Научници од Холандија неодамна објавија истражување што покажува дека поместувањето на Голфската струја кон север може да служи како предвремен сигнал за едно од најопасните климатски сценарија - колапс на системот наречен Атлантска меридијална обртна циркулација на океанските струи (AMOC), што ја одржува климата во Европа релативно блага.
Истражувањето од научници од Институтот за морски и атмосферски истражувања е објавено во „Комјуникејшнс ерт & енвајрмент“ и се базира на најдеталните компјутерски симулации на Атлантскиот Океан.
Новото истражување покажува дека промените во патеката на Голфската струја може да служат како предвремен аларм за колапс на AMOC. Според симулациите на тимот од Холандија, Голфската струја би можела нагло да ја смени својата положба околу 25 години пред колапсот на циркулацијата.
AMOC е голем систем на океански струи што дејствува како планетарен транспортен појас. Во површинскиот слој тој пренесува топла вода од тропските области кон северниот Атлантик. Како што водата се лади, станува потешка, тоне и се враќа на југ во длабоките слоеви.
Овој процес, познат како термохалинско кружење, го предизвикува разликата во температурата и соленоста на водата. Топлата вода што AMOC ја носи на север ја загрева атмосферата над Атлантикот и ја омекнува зимата во Европа, поради што Западна Европа има поблага клима отколку области на истата географска ширина во Северна Америка.
Научниците предупредуваат дека глобалното затоплување може да го ослаби овој систем. Како што Арктикот се загрева, глечерите и морскиот мраз се топат, внесувајќи големи количини слатка вода во северниот Атлантик. Бидејќи слатката вода е помалку густа од солената, потешко тоне и го ослабнува процесот што ја движи длабоката циркулација.
Некои истражувања посочуваат дека AMOC веќе значително ослабнал во последните сто години и веројатно сега е најслаб.
Колапсот на овој систем би имал глобални последици. Во многу делови од Европа зимите би станале постудени, додека во тропските области би се промениле обрасците на врнежи. Монсуните во Африка и Азија би можеле да се нарушат, влијаејќи врз снабдувањето со храна за милијарди луѓе. Истовремено, нивото на морето покрај источниот брег на Северна Америка би можело нагло да се зголеми.
Поради тоа, научниците се обидуваат да пронајдат рани знаци кои би сигнализирале приближување на критичната точка, односно праг по кој промените стануваат нагли и тешко се запираат.
Колапсот на AMOC во Северозападна Европа, особено во Шкотска и крајбрежјето на Норвешка, би донел просечен пад на температурата за околу 10 Целзиусови степени.
Фото: NASA Earth Observatory
Голфската струја веќе се поместува
Новото истражување се фокусира на Голфската струја, моќна површинска струја што тече крај источниот брег на САД пред да сврти кон Европа. Таа е дел од AMOC, но и одделен систем управуван од ветрови и ротацијата на Земјата.
Во моделот, истражувачите постепено го ослабнувале AMOC и ја следеле реакцијата на Голфската струја. Како што циркулацијата слабеела, така струјата се поместувала кон север, а подоцна во само две години се поместила дополнителни 219 километри.
Најинтересен наод е дека ова нагло поместување се случило околу 25 години пред почетокот на колапсот на AMOC, што сугерира дека Голфската струја може да служи како ран сигнал за критична состојба на циркулацијата.
Следни чекори се следење на сателитски податоци и мерења на длабокиот океан за потврда на овие трендови. Истражувачите истакнуваат дека високата компјутерска моќ, вклучително графички и квантни процесори, ќе овозможи извршување на стотици илјади климатски симулации за подобрување на веродостојноста на резултатите.
Извор:
Index.hr
Фото: NOAA, NASA, AI