X
 03.10.2019 Живот

Фотографија од безброј галаксии претворена во музика

Вселената е чудесно место на многу неистражени планети и галаксии и неистражени мистерии. Но, за неа не може да се каже дека е бучна или дека фасцинира со музикалност. За да слушнеме нешто, потребна е атмосферата, односно молекули кои пренесуваат звук. Затоа во далечните празнини од вселената најчесто е тишина.

Со цел малку да ги зачини резултатите од вселенските истражувања, НАСА во март изведе еден интересен звучен перформанс при кој озвучи една своја неверојатна слика.

Станува збор за снимка која во август минатата година ја снимил вселенскиот телескоп „Хабл“, а која научниците ја нарекоа „Галактички ковчег со богатство“ поради огромниот број галаксии што може да се видат на неа.

- Секоја дамка на фотографијата всушност е галаксија во која има безброј ѕвезди - објаснија од НАСА.


Колку и да е фасцинантна снимката сама по себе, од НАСА решиле да ѝ додадат уште едно ниво на неверојатност. Така, научниците ги означиле ѕвездите и компактните галаксии со кратки и јасни звуци, а спиралните галаксии со сложени и подолги тонови.

- Времето тече од лево на десно, а фреквенцијата на звукот се менува од дното до врвот во интервал од 30 до 1.000 Hz. Објектите што се наоѓаат на дното од сликата произведуваат ниски тонови, додека оние што се наоѓаат на врвот создаваат повисоки - објаснија од НАСА.

Иако музиката на почетокот звучи малку морничаво, подоцна се претвора во прилично убава мелодија, особено на средината од сликата каде што се наоѓа галактичкиот кластер RXC J0142.9 + 4438.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот