Финска ќе почне да нуди средно образование на англиски јазик од август 2026 година, откако ќе стапи во сила нов закон чија цел е да привлече странски професионалци и да им помогне на финските семејства кои се враќаат во земјата.
Со оваа промена учениците што немаат доволно познавање од финскиот или шведскиот јазик ќе можат да го полагаат матурскиот испит на англиски. Ова е првпат националните матурски испити во Финска да бидат достапни на јазик различен од двата службени јазика на земјата.
Законот го ограничува новиот англиски образовен пат на ученици кои веќе живеат во Финска. Тој не важи за државјани на земји надвор од ЕУ кои се преселуваат во Финска исклучиво заради студии.
Училиштата што сакаат да нудат настава на англиски ќе мора да поднесат барање до Министерството за образование и да изготват целосни наставни програми според националните стандарди. Првите ученици ќе започнат со настава во 2026 година, а матурските испити на англиски ќе бидат достапни од 2028 година.
Реформата беше усвоена во Парламентот во декември 2024 година.
Властите велат дека таа претставува одговор на предизвиците на пазарот на труд и поддршка за социјалната интеграција.
- Целта е Финска да стане поатрактивна за меѓународни стручњаци со семејства, но и да ги охрабриме финските иселеници да се вратат - изјави Петри Лехикоинен, раководител на образованието во Националната агенција за образование на Финска.
Во моментов матурските испити во Финска се спроведуваат само на фински и на шведски. Според новиот закон, учениците ќе можат да се запишат на англискиот образовен пат само доколку нивното познавање на фински и шведски е оценето како недоволно.
Процената ќе се врши врз основа на критериуми утврдени со законот.
Новата можност ќе биде достапна првенствено во урбаните центри. Според Лехикоинен, училиштата во поголемите градови се најдобро позиционирани да го спроведат овој пилот-проект поради меѓународните ученички заедници и инфраструктура.
Освен воведувањето настава на англиски, реформата предвидува и ажурирање на специјалното образование и услугите за менторство низ целиот систем на средно образование.
Оваа законска промена е дел од пошироки образовни реформи кои ги спроведува Министерството за образование и култура.
Извор:
helsinkitimes.com
Фото: Freepik