X
 05.08.2026 Живот

Колумна: Науката за мир и развој - знаење што го менува општеството

Малкумина знаат дека во Македонија, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, веќе три децении постои научната област Мир и развој, во која се образуваат кадри на додипломски, специјалистички, магистерски и докторски студии.

Науката за мир и развој е современа интердисциплинарна научна дисциплина што ги проучува причините за конфликтите, начините за нивно мирно разрешување, лидерството, човековите права, демократијата, одржливиот развој, образованието, психологијата, безбедноста и културата на мирот. Нејзината цел не е само да ги анализира проблемите, туку и да создава модели, политики и практики што придонесуваат за похумано, поправедно и поразвиено општество.

Имав чест и привилегија да ја изучувам оваа научна област низ сите три степени на постдипломското образование - специјалистички, магистерски и докторски студии. Тоа беше повеќе од академско образование; беше процес што го обликуваше мојот професионален и животен поглед.

Во текот на студиите изработив научни трудови на темите: „Со поттикнати дискусии до ненасилна комуникација“, „Справување со конфликтите со модел на интерактивно конфликтно партнерство“, „Лидерството во мултикултурни образовни средини“ и „Управување со човечките ресурси во кризи“, како и ја објавив книгата **„Лидерството и мирот“**, покрај други научни трудови. Тие не останаа само во библиотеките. Имав можност да ги применам во практиката како психолог, директор на основно училиште и обучувач на директори и наставници. Најголемата вредност на науката е кога знаењето се претвора во конкретни промени што го подобруваат животот на луѓето.

И денес продолжувам да создавам програми, прирачници, модели и иновативни пристапи за унапредување на образованието, лидерството, ненасилната комуникација, психосоцијалната поддршка и културата на мирот. Верувам дека науката не треба да остане затворена во амфитеатрите и научните списанија, туку да стане дел од секојдневната практика – во училиштата, институциите и локалните заедници.

Верувам и се надевам.

Верувам дека секоја книга, секој научен труд, секој прирачник, секоја програма и секоја добра идеја го наоѓаат својот пат. Понекогаш тоа се случува брзо, а понекогаш по многу години. Но кога се создадени со знаење, искреност и љубов кон човекот, тие оставаат трајна вредност.

Мирот не е случајност и не е само тема за говори на свечени настани.

Тој се учи, се гради и се развива. Затоа науката за мир и развој, покрај тоа што е академска дисциплина, претставува и начин на размислување, начин на живеење и визија за иднината. А најголемата инвестиција што едно општество може да ја направи е инвестицијата во знаењето, човекот и мирот.

Автор: Весна Дамчевска Илиевска, доктор по мир и развој

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот