На југоистокот на Сицилија, недалеку од Катанија и Рагуза, се наоѓа еден од најинтересните градови во Италија - Грамикеле.
Далеку од морето и туристите кои бараат „џелато“ со пастелни бои, ова мало барокно гратче е уникатно по својот совршен шестаголен распоред, поради што често се нарекува „геометриски град“, „хексагонален град“ или едноставно сицилијански „идеален град“.
Примерот за град од учебниците за урбанистичко планирање е создаден поради трагедија, откако катастрофален земјотрес во 1693 година целосно го уништил блискиот средновековен град Окиола. Потоа феудалниот господар на областа, Карло Марија Карафа Бранчифорти, принцот од Бутера, одлучил да изгради нов град кој ќе им обезбеди на преживеаните безбедност и достоинствен живот.
Шест еднакви населби
По само неколку месеци од земјотресот, Карафа свечено го поставил камен-темелникот на новиот град. Планот го претворил во реалност фратарот и архитект Микеле да Ферла, но Карафа не доживеал да го види завршувањето на неговиот животен проект.
Урбанистичкиот план, наречен „егзагонум“ - шестаголник или хексагон, бил дизајниран како правилен шестаголник - три главни улици се сечат во центарот и го делат градот на шест еднакви дела. Овој концепт потсетува на ренесансните идеали за совршен град, како што се замислениот град Сфорзинда или утврдениот град Палманова, но Грамикеле е уникатен пример за таквата структура во Италија.
Во самиот центар се наоѓа Пјаца Карло Марија Карафа, монументален шестаголен плоштад кој е симболичкото и вистинско срце на градот. Неговата геометрија сè уште е предмет на изучување во архитектонските школи денес и инспирација за урбанистите низ светот.
На плоштадот има и импресивен сончев часовник и монументална бронзена скулптура од турскиот уметник Мурат Кура, која прикажува човек на колена, опкружен со концентрични кругови што личат на сфера - симбол на минливоста на човечкиот живот.
Извор: punkufer.dnevnik.hr
Фото: YouTube screenshot