X
 08.09.2018 Живот

Што сѐ се вика „8 Септември“?

Една болница, две средни училишта, десетина улици во цела држава и булевар во главниот град го носат името „8 Септември“, по Денот на независноста. Годинава се одбележуваат 27 години од изгласувањето на независноста на Република Македонија.

Прочитајте што сѐ се вика „8 Септември“ низ Македонија.


Булевар „8 Септември“ - Скопје

Овој булевар го носи името „8 Септември“ точно четири години (од октомври 2014). Претходно се викаше „Октомвриска револуција“.
Во Радовиш, Велес, Дебар, Битола, с. Горно Оризари, Битолско, Пробиштип, Охрид, Македонска Каменица и во други градови има улици и булевари со ова име.

Училишта

СУГС „8 Септември“ - Скопје

Средното машинско училиште на град Скопје - „8 Септември“ под ова име егзистира од 2000 година кога со одлука на Владата на Република Македонија се споија трите поранешни средни училишта ЕМУЦ „Никола Тесла“, МУ „Гоце Делчев“ и ГМЦ „Чеде Филиповски-Даме“. ЕМУЦ „Никола Тесла“ е едно од најстарите средни училишта во Република Македонија и постои од раните педесетти години од минатиот век. Во него се образоваа ученици од електротехничката и машинската струка. МУ „Гоце Делчев“ најпрво работи во состав на Заводот за вработување каде што се прави прекфалификација и стручно оспособување на возрасни за машинска струка. Во 70-тите години прераснува во самостојно училиште, најпрво како „13 Ноември“, а потоа како „Гоце Делчев“. ГМЦ „Чеде Филиповски-Даме“ е основано по катастрофалниот земјотрес во 1963 година со помош на УНЕСКО, за образование на кадри од градежната и машинската струка.

Градска болница „8 Септември“

Средното економско училиште „8 Септември“ - Тетово

- Ова училиште го формирала Владата во јули 1996 година за образовен профил економски техничар со седиште во Тетово. Овде се образоваат средношколци за профилите економски техничар и правен техничар, на македонски и на албански јазик.

Градска болница „8 Септември“ – Скопје

Општата градска болница „8 Септември“ (поранешна Воена болница) е најголема здравствена установа за болничко лекување на ниво на секундарна здравствена заштита во Скопје и во Република Македонија. Од јануари 2010 година Воената болница е преименувана во Градска општа болница „8 Септември“.

Денот на независноста на Македонија ја означува сувереноста, независноста и самостојноста на Македонија и на македонскиот народ. Согледувајќи ја состојбата во Југославија, првиот повеќепартиски македонски парламент ја усвоил Декларацијата за независност на 25 јануари 1991 година, по што следуваше и одлуката за распишување референдум на 8 септември.
Со убедливо мнозинство - 95% од граѓаните што излегоа на референдумот позитивно одговорија на референдумското прашање: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“?

Како ќе биде одбележан Денот на независноста?

Денот на независноста ќе биде одбележан со концерт под отворено небо, пред Владата. Огнен Узуновски-Оги ќе има диџеј-сет во 19 часот. Половина час подоцна пејачките Тијана и Тамара, придружувани од Оркестарот на Македонската филхармонија, ќе ги изведат најубавите шлагери што оставиле трага на македонската музичка сцена.

Во 20:30 часот ќе се случи необичен спој на класичната и електронската музика. Оркестарот на Македонската филхармонија, под диригентската палка на маестро Џијан Емин, ќе настапи со изведба на музиката на еден од најдобрите светски диџеи, Хуан Аткинс (САД), а оркестрирана од Емин. Последен ќе настапи македонскиот диџеј Феки Фарис.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот