Научничка што работела за НАСА тврди дека дури трипати била на работ на смртта – и секојпат доживеала идентично искуство од задгробниот живот.
Ингрид Хонкала, 55-годишна жена од Богота, вели дека низ три одвоени искуства блиски до смртта, на возраст од 2, 25 и 52 години, го видела истиот „простор на свеста“ кој засекогаш ѝ го променил погледот на животот и смртта.
Првото искуство се случило кога како дете паднала во резервоар со студена вода во својот дом. Второто било при сообраќајна несреќа со мотоцикл, а третото за време на операција кога нагло ѝ паднал крвниот притисок.
Почувствував целосен мир
И покрај подоцнежната кариера во науката – докторирала морска биологија и работела за НАСА и за американската морнарица – токму првото искуство, она од раното детство, ѝ оставило најдлабока трага. Вели дека додека тонела во студената вода, не почувствувала паника, туку целосен мир.
-Наместо страв, ме преплави длабок мир. Имав чувство како мојата свест да се одвои од телото. Следните сеќавања не беа од физичкиот свет, туку од проширената состојба на свеста - вели таа.
Се сеќава дека го видела своето тело како безживотно плови по водата.
- Се сеќавам дека го видов моето тело како безживотно плови. Во тој момент повеќе не се чувствував како дете во телото, туку како чиста свест, поле на свесност и светлина. Немаше чувство за време, страв, ниту мисли. Постоеше длабоко разбирање дека сè е меѓусебно поврзано. Чувствував целосно единство со самиот живот, како да исчезнале границите што вообичаено нè дефинираат. Тоа беше како нурнување во огромна интелигенција исполнета со љубов, јасност и мир - објаснува таа.
Комуницирав со мајка ми на далечина
Хонкала тврди дека за време на тоа искуство успеала да комуницира со мајка си, која се наоѓала неколку улици подалеку.
-Иако имав само две години, тоа искуство остави длабока трага во мојата свест. Се сеќавам дека ја видов мајка ми неколку улици подалеку додека одеше на новата работа. Се сеќавам дека ја препознав и си помислив „тоа е мојата мајка“. Во тој момент се чинеше дека постои облик на комуникација меѓу нас, не преку зборови, туку преку свеста - вели Хонкала.
Подоцна, кога за тоа разговарала со мајка си, нивните сеќавања целосно се совпаѓале.
- Кога стигнала, го пронашла моето тело во резервоарот со вода во кој се удавив. Куќната помошничка што требаше да нè чува била во друга просторија и слушала радио, па немала поим што се случило.
Истото сценарио се повтори уште двапати
Хонкала истакнува дека уште двапати имала блиска средба со смртта – во сообраќајна несреќа со мотоцикл на 25 години и за време на операција во 52. година кога нагло ѝ паднал крвниот притисок. Во двата случаи се вратила во истата состојба на мир и „проширена свест“. Една од клучните последици на овие искуства е целосното исчезнување на стравот од смртта.
-Од тој момент повеќе не се плашев од смртта. Искуството ми покажа дека она што го нарекуваме задгробен живот не е некое оддалечено место. Повеќе наликуваше на влегување во подлабок слој на реалноста кој постои надвор од нашите физички сетила -вели таа.
Додава и дека со текот на времето имала средби со она што го опишува како „суштества на светлината“.
-Како што растев, продолжив да имам необични духовни искуства, вклучувајќи средби со она што подоцна го опишав како „суштества на светлината“ – светлосни присуства кои комуницираат преку свеста, а не со говор.
Науката и духовноста – спротивставени или поврзани?
Интересно е што токму тие искуства делумно ја насочиле кон науката.
-На многу начини моите искуства ме однесоа кон науката. Сакав да ја разберам природата на реалноста преку набљудување и истражување. Долги години бев речиси целосно посветена на научната кариера и ретко јавно зборував за моите духовни искуства.
Со текот на времето почнала поинаку да гледа на односот меѓу науката и духовноста.
- Со текот на времето сфатив дека науката и духовноста не мора да бидат во конфликт – можеби само ја истражуваат истата мистерија од различни перспективи - вели Хонкала.
Скептиците имаат друго објаснување
Иако дел од скептиците сметаат дека нејзините искуства се резултат на екстремен физички стрес низ кој поминувало телото, Хонкала ги отфрла таквите толкувања.
-Овие искуства го променија моето сфаќање за животот. Наместо да се гледаме себеси како изолирани поединци кои се борат за опстанок, почнав да верувам дека сме изрази на свеста кои го доживуваат животот низ физичка форма. Од таа перспектива, смртта не е крај на постоењето, туку како премин во рамките на континуитетот на свеста. Низ овие искуства стекнав чувство дека животот на најдлабоко ниво никогаш навистина не престанува – свеста продолжува - вели Хонкала.
Фото: принтскрин/јутјуб