X
 30.07.2021 Наука

Пронајден доказ за водена пареа на месечина на Јупитер

Група научници тврдат дека е пронајден првиот доказ за водена пареа во атмосферата на Ганимед, една од месечините на Јупитер. Научниците го откриле доказот користејќи податоци од телескопот „Хабл“ на американската вселенска агенција НАСА, пренесува „Фјучуризам“.
Доколку е точно, откритието ќе ја зајакне теоријата дека на месечината има услови за живот.

Веќе се знаеше дека на Ганимед, која е најголемата месечина во нашиот Сончев Систем, има големи количини воден мраз. На Ганимед има повеќе вода од количеството вода во сите океани на Земјата, според НАСА. Меѓутоа, во нов труд објавен во „Нејчр астрономи“ се покажува доказ за водена пареа, што е резултат на сублимација на мразот од површината на месечината.

Во трудот се наведува дека во атмосферата на Ганимед речиси нема атомски кислород, иако претходно било претпоставувано спротивното. Меѓутоа, на месечината има молекуларен кислород, кој се создава кога наелектризирани честички ја ронат замрзнатата површина.


Водената пареа што била забележана доаѓа од сублимацијата на мразот предизвикана од термичкото излегување од топлите делови од замрзнатата површина, објаснил научникот Лоренц Род.

Можеби ќе добиеме повеќе информации за откритието наскоро бидејќи Европската вселенска агенција планира да испрати летало до месечините на Јупитер.

Извор: Futurism
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука