X
 22.03.2026 Здравје

Ова место на телото е идеално за размножување на габички: Како да се спречат можни инфекции

Лошата хигиена, пирсингот и некои болести можат да доведат до омфалитис, односно инфекција на папокот. Експертите велат дека папокот е совршено место за развој на габично или бактериско воспаление, кое се манифестира со чешање, црвенило и непријатен мирис.

Зошто се јавува инфекција на папокот?

Инфекциите на папокот генерално не се сериозни, но се препорачува да бидат прегледани од лекар, кај постари лица, а особено кај новороденчиња. Папокот е чувствителен дел од телото со многу ситни набори кои можат да ги заробат влагата и нечистотиите.

Инфекцијата на папокот може да биде резултат на дејството на бактериите - штетните бактерии продираат во папокот и почнуваат да се размножуваат. „Staphylococcus aureus“ (стафилококна инфекција) и „Streptococcus“ видовите (стрептококна инфекција) се најчестите причини. Габичните инфекции на папокот се чести - најчесто видовите „Candida“, може да се појават насекаде на телото. 

Причини за инфекции на папокот

Иако бактериите и габичките напредуваат во влажни и темни средини, неколку фактори можат дополнително да придонесат за развој на инфекција на папокот. Според докторите, виновник е лошата хигиена. Нередовното чистење на папокот може да доведе до акумулација на нечистотија, пот и мртви клетки на кожата и да создаде поволна средина за раст на бактерии и габички.

Пирсингот на папокот, особено ако е лошо одржуван, може да се инфицира поради малата рана создадена при процесот на пирсинг. Се верува дека дебелите луѓе со вишок масни наслаги имаат поголема веројатност да страдаат од инфекции на папокот поради акумулацијата на влага и бактерии во абдоминалната област. Пациентите со дијабетес, исто така, имаат поголем ризик од развој на инфекции, вклучително и инфекции на папокот, поради ослабен имунолошки систем и послаба циркулација. Силното потење може да го поттикне растот на бактерии и габички во папокот. Компликации се можни и по лапароскопска операција ако раната во близина на папокот не е чиста и сува.

Симптоми на инфекција

Еден од првите знаци на инфекција што можеме да го забележиме е непријатен мирис на секрет и црвенило во или околу папокот. Најчестите симптоми на инфекција на папокот се болка и чувствителност, чешање и треска.


Третман на инфекција на папокот

Препорачливо е да се контактира лекар ако забележите некој од горенаведените симптоми.

Благите бактериски или габични инфекции на папокот се третираат со локална апликација на алкохол, антибиотски масти или антифунгални препарати. Во случај на ширење на инфекцијата, може да бидат потребни орални и локални лекови. Советот е секојдневно да се мие папокот со благ сапун и вода за време на третманот и да се осигури дека добро ќе се исуши, бидејќи влажната средина е погодна за раст на бактерии и габи.

Превенција

Инфекциите на папокот можат да бидат непријатни, но лесно се спречуваат и лекуваат. Прво, потребна е редовна хигиена - благиот сапун и водата се доволни за отстранување на нечистотиите при капење или туширање. Во случај да одлучиме да направиме пирсинг на папокот, важно е инструментите да бидат стерилни и да ги следиме упатствата за нега по пирсингот. Исто така, важно е да се контролира телесната тежина и дијабетесот во соработка со лекарот. 

Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје