X
 06.08.2025 Наша тема

Кој ќе отстранува експлозиви: Во Македонија останаа двајца пиротехничари кои немаат ниту возила за работа

Отстранувањето запаливи и опасни воени орудија, експлозивни материјали и бомби е втора најопасна работа во светот, а во Македонија сега официјално ја работат само двајца пиротехничари.

Во Дирекцијата за заштита и спасување работеа седуммина пиротехничари пред неколку години, но по пензионирањето на раководителот на тимот, Ефтим Митров, останале само двајца колеги, по еден во Штип и во Битола.

Пред три години Митров за Факултети.мк откри колку е опасна оваа професија, колку не е ценета, односно не следуваат бенефиции, и колку е запоставена од системот кој не сака да вработи млади пиротехничари за да се обучат и да ги наследат постарите. Три години подоцна Ефтим вели дека ништо не се сменило, односно дека ситуацијата е полоша.

- Институцијата се претвори во Дирекција за предизвикување општа опасност, барем во нашиот оддел. Ние бевме седуммина, сега останаа двајца, а не примија никој да обучам во меѓувреме, ниту пак нѐ ангажираа на договор на дело - рече Ефтим.



Според него, апсењето на неколкумина директори во врска со истрагата за трагедијата во Кочани докажало колку е гнила институцијата Дирекција за заштита и спасување и колку не се внимавало на условите за работа на вработените.

- Сега има колеги во Штип и во Битола, но апсурдот е што немаат возила. Во Штип нема возило, неисправно е три години, а во Битола шест месеци му се пукнати гумите на возилото. Реално нема никој во моментов. И со тие двајца не се покрива целата територија на Македонија. По сите норми треба да се 15, а ние бевме 7. Сега се двајца, а за две години еден од нив ќе оди во пензија. Ќе остане еден, а тој треба да оди на одмор, кој ќе работи? Ангажираат еден кој нема решение за пиротехничар, а беше инспектор за пожари. Тој оди на интервенции, а не смее. Во моментов е многу лоша состојбата - открива Митров.


Тој ја тужи ДЗС за неисплатена прекувремена работа затоа што не добил ниту денар кога работел за викенди или празници.

- Ние си отидовме, си формиравме здружение на пиротехничари и нѐ бараат за помош од изведувачот на автопатот Прилеп-Битола, „Бехтел и Енка“. Таму досега околу 400 гранати се извадени, тоа е на линија на фронтот - истакна Ефтим.



Пиротехничкиот тим 19 години се бори за своите права затоа што работи без елементарни услови. Втората најризична професија во светот мора да следи меѓународна оперативна процедура, но нашите деминери работеле без неа 13 години. Според овие процедури, тимот мора да има заштитна опрема и специјално возило за транспорт кое мора да биде со приколка на отворено во случај при експлозија млазот да оди вертикално.

- Секое средство испукано од цевка не смее да се поместува од место, а камоли да се транспортира. Ние немаме опрема за уништување на самото место, па го ризикуваме животот и ги транспортираме со обични возила. 16 години се надеваме на среќа да не дојде до несреќа – вели Митров.

Во таа борба да си го најдат заслуженото место под сонцето, пиротехничарите успеале да променат дел од законот и идните колеги да имаат бенефициран стаж и додаток од 30 % на плата поради ризикот што го носи работата.



Струмичанецот Митров 17 години работел во Армијата и по струка е инженерец кој работел само со експлозиви. Се префрлил во ДЗС со цел да помогне да се пронајдат што повеќе средства.

- Велат дека едната грешка е кога ќе ја изберете оваа професија, а втората е кога ќе се згреши на терен. Јас имам една друга теорија. Може да направам три грешки, првпат, последен пат и никогаш повеќе. Во нашата работа грешката е минимум траен инвалидитет. Ако е рачна бомба, ќе бидете инвалид, ако е граната, тогаш ве нема – го отслика Митров ризикот на оваа професија.

Пиротехничарот нема најлесна ситуација, а тешки колку сакаш. Меѓу нив и вадењето на 12.300 гранати од Битола кои, за среќа, немале запалки. Една од најтешките ситуации на Митров бил транспортот на околу 400 гранати со оксидирани запалки во лоша состојба. При транспортирањето со возилото една од запалките почнала хемиска реакција која, за среќа, не завршила докрај.

- Ова е нашето секојдневие: кога се движиме по патот, ние сме како темпирани бомби. Кога ќе отидам на терен, не се враќам без минимум десет. Се разминуваме со возила, но луѓето не знаат дека се шетам со 6-7 килограми експлозив под седиште. Ако полицијата нѐ сопре, може по закон да нѐ приведе затоа што не работиме по прописи. Немате опција да избегнете населено место, а тоа треба да го правите според протокол. Ти знаеш дека не смееш да ја возиш, но ја возиш за да не загине друг. Не дај боже да се случи сообраќајка, ти гинеш во експлозија, а осигурувањето нема како да те покрие затоа што си возел на црно - ги раскажа Митров искуствата на тимот кој морал да одговори на секој повик и е во приправност 24 часа, било да се работи за алансер од автомобил или МП3-плеер за кој луѓето мислеле дека е бомба. 



По бројот на жители и површина, Македонија е најзагадена со неексплодирани експлозиви затоа што била на главната линија на Солунскиот фронт од Првата светска војна, кој бил долг 110 км и широк 10 км. Ги има најмногу во Гевгелија, Дојран, Богданци, Битола, Ресен, Охрид, а овој терен го покриваат само двајца пиротехничари.

Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема