X
 10.05.2018 Живот

Условите на НАСА за да станете астронаут

Постојат многу митови за тоа кои квалификации мора да ги имате за да станете астронаут во НАСА. Иако интелигенцијата, снаодливоста и одличниот вид се добредојдени, сепак, нивното значење во голема мера е преувеличено.

Зборот „астронаут“ доаѓа од старогрчкиот збор ἄστροv (астрон) или ѕвезда и ναύτης (наутес) или морнар, па ако и вие сакате да пловите меѓу ѕвездите, погледнете што е потребно.

наса
Фото: Pixabay

Митовите велат дека сите астронаути воедно се и пилоти, но вистината е дека искуството во пилотирањето е голем плус во пријавата, но во никој случај не е услов што мора да биде исполнет.

Преовладува мислењето и дека астронаутите мора да имаат совршен вид, но вистината е дека тоа може да се постигне и со ласерска корективна операција. Единствен услов е да има поминато една година од операцијата до пријавата за работа.

Исто така, мит е дека сите астронаути треба да имаат докторат. За да добијат работа во НАСА, потребно е да имаат додипломски од некои науки од STEM. Секој дополнителен академски степен се смета за бонус, но и годините на работа и искуство можат да го заменат мастер-студиите или докторатот.

Пред пријавата треба да се погрижите да имате и три години работно искуство и да имате добра физичка кондиција (соодветна за вашата возраст).

Дезинформација е дека астронаутите мора да бидат војници, а не мора да се на одредена возраст. Просечниот астронаут има 34 години, но аплицираат професионалци од 26 години нагоре.

Доколку навистина сакате да бидете астронаут, размислете за следното:

Немате проблем животниот простор да го делите со многу цимери, понекогаш лошо да јадете и да лебдите во нулта гравитација. Доколку ви се допаѓа идејата за постојани поправки, одгледување цвеќе во вселената, научни експерименти и постојано „зјапање“ во Земјата, тогаш ова е работа за вас.

Идеално би било и да сакате наука и технологија, а пред сè универзумот. Одлично би било и ако не се плашите од висина и од вонземјани.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот