Малкумина би помислиле дека во стан во срцето на Харлем, славното соседство на Менхетен во Њујорк, каде што густите станбени блокови одекнуваат со звуците на градскиот живот, може да живее едно животно од џунглата.
Секој ден Антоан Јејтс, висок и тивок маж, кој бил познат во соседството како таксист кој работел со скратено работно време, доаѓал дома носејќи торби полни со сирово пилешко месо. Неговите соседи се шегувале за неговата чудна исхрана, прашувајќи се како може еден човек да јаде толку многу месо. Никој не се сомневал дека во неговиот стан живеел тигар тежок околу 193 килограми кој се викал Минг.
Јејтс успеал да го чува во тајност од 2000 до 2003 година. Покрај неговите пријателски манири и мирно однесување, тој ја создал една од најбизарните и најопасни ситуации во историјата на Њујорк.
Во станот направил импровизирана џунгла за невообичаениот придружник. Го хранел Минг со сирово пилешко и се обидел да создаде живеалиште кое би му овозможило на тигарот слободно да се движи во малиот простор. Иако тврдел дека го сакал тигарот како фамилија, сето ова било далеку од безбедно или легално. Дивите животни се непредвидливи, без оглед на тоа колку изгледаат припитомени.
Сè започнало во април 2000 година кога Јејтс, кој тогаш имал 31 година, купил мешавина од сибирски и бенгалски тигар, стар само осум недели. Го донел малото животно дома во Харлем, каде што имал социјален стан со 5 спални соби. Она што почнало како фасцинација од егзотични животни прераснало во опсесија.
Јејтс низ годините носел разни животни - од мачки и кучиња до алигатор по име Ал, но Минг останал централен дел од неговата скриена менажерија. Со години овој човек водел двоен живот. Бил културен со соседите, но зад затворените врати, на петтиот кат од зградата, во својот стан одгледувал еден од најмоќните предатори. Обично излегувал од дома еднаш дневно, најмногу за да купи храна - девет килограми пилешко, црни дробови и коски - за да го нахрани тигарот. Некои соседи го забележале чудното купување, но го отфрлиле како уште една чудна појава во Харлем. До 2003 година приказната за човекот што го изел сето тоа пилешко станала интерна шега меѓу жителите во зградата.
Шегата станала сериозна на 30 септември 2003 година кога Јејтс бил примен во болница со длабоки каснатини на раката и на нозете. Тврдел дека бил нападнат од питбул, но лекарите се сомневале. Раните биле многу поголеми од вилица на куче. Кога бил испрашан, Јејтс признал дека бил изгризан додека се обидувал да го оддели Минг од нова домашна мачка по име Шадоу. Така започнало откривањето на настани што го шокирале градот.
Два дена подоцна полицијата добила анонимна дојава во која било наведено дека големо диво животно каса луѓе, а како локација бил наведен станот на Јејтс. Веднаш биле испратени полицајци за да истражат, а кога дошле до вратата, слушнале 'ржења како одекнуваат однатре. Никој не се осмелил да влезе.
Наскоро пристигнало засилување и била подготвена уникатна операција. Полицајците ископале мали дупки на ѕидовите на соседните станови и ставиле камери прикачени на стап. Тогаш можеле да го видат невозможното - огромен тигар кој се шетал низ станот.
Мартин Дафи, полицаец трениран за спасувања од висок ризик, бил спуштен од покривот со јаже за да има чист поглед низ прозорецот. Кога погледнал внатре, Минг го видел и силно за'ржал. Дафи испукал стрела за смирување, која го погодила тигарот, кој се фрлил кон прозорецот, кршејќи го пред да се повлече внатре. Седативот дејствувал по неколку минути и специјален тим за контрола на животни влегол во станот, каде што бил употребен и втор седатив за да се осигури дека тигарот ќе остане во несвест. Биле потребни повеќе од шест мажи за да го кренат животното на носилка и да го изнесат.
Како најголемо изненадување, полицајците го откриле и Ал, алигатор долг околу 1,7 метри, кој живеел во друга спална соба.
Јејтс, кој избегал во Филаделфија, подоцна бил лоциран во една болница и бил ставен под полициско набљудување.
Кога се дознала веста за човекот кој чувал тигар во станот во Харлем, многу жители од квартот биле помалку изненадени отколку што се очекувало. Интервјуата откриле дека со години се зборувало за тоа во зградата, иако малкумина верувале. Еден сосед рекол дека ќерка му го видела тигарот низ пукнатина на вратата, но претпоставила дека е шега или недоразбирање, сè до летото во 2003 година кога ги отворила прозорците и намирисала тежок мирис на животинска урина, па сфатила дека нешто сериозно не е во ред.
Јејтс бил уапсен и обвинет за илегално поседување диво животно и загрозување на јавната безбедност. Неговата мајка исто така била обвинета за загрозување на деца бидејќи чувала деца во истиот стан. Во обид да го заштити своето семејство, Јејтс прифатил спогодба за признавање вина, изјаснувајќи се за виновен за неодговорно однесување. Тој отслужил пет месеци затвор и добил пет години условна казна.
Минг и Ал биле однесени во засолништа опремени за да се грижат за нив. Неколку години било забрането посетители да му се доближуваат на Минг бидејќи негувателите сакале да го минимизираат стресот и да му овозможат да се приспособи на животот во соодветно живеалиште. Со текот на времето мерките биле олабавени, а тигарот од Харлем ги поминал преостанатите години од животот во широки, отворени простори, пливал, си играл и создавал врски со други тигари.
Крајот на животот на Минг дошол на 4 февруари 2019 година поради откажување на бубрезите и срцето.
Извор:
Rare Historical Photos
Насловна фотографија: NYPD