X
 11.07.2018 Живот

Макрон најави „правила“ за исламот во Франција. Прочитајте на што ќе се однесуваат

Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека ќе почне работата на рамките и правилата за исламот во Франција. Во своето годишно обраќање на заедничката седница на парламентот, францускиот претседател истакна дека Франција нема причина да има проблеми со исламот.

Но, тој истакна дека постои радикално, агресивно читање на исламот кое ги доведува во прашање нивните правила и закони како слободна држава.

Француските власти со години се обидуваат да најдат начин како да се носат со растечката популарност на грубите и радикални толкувања на исламот во сиромашните предградија каде што има голем процент на население кое има странско потекло.

Макрон рече дека голем дел од француските муслимани одобруваат секуларност каде што „општеството и државата ги почитуваат верниците, а верниците ги почитуваат општеството и начелата на државата која им припаѓа на сите“.

- Затоа, почнувајќи од есенва, ќе ја разјасниме таа ситуација давајќи му на исламот рамка и правила, со гаранција дека секаде ќе се практикува во согласност со законите на републиката. Тоа ќе го направиме со францускиот народ кој ѝ припаѓа на таа религија и со неговите претставници - вети Макрон.

Фото: Buka

Во својот говор Макрон, меѓу другото, рече и дека вистинската граница во Европа е онаа што ги дели прогресивните од националистите и настојуваше да одговори на критиките дека претседателот им припаѓа на елитите.

- Вистинската граница која денес минува низ Европа е онаа што ги дели прогресивните од националистите. Ќе биде тешко, но борбата е јасно поставена - рече Макрон и најави дека таа ќе биде во центарот на изборите во 2019 година.

Европските избори во 2019 година се од клучна важност, оцени Макрон, кој се залага за обнова на европскиот проект во правец на посуверена, пообединета и подемократска Европа.

Говорејќи за „францускиот проект“ за реформа на Европа, кој се соочува со слабеење на германската канцеларка Ангела Меркел и постојан подем на популизмот, па и во државите основачи на Унијата, како Италија, Макрон рече дека тој проект веќе имал реален напредок за кој некои мислеле дека е невозможен.

Францускиот претседател во својот говор се трудеше да им одговори на критичарите, кои го нарекоа „претседател на богатите“ и го обвинија дека е елитист, арогантен и без допир со народот.

Неговиот 90-минутен говор во многу аспекти беше признание дека оттргнал од себе еден дел од избирачите, особено со низата реформи кои му одат во прилог на бизнис-секторот, но истакна дека тие биле потребни за да ја оживеат економијата и да ја зајакнат Франција.

- Знам дека не можам сè, знам дека не можам во сè да успеам - рече поранешниот банкар, кој за себе рече дека е скромен, но одлучен.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот