X
 12.03.2026 Живот

Компанија нуди 735 евра дневно за личност што по цел ден ќе ја „малтретира“ вештачката интелигенција

Ако некогаш сте изгубиле трпение со ВИ чет-бот, сега постои фирма што буквално плаќа за тоа. Една компанија нуди околу 800 долари дневно (околу 735 евра) за лице кое цел ден ќе тестира и ќе ги критикува системите на вештачката интелигенција.

Ако ВИ чет-бот некогаш ви згазнал на нерви, оваа работа може да ви донесе 800 долари за да ја „истурите“ целата таа фрустрација.

Една компанија што развива софтвер за вештачка интелигенција отвори пријави за работа од соништата - професионален критичар на вештачка интелигенција.

- Ќе поминеш цели осум часа во интеракција со водечки ВИ чет-ботови, а твојата единствена задача е да бидеш брутално искрен за тоа колку знаат да бидат фрустрирачки - стои во огласот.

Плата од 100 долари на час

Работната позиција се плаќа 100 долари на час (околу 92 евра) за смена од осум часа.

Во текот на работниот ден кандидатот ќе треба да ја тестира меморијата на популарни ВИ чет-ботови, да им дава информации што треба да ги запомнат, да проверува што забораваат, повторно да им поставува прашања и да ги документира сите интеракции.

- Луѓето мора постојано да им повторуваат на чет-ботовите. Сакавме таа секојдневна фрустрација да ја претвориме во нешто видливо - вели Мохамед Омар, основач и извршен директор на компанијата „Мемвид“.

Компанијата што стои зад огласот е ВИ стартап кој се фокусира на решавање проблеми со меморијата кај моделите на вештачка интелигенција.

Во 2024 година Омар и неговиот партнер работеле на ВИ-агент кој требало да помага при вработување на медицински персонал. Но токму тогаш откриле поголем проблем.

- Целата вештачка интелигенција живее и дише преку меморијата. Тоа е светиот грал. Но решенијата што постоеја на пазарот во 2024 беа непостојани, губеа контекст и почнуваа да халуцинираат - објаснил Омар.

Според него, ваквите проблеми се особено ризични во здравствениот сектор, каде што се работи со чувствителни податоци. Затоа основачите развиле сопствено решение за меморија на ВИ системи, а компанијата денес нуди два производи - еден за технички корисници и еден за корисници без техничко знаење.

Новиот оглас за работа е дел од стратегијата да се насочи вниманието кон проблемот со меморијата кај системите на вештачка интелигенција.

Омар вели дека засега ќе вработат една личност, но можно е подоцна да се ангажираат уште луѓе ако кампањата се прошири.

Услови за работа

Интересно е што не се бара никакво техничко знаење. Кандидатите не мора да имаат диплома по информатика, ниту претходно работно искуство. Во онлајн формуларот треба да опишат најфрустрирачко искуство со ВИ чет-бот и да објаснат зошто токму тие треба да ја добијат работата.

Другите услови се да имаат повеќе од 18 години, да имаат богата лична историја на разочарувања од технологијата и да имаат доволно трпение повеќе пати да поставуваат едно исто прашање.

Исто така, кандидатите треба да се чувствуваат удобно пред камера бидејќи компанијата планира да ги снима смените и видеата да ги користи за промотивни цели.

Омар вели дека нема официјален рок за пријавување, но очекува вистинскиот кандидат да биде избран во наредните две недели.

Извор: n1info.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот