X
 02.10.2021 Живот

Ваучери, награди, купони... Што би ги мотивирало луѓето да се вакцинираат против ковид-19?

Приближно 63 отсто од жителите во Австрија се вакцинирани барем со една доза вакцина против ковид-19.

Меѓутоа, бројот на вакцинирани на дневно ниво опаѓа во текот на изминатиот месец, а се зголемува бројот на хоспитализирани пациенти. За да се ублажи следниот бран на пандемијата или целосно да спречи, преостанува да се мотивираат невакцинираните граѓани.

Тековното, меѓународно истражување предводено од епидемиологот Ева Шернамер од Центарот за јавно здравје при Медицинскиот универзитет во Виена, во соработка со Универзитетот „Донау Кремс“, ги анализира најпопуларните стимулации за оваа намена. Резултатот? Граѓаните најмногу се мотивираат да се вакцинираат преку слободниот избор на вакцини, промотивни купони, па дури и лотарија.

Во август 2021 година вкупно 3.067 луѓе од регионот D-А-CH (Германија, Австрија, Швајцарија) учествувале во истражувањето, меѓу нив 1.019 Австријци на возраст помеѓу 18 и 90 години (просечна возраст = 48; 90 отсто помеѓу 18 и 70 години години).

Во случаен примерок, 18 отсто од учесниците во Австрија (вкупно 183 лица) изјавиле дека сѐ уште не биле вакцинирани и не биле регистрирани за вакцинација. 23,5 отсто од нив изјавиле дека би била поголема веројатноста да се вакцинираат доколку можат слободно да ја изберат вакцината, 8,7 отсто би го направиле тоа доколку добијат ваучер и 6,6 отсто би го направиле тоа доколку би учествувале на лотарија со добитни награди. Други мотивирачки причини се: вакцинација на работното место (3,8 отсто), бесплатен оброк по вакцинација (3,3 отсто) и стикер што би го направил статусот на вакцинација видлив (1,6 отсто). Мотивација биле парите, достапна орална вакцина и долгорочни студии.

vakcina
Фото: Freepik

Интересно е тоа што 15,8 отсто изјавиле дека се подготвени да се вакцинираат доколку вакцинацијата е бесплатна. Сѐ уште не е јасно од податоците дали сите луѓе навистина знаат дека вакцинацијата е бесплатна и дека може да изберат со која вакцина да се вакцинираат (во повеќето земји).

Можноста да се избере вакцина беше особено привлечна за оние со повисоко образование, додека примањето ваучер и учеството на лотарија беа привлечни за оние со пониско образование и помладите лица (18-35 години).

- Резултатите од ова истражување јасно покажуваат дека значителен дел од моментално невакцинираните луѓе во Австрија може да бидат мотивирани да се вакцинираат со соодветни стимулации - велат авторите на истражувањето.

Извор: Meduniwien.ac.at
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот