Социјалното однесување е во врска со тоа како луѓето комуницираат едни со други. Луѓето можат да комуницираат помеѓу себе на различни начини. Просоцијално однесување претпоставува позитивни акции со кои им се помага на другите, на пример, им се дава подршка и тие имаат позитивен исход. Антисоцијално однесување претпоставува негативни акции со кои им се нанесува штета на другите и тие имаат негативен исход.
Според Аристотел, човекот е „зоон политикон“ (грчки: ζῷον πολιτιϰόν), што значи „политичко животно“ или да се изразам со тековни термини, социјално битие. Луѓето се социјални суштества кои живеат во заедница, си помагаат едни на други и така напредуваат.
Психолозите во повeќе пригоди (на пример, Rand и Nowak, 2013) истакнале дека луѓето се мошне соработлив вид, можат лесно да воспостават контакт со непознати индивидуи, да воспостават и да одржуваат сложени системи, на пример, семејства и држави, што е од заемна корист. Важноста на социјалното однесување предизвика обемна теориска и истражувачка работа за когнитивните и емоционалните механизми потребни да ја поддржат, на пример, способноста да се разликува кооперативна од некооперативна акција.
Неодамна развојните психолози документирале различни социо-морални феномени кај бебињата. На пример, констатирано е дека новороденчиња на возраст од 3 месеци покажуваат грижа за другите во неволја, што претпоставува последователно просоцијално однесување (Davidov, 2021) дека бебиња од 4 месеци покажуваат основни очекувања за праведност (Baillargeon & Premack, 2012). Исто така, најдено е дека на возраст од 4,5 месеци (Bentot, 2022) го задржуваат вниманието подолго на ‘просоцијални‘ отколку на ‘антисоцијални‘ настани, дека на возраст од 3 месеци бебињата прават разлика помеѓу помагање и попречување (Hamlin et al., 2010), и сл.
Но, овие наоди се добиени врз основа на истражувања вршени врз деца на возраст од 3 или повеќе месеци.
Поттикнати од вакви и слични наоди, психолозите почнале вака да размислуваат: овие социо-морални феномени кои се манифестирани кај малите бебиња можеби не се научени затоа што бебињата се толку мали што не можеле да ги научат, туку се вродени.
Ќе прикажам, накратко, едно ново истражување, објавено во списанието Nature Communications (јули, 2024 г.), направено од група психолози од Универзитетот во Катанија, Италија. Ова истражување не само што е многу значајно затоа што отвора нови видици, туку е и интересно. Истражувачите сакале да проверат дали некои аспекти на човековата моралност се појавуваат независно од искуството со морално релевантен инпут. Поедноставно речено, тимот од Катанија сакал да провери дали некои аспекти од социо-моралното однесување се вродени, а не научени.
Истражувањето се состоело од 3 експерименти.
Со првиот експеримент истражувачите сакале да проверат дали новороденчиња на возраст од 5 дена можат да прават разлика помеѓу социјално и антисоцијално однесување, односно да ја испитаат чувствителноста на новороденчињата на крајно упростен знак за релативна просоцијалност: дали новороденчињата прават разлика помеѓу приоѓање (approach) и избегнување (avoidance).
Во првиот експеримент учествувале триесет и шест здрави и доносени новороденчиња, регрутирани во одделот за интензивна неонатална терапија на болницата АРНАС во Катанија.
Новороденчињата биле тестирани по хранењето и кога биле будни и внимателни, во тивка просторија во породилиштето. Додека се вршело истражувањето, тие седеле во скутот на своите мајки, на околу 30 см од мониторот преку кој се прикажувале стимулите. Мајките биле инструирани да не зборуваат додека трае експериментот. Визуелното однесување на новороденчињата било снимано со камера поставена под мониторот. Снимањето траело 60 секунди, односно сè додека бебето не погледнало настрана 10 последователни секунди, што укажувало дека го изгубило интересот.
Новороденчињата биле случајно распределени во две групи. Двете групи гледале видеа на кои биле претставени два едноставни, анимирани настани: приоѓање и избегнување. Видеата на екранот течеле едно до друго. Настаните вклучувале две сиви, безлични топки со дијаметар од околу 3 см. На едната група ѝ била прикажана социјална, а на другата несоцијална верзија од видеото. Социјалната и несоцијалната верзија од видеото се разликувале само по тоа што во социјалната верзија двете топки се движеле, биле самоодни, односно топките манифестирале самоиницирани движења, додека во несоцијалната верзија од видеото само едната топка манифестирала самоиницирано движење, другата топка не се движела, односно била инертна.
Во групата на која ѝ бил прикажан социјален настан, двете топки манифестирале самоиницирани движења. Во настанот приоѓање топката А се поместувa малку кон топката Б и запира. Топката Б, тогаш, почнуваа да се движи кон топката А, по што и топката А повторно почнува да се движи кон топката Б. Топката А стигнува до позиција блиску до топката Б и застанува, топката Б продолжува да се движи кон топката А, на крајот запирајќи блиску до неа.
Настанот избегнување започнува на ист начин како и настанот приоѓање, при што топката А се придвижува кон топката Б и застанува. Тогаш, топката Б почнува да се движи кон топката А, застанува, по што се враќа назад и на крајот се придвижува застанувајќи на извесна оддалеченост од топката А.
Настаните прикажани на несоцијалната група биле идентични со оние прикажани на социјалната група, освен што топката А била инертна, не покажувала самоиницирано движење. Значи, само топката Б била подвижна.
Истражувачите се интересирале на која страна од екранот испитаниците најмногу гледале. Резултатите покажале дека во социјалната група, новороденчињата повеќе време гледале во видеото за приоѓање отколку во видеото за избегнување, што сугерира дека можеле да ја препознаат разликата помеѓу двете интеракции. Треба да се спомене дека во несоцијалната група бебињата не покажале преференција.
Резултатите од експеримент 1 покажуваат дека новороденчињата прават разлика помеѓу крајно упростени едноставни форми на просоцијална наспроти антисоцијална интеракција и дека селективно обрнуваат внимание на просоцијалната интеракција.
Во експеримент 2 учествувале 36 здрави и доносени новороденчиња. Сите други специфичности на мострата и постапките биле идентични со оние од експеримент 1.
Со експеримент 2 се истражувало што е порелевантно, од морална гледна точка, за релативна просоцијалност, помагање или попречување, при што еден учесник во социјалниот настан помага, а другиот попречува друг учесник во социјалниот настан.
На почетокот на настанот за социјално видео, за условот помагање, топката А се одмора на средината на наклонета (коса) рамнина, а топката Б на дното. Топката А прави две мали нагорни движења, како да се обидува да се помести нагоре, но не успева и се движи наназад кон првобитната положба како да паѓа надолу. Тогаш топката Б се придвижува нагоре кон топката А, доаѓа во контакт со неа и ја турка нагоре кон врвот на брдото, како да ѝ помага.
Во настанот попречување, топката А се одмара на средината од рамнината, а топката Б на врвот. Топката А се придвижува нагоре, оди горе-долу како да сака да се искачи на врвот и паѓа надолу во косата рамнина. Тогаш топката Б се придвижува кон топката А, се приближува до неа и ја турка топката надолу.
Настаните во несоцијалното видео биле планирани да соодветствуваат на настаните од социјалното видео освен што топката А била инертна и не покажала самоиницирано движење. Како таква, не направила обид да се искачи по брдото. Значи, само топката Б се движела.
И во овој експеримент анализата на резултатите од страна на тимот покажа дека новороденчињата во социјалното видео, но не и во несоцијалното видео, подолго време посветиле на видеото што прикажувало помагање отколку на видеото што прикажувало попречување.
Експериментот 3 е парцијална репликација на експериментот 2 поради фактот што било тешко да се обезбедат субјекти кои ги исполнувале строгите услови за учество во истражувањето. Сите постапки и анализи биле идентични со експеримент 2, а цел на експериментот била да се проверат наодите од експеримент 2.
Која е важноста на наодите од ова истражување?
Наодите од ова истражување покажуваат дека новороденчињата разликуваат различни видови социјални интеракции и дека тие селективно се однесуваат на просоцијалните наспроти антисоцијалните интеракции. „Овие наоди одат значително подалеку од претходните истражувања во поддршка на тврдењата дека луѓето поседуваат ненаучени механизми за откривање и евалуација на клучните карактеристики на социо-моралниот свет“, заклучиле истражувачите.
Такви ненаучени механизми што ја олеснуваат човековата соработка се сретнуваат кај многу култури, oд што може да се заклучи дека човековата моралност произлегува, барем делумно, од еволуирана адаптација за одржување на соработката во големи заедници.
Еволуирани адаптации се посебни особини кои му помагаат на организмот да преживее во својата околина. Овие корисни особини се развиваат преку еволуција во текот на многу генерации. Поединците што ги стекнале имаат поголема веројатност дека ќе преживеат, дека ќе напредуваат и дека ќе имаат потомство отколку оние што не ги стекнале. Тие особини се пренесуваат преку потомството, поради што, со текот на времето, стануваат почести во популацијата, правејќи ја подобро приспособена.
Аристотеловата идеја за човекот како општествено суштество се совпаѓа со современото разбирање на човековата еволуција. Модерната еволутивна теорија дава научно објаснување за природната склоност кон општествениот и политичкиот живот што ја забележал Аристотел. Човековата социјалност е клучна адаптација за опстанок, при што специфичните особини еволуираат за да го олеснат групниот живот.
Да заклучам. Во три експерименти новороденчињата гледаа подолго во просоцијалните отколку во антисоцијалните настани, но само за време на социјално интерактивни верзии на стимулите. Заедно, овие наоди сугерираат дека основните механизми за разликување едноставни просоцијални наспроти антисоцијални дејствија, како и за претпочитање на просоцијалните, се појавуваат „со многу ограничено искуство“, тврдат авторите.
Автор: д-р Томе Николоски, професор во пензија при УКИМ