X
 02.08.2025 Живот

Што може светот да научи од „швајцарската исклучителност“?

Во период кога светот се соочува со големи пресврти, од меѓународната трговија и геополитиката до брзи технолошки промени, многу земји тешко се справуваат со новите предизвици. Но, постои еден впечатлив исклучок: Швајцарија.

Швајцарската економија повеќе од четврт век бележи подобри резултати од речиси сите други земји во светот кога се земат предвид растот на БДП, инфлацијата, невработеноста, јавниот долг и надворешните биланси. Само Сингапур стои подобро, но Швајцарија е значително пред сите други развиени економии.

Висок раст и продуктивност

Во последните 25 години реалниот раст на швајцарскиот БДП изнесува во просек 1,9 отсто, додека во последната деценија е 1,8 отсто, што е значително повеќе од нејзините европски соседи и од повеќето земји со сличен приход по жител.

Особено впечатливо е што Швајцарија создава 126 долари БДП за секој час вложена работа, наспроти 100 долари во САД, 81 во Германија, 72 во Франција, 66 во Обединетото Кралство, 58 во Сингапур, 12 во Кина и само 3 долари во Индија. Овој успех се должи на продлабочени капитални инвестиции, висока продуктивност и технолошки иновации.

Јавната потрошувачка во Швајцарија изнесува само 32 отсто од БДП, во споредба со 38 отсто во САД, 40 отсто во Јапонија, 48 отсто во Норвешка и 49 отсто во Европската Унија. И покрај ваквата умерена улога на државата, довербата во швајцарската влада е околу 60 отсто, што е значително повисоко од просекот од 35 отсто во повеќето Г10 земји.

Јавниот долг е само 36 отсто од БДП и е во постојан пад, додека во ЕУ е 82 отсто. Исто така, Швајцарија е единствената држава со резервна валута што бележи просечен фискален суфицит во последните 20 години.

Троен суфицит


Швајцарија е една од трите земји во светот што имаат „троен суфицит“: фискален, трговски и суфицит на капитални приливи.

Во последниве три години нејзиниот трговски суфицит изнесува меѓу 10 и 13 отсто од БДП, придружен од нето-прилив на капитал. Тоа доведе до драматичен раст на официјалните девизни резерви од 678 милијарди долари во 2015 до 947 милијарди долари на крајот на 2024 година, што претставува 88 отсто од БДП. Освен тоа, швајцарските инвеститори поседуваат многу повеќе странски средства отколку што странските инвеститори имаат во Швајцарија.

Поради ваквите економски показатели, швајцарскиот франк е најсилната валута во светот во последните 25, 10 и 5 години. 

svajcarija
Фото: Bloomberg, Datastream, Fred, Eurizon SLJ

Сигурно прибежиште


Политичката и економската стабилност ѝ овозможуваат на Швајцарија да го задржи статусот на сигурно прибежиште како во последните неколку месеци, кога инвеститорите бараат алтернатива на доларот, така и во текот на целата последна деценија. Од 2015 година наваму индексот на швајцарскиот франк ги надмина дури и другите сигурни средства, освен златото.

Секако, ваквата сила на валутата носи и проблеми, особено за Швајцарската народна банка. Во мај цените во земјата првпат по четири години паднале на годишно ниво за 0,1 отсто, главно поради намалените увозни цени. Иако инфлацијата малку порасна во јуни, централната банка сѐ уште стравува од дефлација. Доколку франкот продолжи да расте, можно е каматните стапки да треба да се намалат уште повеќе од очекуваното.

Но, овие грижи изгледаат занемарливи во споредба со огромните долгови, дефицитите и политичките конфликти што ги мачат многу богати земји.

Швајцарската тајна


Што се крие зад „швајцарската исклучителност“? Секако, важно е тоа што се работи за богата, компактна, безбедна и уредна држава со мала површина, која успева да избегне многу од предизвиците на големите нации.

Но, и другите земји можат да научат нешто.

Најпрво, нејзината умерена државна потрошувачка и рационални економски политики создаваат поволна клима за стартапи и мали бизниси. Фокусот на висока технологија и производи со висока додадена вредност ја заштитува од евтина конкуренција. Понатаму, Швајцарија успева да биде интегрирана со Европа, без да се откаже од својата автономија.

И на крај, за разлика од граѓаните на многу развиени држави, Швајцарците често поддржуваат економски раст наместо да бараат сѐ повеќе социјални поволности. На пример, во 2012 година тие го отфрлија референдумот со кој ќе се воведеа дополнителни неработни денови. Дали ваквото зрело расудување може да се преслика и во други земји, останува отворено прашање.

Но, кога ќе се спореди состојбата во Швајцарија со онаа во остатокот од развиениот свет, станува јасно дека оваа мала нација навистина е голем пример.

Извор: Reuters.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот