X
 15.10.2026 Живот

„Нетфликс“ најави отпуштање на речиси 1.000 вработени и покрај растот на приходите и добивката

Американската стриминг-компанија „Нетфликс“ најави отпуштање на речиси 1.000 вработени, односно околу 6 отсто од својата глобална работна сила, во рамките на организациските промени насочени кон идниот раст на работењето.

Извршните директори Грег Питерс и Тед Сарандос им ја соопштија одлуката на вработените наведувајќи дека со отпуштањата најмногу ќе бидат погодени одделите за развој на производи, технологија, правни работи и човечки ресурси, пренесува „Асошиејтед прес“.

Во интерниот допис, во кој АП имаше увид, директорите истакнаа дека одлуката не била едноставна, но дека компанијата мора внимателно да ги одредува приоритетите во распределбата на вработените и ресурсите за да продолжи да вложува во развојот и унапредувањето на своите услуги.

Најавените отпуштања претставуваат најголемо намалување на бројот на вработени во „Нетфликс“ во последните неколку години, и покрај силните финансиски резултати на компанијата.

„Нетфликс“ во вториот квартал од 2026 година оствари добивка од 3,4 милијарди долари и приходи од 12,56 милијарди долари, што претставува раст од 9, односно 13 отсто во споредба со истиот период минатата година.

Сепак, прогнозите за работењето за третиот квартал беа под очекувањата на аналитичарите од Волстрит, а резултатите за тој период компанијата би требало да ги објави следната недела.

„Нетфликс“ истовремено се соочува со сè посилна конкуренција на пазарот за стриминг-услуги. Според податоците на платформата „Џаст воч“, компанијата држи околу 19 отсто од пазарот, додека ѝ конкурираат „Амазон прајм видео“ и „Дизни+“.


Извор: бука
Фото:  magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот