X
 08.04.2023 Образование

Во финските училишта нема целодневна настава, нема информатика, ниту пак многу одлични

Истражување спроведено од ОЕЦД од 2018 година проценува дека вештачката интелигенција може да замени многу луѓе на нивните работни места во децениите што доаѓаат. Ова е причината зошто постои итна потреба да се едуцираат луѓето да ги исполнат барањата на работните места во иднината.

Во оваа смисла, Финска има еден од најквалитетните образовни системи во светот, кој е пример за многу земји. Меѓу другото, на тоа укажува и високиот пласман на различни меѓународни тестирања. На пример, Финска е рангирана на прво место според индексот „Образование за иднината на економијата“, додека ОЕЦД ја рангира на второ место во светот според резултатите на дипломците. Особено е интересно што Финска го постигна овој успех и покрај тоа што троши малку повеќе по ученик од просекот на ОЕЦД.

Финците се горди на својот образовен систем

Финците се горди на својот образовен систем и веруваат дека токму овој систем им овозможил да станат економски успешна земја.

Финска е четврта економија базирана на знаење, а според ОЕЦД, во 2004 година беше втора во високата технологија, по Ирска. Според Светскиот економски форум, во 2014 година се најде на првото место во светот по информатичка технологија.

Уште во средината на 20 век Финците се впуштија во сериозни реформи во образовниот систем со консензус на левите и десни партии.

Високи резултати на ПИСА-тестовите


Финска е позната по високите резултати на ПИСА-тестовите (Програма за меѓународно оценување на учениците), кои се спроведуваат на секои три години меѓу учениците низ светот за да се проценат нивните математички, читачки и научни способности. Според резултатите од ПИСА-тестовите од 2018 година, Финска е меѓу најуспешните земји во светот.

Клучни карактеристики на финскиот образовен систем


Што го прави финскиот образовен систем толку успешен?

Експертите истакнуваат неколку клучни фактори.

Еднаквост - нема приватни училишта и сите ученици имаат пристап до бесплатно образование. Сите ученици се третирани еднакво, без разлика на потеклото или социо-економскиот статус.

Индивидуален пристап - финскиот образовен систем обезбедува индивидуален пристап за секој ученик, што значи дека наставниците се обидуваат да ги приспособат своите наставни методи и стратегии на самите ученици за да им помогнат да постигнат најдобри резултати.

Креативно учење - финскиот систем поттикнува креативно учење и размислување. Учениците се охрабруваат да поставуваат прашања, критички да размислуваат и да развиваат вештини за решавање проблеми. Ова им овозможува да ги развијат сопствените таленти и интереси наместо да се фокусираат на традиционалните академски предмети.

ученици
Фото: Freepik

Високи стандарди на образование
- финскиот систем има високи стандарди и бара сите ученици да се соочат со предизвици.

Високо ниво на професионално знаење и образование на наставниците - финските наставници имаат високо образование и се обучени да обезбедат квалитетна настава и поддршка на учениците. Тие континуирано работат на нивна доквалификација. За да се вработат на неопределено време, наставниците треба да имаат магистерски студии.

Континуирана иновација - финското образование се базира на иновации и постојано усовршување, па затоа постојано работи на развивање нови методи и пристапи кои би можеле да го подобрат образовниот процес.

Целодневно училиште

Интересно е да се забележи дека Финска нема целодневна програма, барем не во сите училишта. Постои во училиштата наречени „aamu - ja iltapäivätominta“ (утринска и попладневна активност)“. Ваквите училишта им обезбедуваат на учениците дополнителни активности и услуги надвор од вообичаените часови на настава, а се достапни за учениците од предучилишна возраст до трето одделение.

Целта на ваквото училиште е на учениците да им обезбеди поддршка во нивниот развој и образование, и да им олесни на родителите да го организираат своето време, особено ако се во работен однос.

Наставниците се посветуваат во работата со надарените ученици и оние со посебни потреби

Финскиот образовен систем се стреми да го намали јазот помеѓу постигнувањата на учениците. Сите фински училишта, и основни и средни, имаат наставници кои се посветуваат на надарените деца и уште повеќе на децата на кои им треба помош во учењето.

Постојат и посебни училишта за деца со посебни потреби.

Во Финска многу малку се учи напамет

Децата се учат како да размислуваат. На пример, историја се учи малку бидејќи лесно може да се најде на интернет. Повеќе внимание се посветува на толкување различни историски околности и причини за настаните.

Нема премногу одлични

Интересно е тоа што и покрај сета поддршка што ја добиваат учениците во образованието, нема премногу одлични. Оценките се од 4 до 10. Доколку се добие оценка 8 во текот на годината, на крајот на годината не може да се добие заклучна оценка 10,0. Нема усно испитување пред табла или од клупа затоа што не е објективно, бидејќи наставникот некому може да му го олесни одговорот, а некому да му го отежни.

Сите испитувања се со пишување. Дополнително, се оценува и активноста на час и домашната работа, а се оценуваат и неоправданите изостаноци. Предметот не може да се положи ако не е извршена домашната задача. Во средно има многу домашни задачи. Оние што сакаат да положат матура, мора да работат дома по часовите најмалку 1,5 час дневно, пет или шест дена во неделата.

Во основно нема информатика


Интересно е тоа што во финските училишта нема посебни часови по информатика. Таа е имплементирана во сите предмети. Секое дете од трето одделение нагоре добива бесплатно образование по информатика, па од трето до шесто одделение добива бесплатен таблет, додека во повисоките одделенија и во средните училишта добива лаптоп. Сите материјали се достапни во дигитална форма, вклучувајќи книги и збирки задачи. Пишувањето во тетратки е дозволено, но главно се пишува дигитално.

Нема мала матура или масовно тестирање


Во основните училишта се спроведува тестирање, но не по сите предмети. Окрузите сами избираат училишта каде што во одредени години ќе се спроведе тестирањето за одредени предмети.

Матура и приемни испити

На некои фински факултети студентите можат да се запишат со матура, без приемен испит. Но, мал број студенти се одлучуваат да се запишат вака. За медицина, право, педагогија, стоматологија и психологија, задолжително е полагањето на матурскиот испит.

Голем процент од студентите завршуваат факултет

Во Финска голем процент од студентите, повисок од просекот на ЕУ, дипломираат на факултет.

Тоа првенствено е така затоа што студирањето е бесплатно, но само за оние што се сериозни за своите студии. Тие што се откажуваат, мора да ѝ ги вратат парите на државата. Исто така, државата ја субвенционира киријата на студентските станови со околу 250 евра месечно. Ако студентот не заврши факултет за осум години, тие пари треба да ѝ ги врати на државата. Единствените студии за кои се плаќа се оние за пилоти, и тие се многу скапи.

Соговорник: Игор Вукелиќ
Извор: Index.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование