Со ликовните тенденции на прикажаното дело, уметницата
Барбара Хепворт (родена во Вејкфилд, Англија, 1903-1975) спаѓа во редот на доајените на британските скулптори. Во контекст на историјата на уметноста, почнувајќи од периодот на 20 век, скулптурата ги истражува сопствените достигнувања во поглед на димензии и големина во однос на просторот и стилот. Имено, модерната органска скулптура претставува оддалечување од традиционалното реалистичко прикажување и обид да се доловат универзални идеи на раст, движење, рамнотежа и поврзаност со природата.
Во своите скулптури Барбара Хепворт јасно ги покажува сериозните тенденции кон чистата форма, создавајќи синтеза на природата или меките линии и самиот заоблен облик кој природно се слева при креирањето на целината. Тука воопшто не станува збор за класично сфаќање на скулптурата, туку за едно органско единство на комбинацијата од човечко тело и пејзаж. Нејзините отвори во скулптурите не се само декоративни, тие го поврзуваат делото со воздухот, светлината и просторот околу него.
Меѓутоа, во истражувањето на соодносот и хармонијата носечки фактор е примената на природни материјали поради нивната текстура и структура, како што се: камен, дрво, бронза; директно го резбала материјалот, следејќи ја неговата природна структура, ненаметнувајќи ја својата идеја врз него. Една од нејзините познати изреки е: „Скулптурата треба да го изразува односот помеѓу човекот, природата и просторот“ - идеја што речиси се провлекува и чувствува во сите нејзини дела. Сето ова не значи нејзина поделеност, туку нејзин интегрално сфатен однос, целина на масата и формата што во браздести напластувања и блага линеарност го прави единствениот визуелен впечаток.
Што се однесува до идејната филозофска страна, тука можат да нѐ упатат самите имиња на творбите: „Река форма“, „Фигура за пејзаж“, „Камен скулптура“, „Градина скулптура“, „Комуникација меѓу магични камења“, „Форми во движење“ и др. На овие изрази се заснова сета ликовно-мисловна преокупација на Херпворд. Прво, сите нејзини скулптури наместо со остри агли и совршена симетрија, се изразени со меки линии, заоблени форми и природен тек, како да се создадени од самата природа. Нивната амбиенталност е совршено претопена во природниот простор (градина, парк), варирајќи во оптичките ефекти при посматрањето на делото од разни страни, што секако придонесува за живиот впечаток, и најпосле очигледната тенденција кон издигнување на таа наједноставна, овална, чиста форма на повисок степен, до општите и сеопфатни форми на симболичното.
Особено во скулптурата под наслов „Комуникација меѓу магични камења“ визуелно е јасна индикацијата кон формалната конфигурација како основа на овие дела, асоцирајќи на некаков, би рекла, модерен тотемизам, и притоа генерално сите тенденции може да се сфатат како нејзин основен печат и стремеж. Појдовната карактеристика на нејзините дела е концептот на “pierced form” - пробиена форма. Нејзиното третирање на празнината не претставува отсуство на материја, туку активен елемент на композицијата. Имено, отворите во нејзините скулптури создаваат динамичен однос меѓу внатрешниот и надворешниот простор, дозволувајќи светлината и околината да станат дел од делото. Тука станува збор за, би рекла, априорно органска апстракција, во која формите будат реминисценции на коски, школки, карпи и делови од човечко тело, без директно да ги имитираат.
Слично како кај Ханс Арп и Хенри Мур, во поширок контекст делата на Барбара Хепворт претставуваат обид за помирување на човекот со природата по драматичните општествени промени на 20 век. Таа се обидува да ги задржи праисконските импулси низ скулптурите кои не раскажуваат приказни, не прикажуваат конкретни реалистички настани; при набљудувањето тие создаваат простор за контемплација, тишина и духовна поврзаност. Токму затоа денес се смета дека таа е една од најмаркантните уметници во светот што ја трансформирале модерната скулптура од предмет во концепт на простор, светлина и форма.
Автор: Марија Стојческа, историчар на уметност