме простор, ајде да разладуваме луѓе.
Автор: Игор Цониќ
Извор:
Gradnja
Насловна фотографија: Freepik