X
 07.07.2023 Наша тема

Елена Настеска - од правење куќи за Барби до „Инженерски прстен“ и првенец на генерација на Архитектонскиот факултет

Младите архитекти ја имаат таа привилегија да ја создадат реалноста така како што ја замислуваат, да го изградат светот во поубаво и посигурно место за живеење, вели Настеска

Додека нејзините врсници кроеја планови да заминат да студираат надвор, а сега и да работат во странство, првенец на генерацијата во сите студиски години на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје, Елена Настеска, одлучи да студира во Скопје и да остане да работи во Македонија. Таа вели дека никогаш не размислувала да студира во странство, доаѓа од Кичево и е многу благодарна на нејзините родители што ѝ овозможиле да студира во Скопје. 

Таа е меѓу 12. најуспешни дипломирани инженери што годинава го добија признанието „Инженерски прстен“ од претседателот на државата Стево Пендаровски. Во моментот работи како архитект во приватна фирма во Скопје и вели: „Моите досегашни знаења сакам да ги искористам за развој и напредок на архитектонската професија во Македонија“.



Тежнее кон архитектура која во преден план го има човекот

Ја прашавме што е она што како млад архитект најмногу ѝ пречи во државата и што би променила?

- Недоволната употреба на новите технологии во овој современ свет е главната препрека за развој на нашите градови. Она што најмногу ми пречи не само во Скопје, туку и во цела Македонија е урбаната мафија и лошиот урбанизам, како резултат на несоодветните закони и акти на надлежните органи во државата. Секое парче земја сега има цел да придонесе кон економски развој, а не развој на квалитетна урбана зелена средина како во европските градови, каде што во прв план секогаш е човекот и неговата благосостојба - вели Настеска.

Смета дека задачата на архитектите и на сите инженери е преку нивната креативност и иновативност да создаваат архитектура за човекот и во служба на неговата безбедност и здравје, заштита на животната средина, почит и заштита на културното наследство, но и создавање уште подобри услови за живеење.

- Токму затоа им препорачувам на младите да студираат архитектура. Таа е една мултидисциплинарна професија преку која младите ја имаат таа привилегија да ја создадат реалноста така како што ја замислуваат, да го изградат светот во поубаво и посигурно место за живеење - додава Настеска.



Архитектонскиот факултет го заврши со просек 9,58

Елена го заврши Архитектонскиот факултет во октомври 2022 година со одбрана на магистерската теза и со вкупен просек од 9,58, за што ги доби и признанијата за првенец на генерација во сите студиски години, како и последното признание за најдобро дипломиран студент на Архитектонскиот факултет за учебната 2021/22 од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Тука е и наградата „26 Јули“ за најдобар студент во учебната 2020/21 од областа на архитектурата. Круна на сѐ е „Инженерскиот прстен“ доделен од претседателот Пендаровски.

- Признанието „Инженерски прстен“ ми претставува поттик за понатамошно усовршување и мотивација за чекорење кон следното скалило од професионалниот успех, како и афирмација на мојата посветеност и вложен труд низ годините. Чест и задоволство ми е што бев дел од еден ваков настан и што сум добитник на наградата, за која претседателот посочи дека е потсетник за обврската да не се отстапува од високите професионални и етички стандарди на струката - вели Настеска.

Изложбите на сработените проекти на крајот од семестрите се едни од најсреќните студентски моменти

Високиот просек и навременото завршување на испитите и проектните задачи барале одредени откажувања од милион мали слатки задоволства, како и многу непроспани ноќи, но упорноста на крајот се исплатила.

- Едни од најсреќните моменти беа завршните изложби на крајот од секој семестар, каде што конечно го гледаш успешно завршениот проект по напорната работа, а како највозбудлив би го издвоила моментот кога со мојата колешка ги прочитавме нашите имиња како победници на студентскиот конкурс за изработка на идејно архитектонско решение за студентски културен центар. Секако, имаше и тешки моменти, како притисоците пред колоквиумска недела или предавањето семестрален проект, кои веднаш исчезнуваат кога ќе го видиш крајниот резултат и си горд на сработеното - вели таа.



Смета дека истрајноста е особина која треба секој студент по архитектура да ја поседува.

- Предизвик беше секојдневната битка со времето, која понатаму ќе прерасне во вештина со која полесно ќе ги завршуваш сите обврски. Упорноста е таа што доведе до максимално исполнување на моите креативни идеи и до ова што сум денес, како и соработката и поддршката од наставниот кадар на Архитектонскиот факултет - додава Настеска.



Од куќи за Барби до магистер инженер-архитект

Девојчето кое во детството од кутии правело куќи на куклите Барби денес е магистер инженер-архитект и работи на реални и одговорни архитектонски проекти.

- Уште од мала времето го поминував во откривање како да направам нешто сама, односно самиот процес на креативност. Првото нешто на кое се сеќавам е обидот да направам распоред и уредување на куќа за Барбиките под мојот кревет, со разни кутии и секојдневни предмети. Можеби со самото тоа потсвесно се разви некаква искра кон креирањето и замислувањето на просторот, но сѐ до моментот кога требаше да се размислува на кој факултет да се запишам, желбата за архитектура не беше присутна во мојот живот. Средното образование ми беше насочено кон математичките и техничките науки, а тука беше и љубовта кон цртежот како средство за изразување. Кога дојде време да одлучам што понатаму, спојот помеѓу креативното и логичното го гледав токму во архитектурата како дисциплина, што се покажа како најдобрата одлука што сум можела да ја донесам - вели Настеска.



Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Наша тема