Дали навистина можете да препознаете психопат од само еден поглед во очите? Еден психолог тврди дека е можно, но вистината е многу покомплексна отколку што изгледа на прв поглед.
Евелин Рид, која со децении ја проучува таканаречената „мрачна тријада“ - комбинација од три нарушувања на личноста: нарцизам, макијавелизам и психопатија, детално ја објаснува оваа тема. Психопатите се карактеризираат со тежок облик на антисоцијално нарушување, што вклучува неспособност за каење, игнорирање на општествените норми, префрлање вина на другите и повторено кршење на законите.
- Дали можете да откриете психопат само од поглед в очи? Да. Но да се фати моментот кога „маската паѓа“ е реткост при првата, втората или третата средба - предупредува Рид во едно свое тик-ток видео.
Таа додава дека психопатите почесто избегнуваат контакт со очи отколку што го бараат и дека слично однесување може да се јави и кај невродивергентни лица, што значи дека сам по себе, контактот со очи не е сигурен дијагностички показател.
Науката зад погледот
Д-р Тод Гранде, уште еден психолог што ја проучувал оваа тема, објаснува дека истражувачите го следат ширењето на зениците бидејќи емоциите природно влијаат врз нивната големина. Кај повеќето луѓе зениците брзо се шират кога гледаат нешто непријатно, додека кај лица со изразени психопатски особини тоа ширење е значително послабо, особено во првите две секунди. Тоа укажува на побавна емоционална реакција.
Интересно е што психопатите понекогаш необично реагираат и на среќни лица. Д-р Гранде истакнува дека насмевката понекогаш ја доживуваат како закана, што може да објасни зошто во тие моменти зениците им се шират повеќе од вообичаено.
Повеќе од само контакт со очите
И Рид и Гранде се согласуваат дека контактот со очи сам по себе не е доволен за да се утврди дали некој е психопат.
- Потребни ви се многу повеќе податоци. Мора да барате многу повеќе за да дојдете до некаква поцврста процена - вели Рид.
Освен намаленото ширење на зениците, други показатели се пореткото трепкање и таканаречениот „психопатски поглед“ - долг, предаторски поглед чија цел е да се заплаши или вознемири соговорникот, со што се воспоставува доминација или манипулација. Рид додава дека претераното концентрирање на нечиј поглед може да нè одврати од други, многу поважни обрасци.
- Додека сте толку фокусирани на очите, можете да ги пропуштите другите сигнали во однесувањето кои, кога ќе се појават заедно, откриваат многу повеќе од кој било поглед или трепкање - вели таа.
Верувајте му на вашиот инстинкт
На крај, Рид советува луѓето да му веруваат на својот инстинкт ако почувствуваат дека се во близина на потенцијален психопат.
- Направете си услуга следниот пат кога ќе го почувствувате тоа и едноставно оддалечете се - порачува таа.
Извор:
Citymagazine.danas.rs
Фото: Freepik