X
 17.06.2025 Живот

Овие авиокомпании важат за најбезбедни, а некои од нив никогаш немале фатална несреќа

Авионската несреќа што се случи во четвртокот во индискиот град Ахмедабад, во која загинаа 241 лице кои беа патници во авионот и 30 лица кои се наоѓале во објектот на кој авионот падна, е најсмртоносната во последниве 29 години. 

Интересно е што најтешката несреќа пред оваа се случила исто така во Индија, во 1996 година. Тогаш, над едно село близу Њу Делхи се судриле два авиона, „боинг 747“ на саудиската авиокомпанија „Сауди Арабијан ерлајнс“ и „илушин ил-76“ на „Казахстан ерлајнс“. Загинале сите 349 патници и членови на екипажот. Иако несреќата се случила во Индија, индиски авиопревозници не биле вклучени, за разлика од последната трагедија каде што главен актер е „Ер Индија“.

Колку е безбедно да се лета со оваа авиокомпанија? Според веб-страницата „Ерлајн рејтингс“, чии анализи важат за најрелевантни кога станува збор за рангирање според безбедност, индискиот превозник до неодамна котирал многу добро. Во својата историја долга 78 години имал само еден фатален инцидент, ако не се смета овој последниот.

А со кои авиокомпании е најбезбедно да се патува?

Оваа година титулата за најбезбедна авиокомпанија ѝ припадна на „Ер Њу Зеланд“, и тоа втора година по ред. За првото место, оваа новозеландска авиокомпанија редовно се натпреварува со својот австралиски сосед „Квантас“, кој ја понесе истата титула и во 2022 година. Заедничката карактеристика на овие компании е посветеноста на деталите. На пример, „Квантас“ има сопствен центар за безбедносни истражувања и користи најсовремени аналитички системи за предвидување дефекти, додека „Ер Њу Зеланд“ редовно вложува во симулациска обука за пилоти и напредни системи за контрола на летот.

Меѓу 11. најбезбедни авиокомпании во 2025 година доминираат превозници од Азија, Пацификот и Блискиот Исток. Но и европските авиокомпании постигнале добри резултати, заземајќи седум од првите 25 места на листата за безбедност.

„Туркиш ерлајнс“ е прогласена за најбезбедна авиокомпанија во Европа, рангирана на 13. место глобално, со највисока оцена, седум ѕвезди. Иако лета до повеќе дестинации од која било друга авиокомпанија во светот, „Туркиш ерлајнс“ немала фатална несреќа од 2009 година, кога „боинг 737“ се урнал при слетување во Амстердам. Тогаш загинале девет лица, додека 126 преживеале.

Минатата година „Туркиш ерлајнс“ доби и награди за извонредна услуга во лет, а е добитник на признанието „Светска класа“ од АПЕКС. Исто така, „Скајтракс“ ја прогласи за најдобра авиокомпанија во Европа.

Втор најбезбеден европски превозник е „ТАП Португалија“, кој се наоѓа на 14. место глобално. „ТАП“ нема загубено ниту еден патник од 1977 година.

Во втората половина од листата се најдоа и другите европски компании:

– „САС“ на 16. место
– „Бритиш ервејс“ на 17. место
– „Иберија“ на 18. место
– „Финејр“ на 19. место
– „СВИС“ на 20. место.

Извор: Vecernji.hr 
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот