X
 02.09.2025 Колумни

Колумна: Кој беше Филип Зимбардо?

Филип Зимбардо (Philip George Zimbardo) е еден од најпознатите и највлијателни американски психолози. Студирал на колеџот во Бруклин, каде што дипломирал по три главни предмети: психологија, социологија и антропологија. Магистерски труд по психологија изработил на Универзитетот „Јејл“, каде што магистрирал во 1955 година. На истиот универзитет и докторирал од областа на психологијата, во 1959 г. По докторирањето останал да работи на истиот универзитет до 1967. Потоа една година преминал како наставник на Универзитет во Колумбија и во 1968 година, конечно, станал член на Универзитетот „Стенфорд“. На „Стенфорд“ (1968-2003), неговата главна задача била да држи воведни часови по психологија, кои со неговиот учебник „Психологија и живот“ сочинувале целина. Овој учебник бил преиздаден 19 пати.

Се пензионирал во 2003 година, но и по пензионирањето бил активен. „Ми беше задоволство што бев поканет да напишам мал есеј на страницата на Студенти бидејќи сè уште се сметам за студент по психологија - иако се приближувам кон пензионирање од мојот сакан универзитет Стенфорд“, напишал Зимбардо (Forever a student of psychology - Засекогаш студент по психологија). Во написот изнел размислувања за настани што влијаеле врз неговиот живот како студент по психологија.

Зимбардо е најпознат по едно истражување од областа на социјалната психологија, кое во литературата се наведува како Експеримент во затворот Стенфорд. „Стенфорд“ е име на еден од најпознатите универзитети во Америка и во светот. Споменатиот експеримент по социјална психологија е изведен во подрумот на одделот за психологија при Универзитетот.

Поради важноста на овој експеримент, накратко ќе го опишам. Со овој експеримент Зимбардо сакал да истражи дали бруталноста пријавена меѓу чуварите во американските затвори е последица на структурата на личноста на чуварите, односно на нивната садистичка личност или последица на затворската средина, односно на ситуацијата. Накратко, Зимбардо сакал да ја истражи улогата на ситуационите фактори наспроти улогата на диспозитивните (личносните) фактори, односно структурата на личноста, во човековото однесување.

Испитаниците биле избрани преку оглас на Универзитетската информативна табла со кој се барале волонтери за учество во истражување на психолошките ефекти од затворскиот живот. На огласот се јавиле 74 машки студенти од кои биле избрани 24, кои се сметале за психички и ментално стабилни и најмалку вклучени во антисоцијално однесување. По принципот на случајност биле распределени како „затвореници“ или „чувари“ во симулирана затворска средина. Испитаниците претходно не се познавале. На секој испитаник во експериментот му биле платени по 15 долари за времетраењето на експериментот.

Експериментот започнал во договорениот термин и тоа така што затворениците биле уапсени без претходна најава. За да изгледа постапката поуверливо, во нивното „апсење“ учествувала и локалната полиција. Во станицата, од затворениците биле земени отпечатоци на прстите и тие биле фотографирани, како што е вообичаено. Со заврзани очи затворениците биле однесени во лажниот затвор. Вратите во подрумот биле заштитени со решетки, ќелиите - мали, ѕидовите - голи.

Веднаш по приемот започнал процес на деиндивидуализација: им била дадена затворска облека, им бил врзан синџир што можел да се заклучи околу еден глужд, им бил доделен затворски број.

Била применета тактика наменета да се поттикне покорност.
Стражарите работеле во смени од по 8 часа. Иако на стражарите им било нагласено дека физичко насилство не е дозволено, сепак се нагласило дека тие треба да преземат секоја мерка за да се одржува редот и да се почитуваат наредбите.
Сѐ било наместено да личи на вистински затвор.
Експериментот е спроведен во март 1971 година, во приземјето (подрумот) на одделението за психологија при Универзитетот „Стенфорд“. Tребало да трае 2 недели, a бил финансиран од U.S. Office of Naval Research.

За многу кратко време, и чуварите и затворениците усвоиле однесување што соодветствувало на улогите што им биле доделени. Чуварите почнале да се однесуваат авторитарно и насилно, додека затворениците – покорно и пасивно. Со текот на времето вознемирувањата на затворениците се зголемиле и ситуацијата станувала полоша. Чуварите почнале да се однесуваат садистички кон затворениците, ги понижувале, додека пак затворениците станале слепо послушни. Некои од затворениците покажале знаци на психолошки стрес, па дури и на емоционален слом.

Родителите на затворениците, како и еден локален свештеник, по извршената посета, изразиле незадоволство од ситуацијата во затворот. Се појавиле мислења дека експериментот треба да се прекине. Една од најактивните за прекин на експериментот била Кристина Маслаќ, дипломирана студентка по психологија со штотуку стекнат докторат, член на истражувачкиот тим – која требало да изврши разговори со затворениците. Маслаќ била згрозена од она што го видела при посетата на затворот и го убедувала професорот да го прекине експериментот пред ситуацијата дополнително да се влоши.

Експериментот бил прекинат по шест дена поради екстремното, патолошко однесување што се појавило кај двете групи.

Главен заклучок од Експериментот во затворот Стенфорд е дека ситуацијата, а не индивидуалните особини на личноста, врши силно влијание врз човековото однесување. Таа може да ги наведе поединците да се приспособуваат на доделените улоги и да покажуваат однесувања во согласност со тие улоги, дури и ако тие однесувања го нарушуваат личниот морал.

Зимбардо ги објаснил наодите со два психолошки процеса: деиндивидуализација и научена беспомошност. Деиндивидуализација е состојба при која поединецот го губи чувството за идентитет и лична одговорност. Ова особено важи за чуварите затоа што за она што се случувало во затворот тие сметале дека не се лично одговорни: тоа била групна норма која тие ја прифатиле. Научената беспомошност, исто така, може да го објасни потчинувањето на затвореникот на чуварите. Затворениците научиле дека што и да правеле, немало ефект врз она што им се случувало.

Со овој експеримент Зимбардо станал еден од најпознатите психолози во светот. Но Зимбардо е познат и по други работи. Неговата научна работа траела со децении и опфатила широк опсег на теми: од социјален конформизам преку срамежливоста до воена социјализација. Има малку теми што тој не ги допрел во неговата обемна работа.

Ќе споменам неколку негови трудови што извршиле големо влијание врз психологијата.

Зимбардо развил инвентар на личноста што ја мери временската перспектива, за која се смета дека значајно влијае врз човековото однесување. Овој инвентар има 55 тврдења за временската перспектива и испитаниците треба да го оценат секое тврдење на 5-степена скала во поглед на тоа колку секое тврдење се однесува на нив. Тврдењата се однесуваат на ориентацијата на личноста кон минатото, сегашноста и иднината.

Во својата теорија позната како социјален интензитет внел еден теориски поим кој го нарекол синдром (Social Intensity Syndrome) со кој го опишал влијанието на воената култура врз војниците. Преку прегледи на литературата и интервјуа Зимбардо конструирал прашалник за мерење на дотогаш неистражен психолошки феномен кој може да овозможи подобар увид и разбирање на позитивните и негативните ефекти што воената култура може да ги има врз војниците во текот на службата, а и подоцна.

Ги истражувал ефектите од срамежливоста и како таа може да се третира и кај децата и кај возрасните. Основал Клиника за срамежливост за да истражува особини поврзани со срамежливоста и да обезбеди третман за срамежливо однесување, првенствено преку вежбање социјални вештини, но и преку вклучување на односните лица во социјални активности.

Во 2007 ја објавил книгата под наслов Ефектот Луцифер: Како добрите луѓе стануваат лоши во која се истражува зошто луѓето понекогаш прават лоши работи и како луѓето ја преминуваат линијата од добро кон зло, честопати без да сфатат што направиле.

Во 2008 година Зимбардо одржал серија предавања преку телевизија на тема Психологија на злото, во кои ги изнел неговите согледувања за овој проблем и дискутирал како овие сознанија можат да ги објаснат злосторствата кај Абу Грејб.
Абу Грејб (Abu Ghraib) е затворски комплекс во Ирак, во кој американската војска, по инвазијата 2003 г., ги чувала ирачките заробеници. Во затворот се вршеле најлошите видови мачења и злоупотреби.

Книгата Временски парадокс ја напишал во коавторство со Џон Бојд (John Boyd). Авторите истакнале дека Временскиот парадокс не е единствен парадокс, туку серија парадокси што ги обликуваат нашите животи и нашите судбини. На пример, истакнуваат авторите, времето е едно од најмоќните влијанија врз нашите мисли, чувства и постапки, но сепак обично не сме целосно свесни за влијанието на времето врз нашите животи.

Придонесот на Зимбардо во психологијата е поголем отколку што би се заклучило кога наодите од Експериментот во затворот Стенфорд би се третирале изолирано. Експериментот, кој симулираше затворска средина, беше дизајниран да ги проучи ефектите од моќта, стекната во дадена ситуација, врз испитаниците. Сепак, тој беше прекинат пред време поради ескалирачкото агресивно однесување на „чуварите“ кон „затворениците“. Експериментот предизвика дебата за етичките граници на психолошките истражувања. Последица на тоа е зголемен надзор на истражувачките практики. Психолошките истражувања што сега се вршат треба да поминат строга етичка контрола во врска со безбедноста и можноста да им се нанесе психолошка штета на учесниците во истражувањето, особено во студии што вклучуваат потенцијално стресни или штетни ситуации.

Неговата оставина изнесува повеќе од 500 написи, од кои над 250 се висококвалитетни трудови објавени во списанија со импакт фактор, а преостанатите се разни книги, делови од книги и сл. Таа ќе биде драгоцен извор на референции за генерациите што доаѓаат.

Цитиран е во повеќе од 84.000 написи.

Роден е во март 1933 година, а починал на 14 октомври 2024 година во својот дом во Сан Франциско, на возраст од 91 година.

Автор: д-р Томе Николоски, професор на УКИМ во пензија

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни