Хантавирус е име за група вируси кои се пренесуваат од глодачи на луѓе и предизвикуваат сериозни заболувања. Почнува со симптоми слични на грип, како што се покачена телесна температура, болки во мускулите, замор, главоболка. Вирусот најчесто се пренесува кога ќе се вдишат честички од заразен измет, урина или плунка од глодачи, поретко преку директен контакт или каснување. Хантавирусот предизвикува две форми на болест кои можат сериозно да ги оштетат виталните органи, а тоа се хантавирусен белодробен синдром, кој во некои случаи доведува до откажување на работата на белите дробови, и хеморагична треска со бубрежен синдром, која може да ги оштети бубрезите.
Не постои лек или вакцина
Експертите истакнуваат дека кога станува збор за хантавирусот, најважно е раното препознавање за да се избегнат наведените компликации бидејќи не постои специфичен лек или вакцина. Затоа, најважно е раното лекување во болница кое значително ги зголемува шансите за закрепнување, како и превенцијата која подразбира избегнување контакт со глодачи и одржување на хигиената во просторот во кој престојуваме.
Лекарите велат дека хантавирусот е здравствен проблем кој бара јасно разбирање и проактивен пристап. Често се поврзува со рурални подрачја или специфични услови на живеење, а оваа вирусна инфекција може да доведе до сериозни респираторни проблеми ако не се препознае навреме.
Како доаѓа до инфекција?
До инфекција главно доаѓа кога лицето ќе вдише воздух контаминиран со вирусот од изметот, урината или плунката на глодачите. Хантавирусот во повеќето случаи не се пренесува од човек на човек, поради што контролата на околината е основен вид заштита. Бидејќи симптомите на почетокот потсетуваат на грип, многу пациенти не ја сфаќаат сериозноста на состојбата додека не дојде до компликации.
Главна причина за инфекција со хантавирус е контакт со секрети од заразени глодачи кои се носители на вирусот без симптоми. Преносот на човек е можен на 3 начини:
Вдишување: Најчест облик на пренос на вирусот. Кога изметот или урината од глодачите ќе се пренесе во воздухот во облик на ситни честички кои се вдишуваат.
Директен контакт: Допирање на контаминирани површини, па потоа допирање на носот, устата или очите.
Каснување: Ретко, но можен е пренос директно во крвотокот.
Важно е да ги препознаеме првите симптоми
Раното откривање е клучно за успешно лекување. Симптомите обично се јавуваат помеѓу првата и осмата недела по изложувањето. Бидејќи почетните знаци се неспецифични, важно е да обрнеме внимание на првите симптоми по можниот контакт со глодачи.
Рани симптоми се упорна температура и треска, силни болки во мускулите (бутовите, колковите и грбот), општа слабост и замор, главоболка и вртоглавица, болка во стомакот, понекогаш со мачнина или повраќање. Доцните симптоми се јавуваат во рок од 4 до 10 дена од појавата на првите, а тоа се:
- Краток здив или отежнато дишење;
- Чувство на стегање во градите;
- Кашлица и акумулирање течност во белите дробови;
- Низок крвен притисок и послаба функција на срцето.
Дијагноза и лекување на хантавирус
Дијагнозата може да биде тешка бидејќи раните симптоми личат на грип или воспаление на белите дробови. Лекарите ја земаат предвид историјата на изложеност на глодачи и симптомите на респираторен дистрес. Терапијата е симптоматска, како хоспитализација (често интензивна нега), терапија со кислород, контрола на внесот на течности, механичка вентилација во потешки случаи.
Превенција на хантавирусот
Превенцијата е најважна бидејќи не постои вакцина. Целта е да се ограничи контактот со глодачи. Препорака е да се затворат сите отвори низ кои глодачите можат да влезат во просторијата, храната да се чува во затворени садови, да се поставуваат стапици за глодачи. Совет е да не се чисти изметот од глодачи со метла бидејќи на тој начин честичките од вирусот се подигнуваат во воздухот. Мора да се носат ракавици и маска, површините се прскаат со раствор од белило и вода, и овој раствор треба да се остави да дејствува неколку минути пред бришењето. Отпадот се одлага во затворена кеса.
Хантавирусот е сериозно заболување, но може да се контролира со навремена реакција и соодветни мерки за превенција. Важно е да ги препознаеме раните симптоми и да побараме медицинска помош навреме.
Фото: freepik