X
 07.10.2026 Живот

Неверојатна приказна за „белиот дух“: Како еден од најретките ибериски рисови ја изненади науката

Длабоко во планинските подрачја на покраината Хаен, на југот од Шпанија, фотографот Анхел Идалго со помош на поставени камери во дивината успеа да забележи неверојатна глетка. Тој сними единка од загрозениот ибериски рис со речиси целосно бела боја на крзното и фасциниран од нејзината појава, ја нарече „белиот дух на медитеранската шума“.

Иберискиот рис („Lynx pardinus“) е препознатлив по своето карактеристично жолтеникаво-кафеаво крзно прекриено со темни пеги, кое му овозможува совршено да се камуфлира. Затоа, појавата на бела единка предизвика вистинска сензација кај експертите и љубителите на природата.

Не е албино, па за што точно станува збор?



Првичните анализи на експертите за диви животни потврдија дека не станува збор за албинизам, туку за леуцизам - ретка генетска состојба која предизвикува делумно или речиси целосно губење на пигментацијата на крзното и кожата. За разлика од албинизмот, леуцизмот не влијае врз очите, па животното ги задржува своите природни, темни очи.

Преку програмите за следење, научниците веднаш ја идентификуваа оваа единка: станува збор за женка родена во 2021 година, заведена под името Сатуреха. Нејзината точна локација се чува во строга тајност со цел да се заштити.


Пресврт по неколку месеци: „Духот“ повторно го добива старото руво

Сепак, приказната за Сатуреха доби нов тек. По неколкумесечно трпеливо следење на терен, Идалго потврди дека белата боја постепено исчезнува, а женката си ја враќа својата вообичаена кафеаво-жолтеникава нијанса.

- Цело време бев таму, во апсолутна тишина, исклучен од сè. Само таа, планината и јас. Ги вложив сите мои сетила и време за да не пропуштам нешто што веројатно никогаш повеќе нема да се повтори. Денес, Сатуреха речиси целосно го изгуби своето бело крзно. Нејзината силуета повторно се стопува со околината, како вистински дух на планината. Ова беше едно од најдобрите набљудувања во мојот живот - сподели Идалго. 


Научниците претпоставуваат дека белата боја била присутна само во нејзиното подебело зимско крзно (кое го изгубила со доаѓањето на потоплите денови) или, пак, настанала под влијание на привремен надворешен фактор или специфична исхрана.

На почетокот од 21 век во дивината беа преостанати помалку од 100 единки и овој вид беше на самиот раб на изумирање. Благодарение на интензивните програми за заштита во Шпанија и Португалија, нивната популација денес надминува 2.000 единки. Поради тоа, меѓународниот сојуз за зачувување на природата го промени неговиот статус од „критично загрозен“ во „ранлив“, а Сатуреха останува еден од најфасцинантните симболи на оваа дива попупација.

Извор: Elperiodico.com
Фото: Instagram

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот