X
 05.04.2022 Издвојуваме

Тодор Митушевски од Велес ја донира својата пензија во хуманитарни цели

Верував во системот сѐ до 2005 година кога се пензионирав и дознав дека ќе добивам пензија од 3.630 денари. Не можев да поверувам дека за 22 години работен век во Македонија не заслужив да добијам една пристојна пензија. Затоа решив овие пари да ги донирам за оние на кои им се навистина потребни, вели тој

„Скромен човек кој никогаш не проговорил за својата хуманост и човек кој упорно се труди да им помогне на сите. Како пчелите на кои им го посветува животот, неосетно ја храни вербата во човекот и надежта за поубав свет.“
Со овие зборови Општина Велес му се заблагодари на Тодор Митушевски за неговата хуманост, доделувајќи му ја наградата за хуманист во 2017 година.
Пет години подоцна, чичко Тодор сѐ уште се грижи за пчелите и од ден на ден ја храни вербата на човекот помагајќи буквално секаде каде што ќе стигне.

Повеќе од 15 години скромниот Тодор Митушевски од Велес, кој ретко сам да се пофали за својата хуманост, секој месец одвојува по 1.500 денари за македонската црква, а во последните пет години на почетокот од секој месец уплаќа и по 1.000 денари на сметката на Црвениот крст во Велес.



- Убаво би било луѓето да се завртат зад себе и да видат дали можат и на кого можат да му помогнат. Не треба да ги жалат парите, тие се заработуваат, но на некого и најмалата помош може да му значи многу - вели Митушевски во својата порака до сите хумани луѓе, додека секој месец одвојува дел од својата пензија за донации на неколку места.

За да имаме емпатија кон другите луѓе и кон нивната мака, велат дека треба на свој грб да сме ја почувствувале, во случајов тешкотијата на најсиромашните. Чичко Тодор ја почувствувал немаштијата на свој грб кога пред повеќе од две децении заедно со сопругата останале без работа, и тоа во време кога двете ќерки му студирале. Верувал во системот сѐ до 2005 година кога се пензионирал и дознал дека ќе добива пензија од 3.630 денари.

- Не можев да поверувам дека за 22 години работен век во Македонија не заслужив да добијам една пристојна пензија. Затоа решив овие пари да ги донирам на оние на кои им се навистина потребни. Мене не ми значат тие пари, а некому му значат многу. Со години уплаќам на сметката на црквата, додека во последните пет години му помагам и на Црвениот крст. Има многу луѓе на кои им е потребна помош, но има малкумина што ја даваат. Се случува да ми се јават луѓе на кои им е потребна поголема помош, па ако не можам финансиски да им помогнам, тогаш се обидувам да им помогнам логистички, да ги упатам каде и како може да им се помогне - раскажува Тодор, на кого хуманоста му е утеха дека неговите 22 години стаж во Македонија не биле залудни.



Тој успеал да замине во Словенија и таму бил две децении на печалба, па благодарение на тоа, Митушевски добива пристојна пензија која е доволна за него и неговото семејство.
Ако ги прашате велешани, повеќе од половина од нив не слушнале за него, но тоа е така затоа што чичко

Тодор никогаш не проговорил за неговата хуманост и никогаш не се пофалил што прави. Вели дека не сака неговите дела да го одвојат од обичните луѓе. Помага, а не прашува каде и зошто. Во некои случаи знаел, за некои не знае, ниту сака да дознае затоа што најважно му е да помогне.

Тој добил неколку признанија од Црвен крст и од хуманитарни организации. Но, наградите не му значат многу. Срцето му е полно секогаш кога донира. Активен е со донации во Нула гладни и постојано донира по потреба за деца по телефон.

- Мене ми е најважно да му се помогне некому. Луѓето нека не ги жалат парите. Оние што можат да си дозволат, нека дадат барем 100 денари затоа што некое семејство со толку пари го минува цел ден - истакна тој.

Пензионерските денови Тодор ги минува заедно со своето семејство, подалеку од градската врева, во околината на велешкото село Мартолци. Се занимава со полјоделство, работи на свои иновации и постојано размислува како да им помогне на луѓето што се на работ на егзистенција.
Вработените во општинскиот Црвен крст се воодушевени од неговиот хуман гест и не паметат дека некој континуирано одвојувал од своите приходи за време на 30-годишното постоење на организацијата.

- Тодор е вистинска реткост. Секој месец, од први до трети, тој уплаќа пари во фондот за солидарност на општинската организација на Црвен крст, а тие средства се наменуваат за семејства кои се на работ на егзистенцијата. Неговиот гест им влева надеж на луѓето, а тој не се пофалил за тоа. Благодарни сме му многу за сите донации - истакна Орце Николов од Црвениот крст во Велес.



Тодор ќе продолжи да дава. На младите им остави порака дека емпатијата и љубовта кон луѓето изразени преку хумани гестови може да ги надминат сите бариери и дека само на тој начин може да се одржи надежта за поубав свет.

Фото: Приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме