Научниците од Универзитетот во Чикаго ги анализирале податоците за илјадници луѓе родени кон крајот на 19 век и дошле до интересен заклучок. Имено, лицата родени во септември, октомври и ноември многу почесто доживуваат длабока старост отколку оние родени во пролет.
Ова не е изолирано тврдење бидејќи сличен образец е забележан и во други големи истражувања спроведени на популации.
Што покажало истражувањето на Универзитетот во Чикаго?
Најдеталната анализа потекнува од истражувањето „Месецот на раѓање и исклучителната долговечност: Анализа во рамките на семејството“, спроведена од демографите Леонид А. Гаврилов и Наталија С. Гаврилова од Универзитетот во Чикаго.
Во истражувањето биле вклучени 1.574 регистрирани стогодишници родени меѓу 1880 и 1895 година. Целта била да се елиминираат влијанијата на генетиката и семејната средина. Затоа, стогодишниците биле споредувани со нивните најблиски крвни роднини кои не доживеале длабока старост.
Резултатите покажале дека родените во октомври имаат најголема веројатност да станат стогодишници, по нив следуваат оние родени во септември и ноември. Најниска веројатност била забележана кај луѓето родени во март, мај и јуни. Разликите достигнувале и до 40 отсто помали шанси за долг живот кај лицата родени во пролет.
Зошто месецот на раѓање би имал врска со долговечноста?
Научниците нудат неколку објаснувања и ниту едно не е поврзано со хороскоп, туку со биологија и услови во раното детство.
Сезонски инфекции
Бебињата родени на почетокот на есента влегуваат во период кога започнува сезоната на респираторни вируси.
Родителите природно се повнимателни, што ја намалува изложеноста на новороденчињата на ризични инфекции. Раната изложеност на сериозни болести во детството е поврзана со пократок животен век.
Витамин Д и хормонални промени за време на бременоста
Бременост што се одвива во текот на летото ѝ обезбедува на мајката повеќе сончева светлина и витамин Д, што поволно влијае врз развојот на фетусот.
Ова може да придонесе за посилен имунитет и помала склоност кон хронични болести подоцна во животот.
„Фетално програмирање“
Станува збор за концепт според кој условите во мајчината утроба и во првите месеци од животот долгорочно влијаат врз здравјето.
Истражувањето наведува дека сезонските фактори како исхраната, температурата, инфекциите и сончевата светлина можат да остават „трага“ што влијае врз долговечноста.
Други истражувања го потврдуваат истиот тренд
Овој феномен не е карактеристичен само за една популација. Голема анализа на историски податоци (1700-1899) покажала дека луѓето родени наесен во просек живееле подолго од оние родени во пролет. Авторите нагласуваат дека образецот може да варира во зависност од регионот, но дека на северната хемисфера е исклучително стабилен низ вековите.
Дали ова значи дека судбината е одредена со месецот на раѓање?
Не. Научниците истакнуваат дека месецот на раѓање е само еден мал фактор во комплексната равенка на долговечноста. Генетиката, начинот на живот, исхраната, грижата, здравството и социјалните фактори имаат многу поголемо влијание. Сепак, интересно е што сезонските разлики во раниот живот можат да имаат долгорочни последици што траат цел век.
Извор:
Nova.rs
Фото: Freepik