Париз неодамна беше прогласен за најстресен град на светот за туристи, според истражување на компанијата „Дипндајв“, која анализира 51 најпосетен град во светот. Во рангирање што зело предвид фактори како временски услови, безбедност, оцени од туристи и густина на посетеност, Париз се најде на врвот поради исклучително големата концентрација на посетители на мал градски простор. А додека туристите често заминуваат со поделени впечатоци, како всушност изгледа секојдневниот живот во овој славен европски град?
Високи трошоци за секојдневен живот
Париз е еден од најскапите градови во Европа. Според веб-страницата „Паризрентал“, месечните трошоци за живот на едно лице, без вклучена кирија, се движат од 1.064 до 1.314 евра. Киријата за еднособен стан во центарот на градот достигнува од 1.500 до 2.500 евра, а вкупните месечни трошоци лесно надминуваат 3.000 евра.
Иако постои стереотип дека животот во Европа е поевтин, една Американка која се преселила од Њујорк за медиумите изјавила дека трошоците во Париз не ѝ биле ништо пониски.
- Платата ми беше една третина од тоа што го заработував во САД, но трошев речиси исто - изјавила таа.
Минималната плата во Франција изнесува околу 1.500 евра месечно за работна недела од 35 часа, додека просечната годишна плата е околу 27.000 евра.
Станбено прашање
Кириите во популарните квартови како Мараис или Латинскиот кварт достигнуваат над 2.500 евра месечно. Просечната цена по квадрат за купување стан изнесува околу 10.400 евра, што е пониско отколку во Лондон или Њујорк, но и натаму недостижно за многумина.

Фото: Freepik
Здравствен систем - висок стандард, но и високи трошоци
Францускиот здравствен систем ужива репутација како еден од најдобрите во светот. Сепак, специјалистичките услуги понекогаш знаат да изненадат со цената. Преглед кај дерматолог чини околу 100 евра, а преглед на гинеколог 120 евра. Државното осигурување покрива околу 70 отсто од трошокот, а остатокот го плаќа пациентот. Преглед кај матичен лекар во просек чини 30 евра, од кои корисникот добива поврат од околу 21 евро.
Интеграција: процес што бара време
Многу иселеници се согласуваат дека Париз не е град кој лесно прифаќа странци. Австралијката Меган Клемент изјавила дека волонтирањето во локален бар ѝ ги отворило вратите кон заедницата.
- Не очекував дека тоа ќе ми го промени животот, но навистина се случи. Тоа беше мојот пат до пријателства, јазик и кариера - вели таа.
Иселениците често ги советуваат идните жители однапред да се вклучат во социјални мрежи како фејсбук-групи, да побараат специјализирани агенции за изнајмување и да го научат јазикот пред да се преселат.
Јавен превоз и градска инфраструктура
Париз има еден од најразвиените системи за јавен превоз во Европа. Метроата, регионалниот експресен железнички систем и трамваите овозможуваат лесно движење низ градот и регионот Ил-де-Франс. Месечната карта чини околу 90 евра. Иако системот е функционален, многумина се жалат на пренатрупаност, бучава и повремени штрајкови.
Култура, секојдневие и слободно време
Париз нуди многу можности за културен и социјален живот. Ручек во ресторан чини 30 евра, а влезниците за музеи се движат од 15 до 18 евра. Многу жители претпочитаат прошетки покрај Сена, пикници во некои од познатите паркови или вечери во мали ресторани и барови по населбите. Месечните трошоци за забава и слободно време (кино, фитнес, излегувања) во просек изнесуваат 300-400 евра.
Работниот ритам во Париз е побавен отколку во други европски метрополи. Работната недела трае 35 часа, а август е традиционално месец за одмори кога многу жители го напуштаат градот. Тогаш често се затвораат продавниците и малите дуќани.
Туризмот и отпорот од локалното население
Прекумерниот туризам станал очигледен проблем во одредени делови од градот, особено на Монмартр. По Олимписките игри во 2024 година, локалните жители се пожалија на губење на идентитетот на населбата, раст на цените и метеж.
Иако зрачи со култура, историја и елеганција, Париз однатре е комплексен град полн со контрасти. За жителите и иселениците, животот во него може да биде истовремено инспиративен и исполнет со предизвици.
Извор:
6yka.com
Фото: Freepik