X
 17.12.2025 Живот

Проф. д-р Драган Мијакоски - најдобар научник за медицински науки и здравство: „Приоритет ми е да ги поттикнам студентите на научноистражувачка работа“

Учесник е во меѓународни истражувачки тимови за утврдување европски стандарди за превенција, дијагностика и третман на повеќе професионални болести, како и за утврдување на стандардите и унифицирањето на клиничките истражувања во алергологијата.

Проф. д-р Драган Мијакоски, специјалист по медицина на трудот, пулмологија и алергологија, кој учествуваше во развојот на европските стандарди за превенција, дијагностика и третман на повеќе професионални болести, од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ беше прогласен за најдобар научник за медицински науки и здравство за 2024 година. Мијакоски е професор на Катедрата за медицина на трудот при Медицинскиот факултет на УКИМ во Скопје и вработен во Центарот за алергии при Институтот за медицина на трудот во Скопје, Колаборативниот центар на СЗО и GA²LEN (Глобалната мрежа за извонредност во алергиите и астмата). Неговата научна дејност во 2024 беше фокусирана на неколку клучни области со значајно влијание врз клиничката практика, научноистражувачката работа, здравствените политики и академската заедница.

Голем придонес во научните истражувања за алергии на храна

Мијакоски учествуваше во утврдувањето на стандардите и унифицирањето на клиничките истражувања во алергологијата. Беше вклучен во европската истражувачка мрежа COMFA (CA18227 - The Core Outcome Measures for Food Allergy), која првпат ги дефинира критериумите валидни на меѓународно ниво за опсервациските и интервентните студии фокусирани на ИгЕ-посредуваните алергии на храна.



-Развивме таканаречен Сет на најважни резултати (Core Outcome Set - COS), кој претставува збирка на релевантните параметри кои се однесуваат на клиничката слика на пациентите со алергија на храна и кои треба да бидат следени при спроведувањето на истражувањата на ИгЕ-посредуваните алергии на храна. Резултатите од оваа студија, во која е применет Делфи консензусот, се објавени во списанието „Allergy“ и со тоа на светско ниво се поставени основите за стандардизирана процена на резултатите од научните студии за ИгЕ-посредуваните алергии на храна - вели професорот.

Тоа овозможува стандардизирање и подобрување на третманот на алергиите на храна и помага да се забрза развојот на ефективен фармаколошки и нефармаколошки третман. За здравствениот сектор, ова значи стандардизација на протоколите и подобрување на квалитетот на клиничките испитувања, а за Медицинскиот факултет, негово позиционирање како дел од водечката европска мрежа за алергологија.

Д-р Мијакоски преку иницијативите на Европската академија за алергологија и клиничка имунологија (EAACI) и GA2LEN учествуваше и во научните анализи за потенцијалната употреба на „Мерките на исходот што ги пријавуваат пациентите” (Patient-Reported Outcome Measures) кај атопискиот дерматит и хроничната уртикарија, со препораки за нивна поголема интеграција во клиничката практика.

Го истражува и менталното здравје кај научноистражувачките работници во земјава

Како национален координатор на европската иницијатива Researcher Mental Health Observatory- ReMO (Опсерваторија за истражување на менталното здравје) беше вклучен и во изработката на прва национална студија за состојбата на менталното здравје кај научноистражувачките работници во Македонија. Резултатите беа презентирани на конгресот на Меѓународната комисија за медицина на трудот (International Commission on Occupational Health - ICOH) и годишниот конгрес на EAACI во 2024 година, со препораки за: превенција на синдромот на согорување кај научноистражувачките работници, подобрување на благосостојбата во академската заедница, како и развој на политики за поддршка на истражувачите и студентите.



- Во 2024 година објавивме серија трудови за врската помеѓу ХОББ, алергиската астма и работната способност кај различни групи работници. Како едни од клучните резултати се издвоија: високата преваленција на ХОББ кај земјоделците и индустриските работници, потребата за рана дијагностика и адаптација на работните места за намалување на ризикот од инвалидитет и препораките за превентивни програми и следење на работната способност кај хронично болните пациенти. Резултатите придонесуваат за подобрување на клиничката практика, креирање национални протоколи и подигнување на свеста за превенција на ефектите од штетноста и опасноста на работните места - додава Мијакоски.

Автор и коавтор на над 340 научни и стручни трудови

Учесник е во многубројни европски научни акции и стручни проекти, претседател е на Македонското здружение за медицина на трудот и национален секретар на ICOH за Македонија. Во 2024 година беше коавтор на монографијата „Working and absence from work during the pandemic“, која го анализира влијанието на пандемијата врз работната способност и здравствената состојба на работниците. Учествуваше на меѓународни конгреси на теми поврзани со: психосоцијалните последици на работното место и менталното здравје на работниците, превенцијата на мускуло-скелетните нарушувања поврзани со работата, како и новите трендови во медицината на трудот во Југоисточна Европа.



Им помага на студентите да истражуваат и да ги презентираат резултатите

Професорот вели дека иако Медицинскиот факултет во Скопје обезбедува добра основа и има силна меѓународна поврзаност, потребни се дополнителни инвестиции во инфраструктурата, дигитализацијата и поддршката на младите истражувачи за да се постигне подобра конкурентност на европско ниво.

- Поттикнувањето на студентите за научноистражувачка работа е еден од моите приоритети бидејќи верувам дека раното вклучување во истражувачките активности гради критичко размислување и професионална зрелост. Ова го реализирам преку нивно вклучување во тековни проекти и меѓународни иницијативи, организација на работилници и обуки, менторство и индивидуална поддршка. Како ментор на дипломски, магистерски и докторски трудови, обезбедувам континуирана поддршка – од избор на тема, преку дизајн на студијата, до анализа и објавување на резултатите. Ова е особено важно за развој на академската кариера кај младите доктори на медицина. Воедно, ги мотивирам студентите да ги презентираат своите резултати на национални и меѓународни конгреси, како и да објавуваат трудови во научни и стручни списанија. Ова ја зголемува нивната самодоверба и ги интегрира во научната заедница - вели Мијакоски.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот