За да бидете сити, задоволни и полни со енергија по оброкот, важно е да ја поттикнете дигестијата од моментот кога храната ќе влезе во вашата уста. Но, дали пиењето вода за време на јадењето му помага на тој процес или му штети?
Гастроентеролози објаснуваат што навистина се случува во нашето тело и дали треба да пиеме вода со оброкот.
Дигестивниот систем е одговорен за разградување на храната
- Разбирањето на она што помага или му штети на варењето е клучно за целокупното здравје. Дигестивниот систем е одговорен за разградување на храната во хранливи материи кои му се потребни на телото за да функционира - вели д-р Росарио Лигрести, раководител на одделението за гастроентерологија во Медицинскиот центар на Универзитетот „Хакенсак“.
Кога дигестијата добро функционира, се чувствувате најдобро. Кога не функционира, тоа може да доведе до непријатни симптоми како надуеност, гасови и запек, и да влијае врз нивото на енергија, па дури и врз расположението, додава тој.
-Во тенкото црево се одвива вистинската апсорпција на хранливите материи. Храната се меша со жолчката од црниот дроб и дигестивните ензими од панкреасот, а хранливите материи се апсорбираат преку ѕидовите на цревата во крвотокот - објаснува д-р Шах. На крајот, во дебелото црево се реапсорбира водата, а остатокот се исфрла од телото 10 до 59 часа по јадењето.
Водата е најдобриот пријател на дигестивниот систем
Дали пиењето вода за време на оброкот му помага на варењето или го попречува?
-Краткиот одговор е: водата е најдобриот пријател на дигестивниот систем, а пиењето вода за време на оброкот е безбедно и корисно за повеќето луѓе - вели д-р Шах.
Водата помага храната полесно да помине низ хранопроводот и да стигне до желудникот, ја омекнува храната и го олеснува нејзиното разградување и апсорпцијата на хранливите материи.
-Замислете го тоа како додавање вода во густа супа за полесно да се промеша. Освен тоа, водата штити од запек бидејќи дебелото црево го апсорбира вишокот течности - сликовито појаснува д-р Лигрести.
Пиењето вода помеѓу залаците создава природна пауза
-Тоа ви дава момент да ги проверите сигналите за глад и ситост, што може да спречи да се прејадете. Водата помага во растворање на витамините и минералите од храната, овозможувајќи му на телото поефикасно да ги апсорбира - вели д-р Шах.
Фото: freepik