Замастениот црн дроб е една од оние болести што се развиваат речиси незабележливо. Црниот дроб со години ја извршува својата работа без поплаки, а кога ќе се појават првите симптоми, болеста често е веќе во напредна фаза. Токму затоа лекарите предупредуваат дека станува збор за еден од најголемите тивки здравствени проблеми на денешницата.
- Едноставното таложење масти во црниот дроб можеби во почетокот нема да предизвика проблеми, но со текот на времето може да покрене опасен синџир на настани – воспаление, создавање лузни, цироза, па дури и да го зголеми ризикот од болести на срцето и крвните садови – предупредува гастроентерологот д-р Џузепе Морели, специјалист за болести на црниот дроб од Општата болница „Ист Џеферсон“ во Њу Орлеанс. Тој додава дека лицата со замастен црн дроб имаат значително поголем ризик од смрт поради кардиоваскуларни болести отколку луѓето што ја немаат оваа дијагноза.
Според хепатологот д-р Суџит Џанардан од медицинскиот центар на Универзитетот „Раш“, постојат две главни причини за развој на замастен црн дроб - прекумерна консумација на алкохол и метаболички нарушувања како што се дебелината, особено таложењето масно ткиво околу стомакот, дијабетесот, зголемениот шеќер во крвта, високите триглицериди и зголемениот крвен притисок. Поради тоа, првиот чекор во лекувањето е регулирање на телесната тежина, подобрување на метаболичкото здравје и што е можно повеќе ограничување на алкохолот.
Лекарите речиси едногласно ја препорачуваат медитеранската исхрана, богата со зеленчук, овошје, мешунки, интегрални житарки, риба, здрави масти и растителни протеини. Ако целта е слабеење, исхраната може да се приспособи со поголем внес на протеини и помал внес на јаглехидрати. Исто толку важна е и редовната физичка активност.
Најдобри резултати
Ако постои една група намирници која лекарите ја издвојуваат како најголем непријател на црниот дроб, тогаш тоа се едноставните шеќери и рафинираните јаглехидрати.
- Но, не станува збор за една намирница која треба да се исфрли, туку за цела категорија храна која долгорочно го нарушува метаболичкото здравје – нагласува д-р Џанардан. Со него се согласува и ендокринологот д-р Андрес Спленсер, експерт за метаболички болести.
- Немојте да размислувате само за една „забранета“ намирница. Фокусот треба да биде на целокупното метаболичко здравје и избегнувањето на хроничниот калориски вишок – вели тој.
Наместо тоа, препорачува исхрана богата со влакна, цели намирници и здрави масти, со што помалку ултрапреработена храна и производи од животинско потекло.
Зошто се едноставните јаглехидрати толку проблематични?
Едноставните шеќери и рафинираните јаглехидрати многу брзо влегуваат во крвотокот, предизвикуваат нагло покачување на шеќерот во крвта и на инсулинот, а долгорочно можат да доведат до инсулинска резистенција.
Последица на тоа е зголемено таложење на висцерални масти – масното ткиво кое ги опкружува внатрешните органи и е еден од главните извори на маснотии кои се таложат во црниот дроб. Особено проблематични се ултрапреработените намирници бидејќи освен што поттикнуваат создавање масти во црниот дроб, придонесуваат и за хронично воспаление на организмот и го зголемуваат ризикот од дебелина, дијабетес и зголемени триглицериди. Поради тоа, лекарите советуваат белиот леб, печивата, слатките и грицките што е можно почесто да ги заменувате со интегрални житарки, кафеав ориз, интегрални тестенини, јаткасти плодови, семки и свежо овошје.
Неодамнешното истражување на американскиот Центар за контрола и превенција на болести покажа дека поголемиот дел од калориите во исхраната на Американците доаѓаат токму од ултрапреработената храна, која е значително поврзана со поголем ризик од дебелина и хронични болести.
Посебно предупредување упатуваат за засладените пијалаци, вклучувајќи ги газираните пијалаци, ледените чаеви и овошните сокови со додаден шеќер.
- Тие содржат големи количини фруктоза која речиси целосно се метаболизира во црниот дроб. Таму таа се претвора во масти, со што се забрзува таложењето масно ткиво во клетките на црниот дроб и се влошува инсулинската резистенција – објаснува д-р Спленсер. Наместо тоа, тој препорачува вода, незасладен чај или кафе.
- Кафето е интересно бидејќи голем број истражувања покажаа дека е поврзано со помал ризик од развој на фиброза на црниот дроб – додава тој. Најважната порака од лекарите сепак е охрабрувачка. За разлика од многу хронични болести, замастениот црн дроб може да се повлече ако навреме се променат прехранбените навики и се воведе повеќе движење.
Со други зборови, црниот дроб има исклучителна способност за закрепнување, но само ако му дадеме можност.
Храна што треба да се избегнува
засладени газирани пијалаци
индустриски овошни сокови
слатки (благи работи)
бисквити и колачи
чипс и други грицки
индустриски преработена храна
бел леб
бел ориз
дел од тестенините произведени од рафинирано брашно.
Фото: magnific