X
 10.06.2025 Здравје

Доктор и планинар ги објаснува придобивките од планинарењето: за срцето, нервите и подобрување на сонот

Пешачењето, планинарењето или хајкингот, како и секој друг вид прошетка низ природа, носи многубројни здравствени придобивки: намалување на крвниот притисок, подобрување на сонот и ублажување на симптомите на депресија и анксиозност.

Што се „брои“ како планинарење?

Постојат многу дилеми околу термините планинарење, пешачење, па дури и сè покористениот термин хајкинг. Метју Камперт, специјалист за спортска медицина и највисоко рангиран извидник, зборува за придобивките од планинарењето и дава неколку корисни совети: 

- Нема потреба точно да го ограничувате она што го подразбирате под планинарење. Секој излет во природа, каде што лицето се движи од точката А до точката Б и го забрзува срцевиот ритам, може да се смета за планинарење. Активните и искусни планинари пешачат по угорница, па овој збор има различно значење за нив, но ако само одите и комбинирате различни терени, го правите она што е најдобро за вашето тело. Не мора да бидете активен планинар за да ја наречете вашата активност планинарење бидејќи постојат неколку нивоа на издржливост, сложеност и тежина на планинарските патеки - вели докторот.

Важноста на нивото на активност

- Колку брзо ќе ги почувствувате придобивките, зависи од вашето моментално ниво на активност. Ако сте неактивни, дури и најмалиот напор може да се исплати. И како што добивате кондиција, ќе треба да ги зголемите должината, интензитетот или фреквенцијата на вашите тренинзи. Ако само одите, повеќе го активирате долниот дел од телото, но ако носите ранец, ги ангажирате мускулите на целото тело - вели докторот.

Планинарењето го намалува ризикот од срцеви заболувања

Како и секоја физичка активност, планинарењето го подобрува здравјето на срцето. Ја подобрува циркулацијата и го зајакнува срцевиот мускул. Според истражувањата, се препорачува најмалку 150 минути умерено вежбање неделно. 

- Со зголемување на капацитетот за вежбање, ја намалувате можноста за предвремена смртност - истакнува д-р Камперт.

Намалување на крвниот притисок

Докажано е дека вежбањето го намалува крвниот притисок, а тоа е многу важно и за здравите и за болните луѓе, кои треба да вежбаат под надзор на лекар.

Помага во контролата на дијабетесот

Еден од десет луѓе во светот има дијабетес. Вежбањето ја подобрува чувствителноста на инсулин и помага во намалувањето на шеќерот во крвта.

Придонесува за губење на тежината

Планирањето согорува калории и го активира целото тело. За да се изгубат 0,5 до 1 кг неделно, потребно е да се создаде калориски дефицит од 500 калории дневно, што се постигнува преку комбинација од диета и физичка активност. Вежбите со тегови и планинарењето спречуваат губење на мускулите и го поттикнуваат согорувањето на мастите.

Ги ублажува анксиозноста и депресијата


Природата има терапевтски ефект. Зелената боја смирува, го регулира парасимпатичкиот нервен систем и го намалува одговорот „бори се или бегај“. Исто така, физичката активност го стимулира ослободувањето на ендорфини и ја зголемува чувствителноста на серотонин и норадреналин, хормони кои го подобруваат расположението.

Го подобрува сонот

Изложеноста на дневна светлина и витамин Д помага во регулирањето на циклусот на спиење. Вежбањето ја зголемува телесната температура, а откако ќе падне, телото полесно заспива.

Ги зајакнува коските и мускулите

Вежбањето ја подобрува густината на коските и го забавува губењето на калциум. По 40-тата година од животот, губиме околу 1 процент од нашата коскена маса годишно.

- Носењето ранец става дополнителен товар на 'рбетот и на тој начин придонесува за здравјето на коските - објаснува д-р Камперт.

Помага при артритис

За луѓето со артритис, планинарењето е одлична активност бидејќи става помалку стрес на зглобовите во споредба со трчањето, но сепак го зголемува срцевиот ритам. Вежбањето ги намалува болката и утринската вкочанетост.

Ја подобрува рамнотежата

Одењето по нерамна подлога (кал, корења, камења) ги зајакнува мускулите и го подобрува чувството за рамнотежа.

Совети:

Заштитете ги стапалата - Носете удобни чевли и чорапи кои ја апсорбираат влагата (волната е подобра од памукот). 

Облечете се во слоеви - Како што се зголемува срцевиот ритам, може да ви стане жешко. Во преодниот период од годината понесете дополнителна облека (ракавици, капа), бидејќи дури и во ладно време телото губи влага. Во лето, заштитата од сонце и инсекти е задолжителна.

Останете хидрирани - Дехидратацијата се јавува и на ладно време. Носете вода и пијте редовно.

Запознајте ја околината - Наполнете го телефонот, инсталирајте апликација за навигација и известете ги вашите најблиски каде одите. Однапред означете ги локациите во случај телефонот да ви се испразни.

- Планинарењето е одличен начин да бидете физички активни, да ги подобрите расположението, сонот, здравјето на срцето и многу други аспекти на вашето здравје. Одете со свое темпо. Нема потреба веднаш да станете професионалец. Секоја прошетка нуди единствена можност да го почувствувате небото над вас, земјата под нозете и мирот во себе - заклучува д-р Камперт.

Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје