„Ме водеше желбата да покажам дека и во Македонија постојат млади инженери кои можат да работат на проекти од светски размери, да создаваат иновативни инженерски решенија и успешно да соработуваат со реномирани домашни и меѓународни компании“, вели Јане Коцески, прогласен за еден од најдобрите студенти за академската 2024/2025 година од страна на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Тој е најдобар студент на Машинскиот факултет во Скопје. Студиите ги заврши со просечна оценка од 9,95, во рок од 3 години, 9 месеци и 7 дена.
- Рецептот за таквиот успех содржи неколку состојки, меѓу кои: желбата за успех, љубопитноста кон материјата што ја работиме, упорноста, цврстиот карактер и вербата во себе дека сѐ може да се постигне доколку не се откажуваме, без разлика на сите препреки на кои ќе наидеме на патот до успехот - вели Коцески.
Еден од основачите на „Формула студент“ - Македонија
Дел до успехот се должи и на редовното учење по студиските предмети, иако истовремено се случувало да работи и хонорарно, сепак, успевал да положи со високи оценки.
- Најмногу бев фокусиран на предавањата, таму најмногу учев, а потоа ми беше доволно и еден до два часа за да го поминам материјалот и да одржувам континуитет во учењето. Паралелно со факултетот работев хонорарно, а во втора година заедно со колегите го основавме тимот „Формула студент“ – Македонија, па голем дел од мојот ангажман беше насочен таму, така што се случуваше некои испити да ги подготвувам непосредно пред датумот на полагање и успевав да остварам највисоки резултати. Но, секако дека се трудев да го избегнувам таквиот начин на студирање и нормално би препорачал да се избегнува, иако некогаш ситуацијата го налага тоа - додава Коцески.
Периодот од студирањето кој барал најголем ангажман бил четвртиот семестар на Машинскиот факултет. Јане смета дека тој бил одлучувачки кој ќе биде најдобриот, делумно поради обемноста на предметите и комплексноста на материјалот иако следните две години не биле нешто многу полесни.
Најголема пасија му се автомобилите
Отсекогаш знаел дека сака да се занимавам со инженерската професија, а изборот за машинството дошол поради неговата најголема склоност - автомобилите.
- Истовремено имав голема љубопитност кон енергетиката, особено кон хидроцентралите, гасоводите, парните и гасните турбини. Потенцијалот на енергетиката во Македонија е голем, па сметав дека можам да дадам сериозен придонес во развојот на нови хидротехнички и хидоенергетски системи и со тоа изборот падна на насоката Хидраулично енергетско инженерство, место каде што се развивав во полето на хидраулика, пневматика, автоматика и енергетика - вели Коцески.
Ги учи помладите колеги на вистинските вредности
Најголем предизвик му претставувал предметот Механика на флуиди, кој за неговата генерација, а и сите претходни барал исклучително голем труд, теоретско знаење, но и инженерска снаодливост во решавањето на задачите. Тој предмет бил основата на сите други ангажмани во струката, а по одличното совладување, Јане бил ангажиран и во наставата да го предава како студент-тутор на помладите колеги.
- Верувам дека успехот не доаѓа случајно, туку е резултат на знаење, посветеност, истрајност и континуирана желба за напредок. Токму тие вредности беа мојата најголема мотивација низ целиот професионален и академски развој - нагласува тој.
Во слободно време им помага на помлади колеги од факултет и средношколци во совладувањето на наставниот материјал, најчесто дава часови по математика, но и по стручни предмети.
- Вложен сум да ги научам дека вистинската вредност на кариерата и успехот е нешто што носи благосостојба за нив и за луѓето околу нив, да изберат да се занимаваат со нешто што ќе ги воздигне и успешните ќе ги препознаат. Но, за жал, најголем приоритет на младите се безвредни трендови од социјалните мрежи, планираат на принципот „од денес за утре“ и вложуваат време и енергија во работи кои се менливи и минливи, а не во вистински вредности кои ќе им го променат животот на подобро и кои ќе ги воздигнат долгорочно. Една од моите најголеми цели е да создадам што поголема група на успешни млади луѓе, луѓе кои ќе знаат што значи вистинска вредност бидејќи кога нивниот успех е голем, а јас имам удел во него, тогаш и мојот успех се мултиплицира!
Кариерата ја планира во Македонија
Сака да даде придонес во развојот на македонското инженерство, воедно собирајќи искуства и знаења од странство преку соработка со тамошни компании.
- Во моментот сум дел од компанија со која реализираме проекти во и надвор од Македонија. Цело време сум во комуникација и соработка со светски инженери, експерти од областа на хидротехниката, третманот на води и хидроенергетиката. Патувам во странство и постојано имам теренски активности на проекти од светски размери. Кариерата ја планирам во Македонија и во наредните години се гледам тука. Планирам да ја развивам компанијата и да дадам максимален придонес во развојот на државата, учејќи и собирајќи знаење од странство бидејќи само на тој начин можеме да се споредуваме со некој што веќе го постигнал она кон кое ние се стремиме, иако на патот ќе наидеме на многу пречки наметнати од системот во кој живееме, но мораме да ги совладаме и укинеме за во иднина да не ни пречат - вели Коцески.
На одговорни позиции да се стават компетентни кадри
Доколку би имал можност да придонесе кон промени во македонското инженерство, би се заложил за поголемо вреднување на стручноста, одговорноста и професионализмот.
- Сметам дека на одговорни позиции треба да бидат избирани најкомпетентните кадри, врз основа на нивното знаење и искуство, со обврска доследно да ги почитуваат законите, техничките прописи и меѓународните стандарди. Исто така, сметам дека е потребно да се донесе нов сет на законски регулативи со кои секој инженерски проект треба да биде проектиран и реализиран согласно важечките стандарди, без неоправдани отстапувања поради краткорочни финансиски заштеди бидејќи таквите компромиси често доведуваат до намален квалитет и зголемен ризик од хаварии и несреќи. Посебно внимание би посветил и на образованието на идните инженери, преку избор на академски кадар според стручност, компетентност и способност за пренесување знаење, со избегнување непотизам и умилкување. Потребно е поголемо вложување во практична настава на реални инженерски предизвици. Само со квалитетно образование, континуирана едукација и почитување на професионалните стандарди и закони може да се обезбеди развој на современо и конкурентно инженерство - заклучува најдобриот студент на Машинскиот факултет.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.