X
 11.08.2026 Живот

Данските средношколци ќе мора усно да ги бранат своите писмени работи за да се спречи измама со помош на ВИ

Данските средношколци во иднина ќе мора усно да ги бранат своите писмени работи за да се спречи измама со помош на вештачка интелигенција, соопшти владата.

Учениците на возраст од 16 до 19 години, кои посетуваат виши средни училишта (во Данска познати како гимназии), ќе бидат поттикнати и писмените задачи да ги работат на училиште, во контролирани услови, вклучувајќи надзор над екраните на нивните компјутери, наместо дома.

Мерките беа претставени неодамна, непосредно пред почетокот на новата учебна година по летниот распуст, а ќе стапат на сила веднаш, откако министерот за образование Магнус Хојнике побара итна реакција.

- За жал, имаме проблем со измами со помош на вештачка интелигенција во вишите средни училишта. Потребно е веднаш да се реагира - рече Хојнике.

Министерството за образование наведе дека вештачката интелигенција претставува сѐ поголем предизвик за наставата и испитите, па новите мерки би требало да донесат појасни правила за тоа кога учениците не смеат да ја користат оваа технологија.

Владата истовремено подготвува и сеопфатна национална стратегија за употреба на вештачката интелигенција во сите училишта и во целокупниот образовен систем.

Хојнике рече дека ќе разговара со училиштата, наставниците и учениците за да се осигура дека вештачката интелигенција нема да ги наруши компетенциите на учениците, нивниот професионален развој и, пред сѐ, способноста за самостојно размислување.

Првата мерка што ќе биде воведена е задолжителна усна одбрана на завршните писмени работи што се изработуваат дома. Севкупно, околу 9.000 дански средношколци секоја година пишуваат завршен труд, познат како „større skriftlige opgave“ (SSO), кој во иднина ќе мора и усно да ја одбранат.

Министерството соопшти дека со училиштата ќе го разгледа најдобриот начин за спроведување на оваа мерка.

Вишите средни училишта ќе бидат обврзани да користат алатки за надзор за да го следат начинот на кој учениците ги користат компјутерите за време на писмените испити.

Училиштата ќе мора да инсталираат и заштитни системи кои ќе го ограничат пристапот до интернет-содржини преку училишната мрежа за време на испитите и наставата.

Третата мерка претставува препорака до училиштата да ги поттикнуваат учениците поголемиот дел од писмените задачи да ги работат на училиште, во контролирани услови.

Како што наведува министерството, на тој начин наставниците ќе можат да го следат процесот на работа на учениците, да даваат навремени повратни информации и да добијат посигурна основа за оценување на нивното знаење.

Извор: The Guardian
Фото: Magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот