Додека повеќето градови се обидуваат да привлечат туристи со сонце, добра храна и атракции, хрватскиот град Карловац одлучи да заработува од она што временската прогноза често му го носи - маглата. Она што со години претставува метеоролошка непријатност, денес е претворено во туристички бренд, фестивал и маркетиншка приказна што им го привлече вниманието и на меѓународните медиуми.
Постои една народна изрека дека некој продава магла, кога сакаме да кажеме дека ветува нешто што не постои. Во Карловац одлучија да ја сфатат оваа идеја буквално. И, за разлика од оние што продаваат магла во преносна смисла, градот успеа од неа да создаде вистински туристички производ.
Овој хрватски град, познат како град на четири реки, поради својата географска положба често е обвиен со густа магла, која знае да се задржи со денови, па дури и со недели. Наместо да се жалат на временските услови што не му одат во прилог на туризмот, жителите на Карловац ги претворија во свој заштитен знак.
Така се родила идејата за продажба на магла како сувенир, а потоа и Фестивалот на маглата, манифестација што годинава се одржува по четврти пат и цела недела му е посветена на овој необичен природен феномен.
Од локална шега до меѓународна реклама
Зад проектот стои Морана Рожман, основачка на фестивалот, која не крие дека сè започнало како маркетиншка шега.
- Идејата за продажба на магла произлезе од народната изрека дека добро се живее од продавање магла, па решивме и ние да се збогатиме. Сè уште не сме успеале... Всушност, тоа беше герилска маркетиншка кампања за да се зголеми препознатливоста на Карловац на светската туристичка мапа - вели Рожман.
Се покажа дека шегата има многу поголем потенцијал отколку што очекуваа организаторите. Кампањата стана една од најуспешните во историјата на градот, а приказната за Карловац и неговата магла стигна дури и до Би-би-си.
Еден од производите што најдобро ја отсликуваат оваа идеја е „магла во тегла“, сувенир што туристите можат да си го земат дома. Бидејќи, кога веќе продавате нешто што е бесплатно, очигледно пакувањето и добрата приказна ја прават разликата.
Кога временската прогноза станува туристичка програма
Фестивалот не остана само на духовитиот сувенир. Организаторите создале цела програма што ги поврзува фотографијата, уметноста, гастрономијата, едукацијата и забавата.
На годинашниот конкурс за фотографии од магла учествуваа повеќе од 140 автори, а стручното жири ги избра трите најдобри дела. Во програмата се вклучија и учениците од локалното основно училиште „Дубовац“, кои подготвија едукативни плакати за влијанието на маглата врз здравјето.
Посебно внимание е посветено на фактот дека маглата сама по себе не е штетна, но во комбинација со загадениот градски воздух и зголемената концентрација на штетни честички може да придонесе за појава на респираторни проблеми.
За посетителите се подготвени и коктели инспирирани од маглата, тематска храна, работилници за изработка на сапуни и сликање, како и ноќни прошетки низ градските гробишта.
Поука од маркетингот: Не мора да имаш Ајфелова кула
Примерот на Карловац е интересен и од аспект на туристичкиот маркетинг. Градот нема потреба да изгради нова атракција, да ангажира скапи амбасадори или да организира спектакуларен настан со кој би се натпреварувал со понудата на поголемите туристички центри. Едноставно го искористи она што веќе го има, додаде малку хумор, осмисли производ и околу него изгради манифестација.
Карловац покажа дека препознатливоста понекогаш може да започне и од нешто што другите најмногу би сакале да го сокријат.
Ако се суди според интересот на меѓународните медиуми, Карловац успеа да продаде многу повеќе од магла: ја продаде идејата дека дури и најобичната локална карактеристика може да стане причина некој да го посети градот.
Извор:
BIZlife.rs
Фото:
Instagram