Дали некогаш сте се запрашале зошто некои места нè привлекуваат со посебна сила, додека други веднаш ги забораваме? Зошто се враќаме на истата дестинација со иста страст, и по десетти пат, иако светот е полн со нови, неоткриени локации? Одговорот не е само во убавината на местото, туку во емоциите што тие патувања ги разбудиле во нас и во навиките што несвесно ги повторуваме.
Моќта на мирисот
Кога првпат ќе посетиме ново место, нашиот мозок ги поврзува мирисите, звуците и вкусовите со чувствата што сме ги доживеале таму. Мирисот на лаванда може за миг да нè врати во дворот на нашата баба, а мирисот на топол леб во некоја скриена пекарница од детството. Тоа се случува бидејќи сетилото за мирис е директно поврзано со делот од мозокот кој управува со емоциите. Губењето на ова сетило дури се поврзува со појава на депресија, толку е силна врската меѓу мирисите и спомените.
Денес, фотографиите што ги објавуваме на социјалните мрежи не се само спомени, туку и емотивни потсетници што го разгоруваат копнежот по враќање. Истражувањата покажуваат дека гледањето стари фотографии од патувања предизвикува позитивни емоции и засилена желба повторно да се посети истата дестинација. Носталгијата, иако понекогаш проследена со тага, нè смирува и ни дава чувство на сигурност. Многумина се враќаат на местата од детството токму поради таа безгрижност и спокој.
Кога дестинацијата станува втор дом
Некои места престануваат да бидат само „локација на мапа“ и стануваат втор дом. Таму веќе не сте турист туку станувате препознатливо лице, некој што локалниот сопственик на кафеаната ќе го поздрави со насмевка. Ова чувство на припадност се создава преку повторни посети и го зајакнува емоционалното врзување со просторот.
И следниот пат кога ќе се фатите себеси како пак резервирате патување на истото место, треба да знаете дека тоа не е случајност. Срцето ве води онаму каде што се чувствувате како дома.
Извор:
Vecernji.hr
Фото: Freepik