X
 12.06.2018 Живот

Земја од соништата - на жителите им субвенционира куќи и студии во странство

Жителите на Кувајт од своето големо богатство (а лежат на 10 отсто од светските резерви на нафта) великодушно им помагаат на другите држави, свесни дека со тоа го обезбедуваат и своето место во меѓународните односи. Поради донациите, Кувајт го понесе епитетот на хуманитарен центар на светот, а ОН го прогласија сегашниот емир за хуманитарен лидер.

Иако е на брегот на Персискиот Залив, Кувајт не е во центарот на светските политички случувања како државите во соседството - Саудиска Арабија, Иран и Ирак. Кувајт е мала уставна монархија со околу четири и пол милиони жители. Оваа земја сепак учествува во меѓународните случувања, но на сосема поинаков начин.

Веројатно таквата политика е последица од тешкото искуство на земјата разорена од војна по ирачката инвазија на Кувајт во 1991 година, која доведе до војна во Персискиот Залив.

Многу нафтени полиња и нафтени цевки долги со километри беа запалени, а производството и извозот на нафта беа прекинати. Денешен Кувајт речиси и да ги избриша сите лузни од некогашната војна бидејќи владата потроши милијарди долари на реконструкција. Кувајт денес е големо градилиште.

Се градат, пред сè, инфраструктурни објекти, широки автопати, водовод и канализација, пристаништа, но и здравствени, културни и спортски објекти. На 35 километри од главниот град никнува едно од најголемите одморалишта на светот, токму на брегот на морето.

Сепак, клучен дел од надворешната политика на Кувајт е хуманитарната работа.

- Жителите на Кувајт се познати како големи дарители, а Националниот суверен фонд на таа земја е најстар на светот. На пример, Кувајт и неколку други арапски земји помогнаа со пари од тој фонд кога имаше поплави во Обреновац. Значи тие од своето големо богатство им даваат и на другите, свесни дека со тоа обезбедуваат меѓународна соработка, помагаат односите меѓу државите да бидат похармонични и на некој начин ја ублажуваат сиромаштијата, која често е причина за конфликт - вели новинарот Борислав Коркоделовиќ.

Фото: Sputnik

Тој додава дека една од главните карактеристики на оваа држава е тоа што таа секогаш настапува како посредник и миротворец во разни судири, особено меѓу исламските земји, било тоа да е во регионот било во поширокото опкружување.

- Пред неколку дена наврши точно една година откако Саудиска Арабија, ОАЕ, Бахреин и Египет воведоа економска блокада за Катар. Кувајт е неутрален, но многу ангажиран посредник во наоѓањето решение на спорот меѓу Катар и споменатите земји, а жителите веруваат дека тоа решение ќе биде пронајдено во септември годинава - вели новинарот.

Оваа држава на благосостојба целосно се заснова на нафта, а на секој жител на Кувајт му доаѓаат по два произведени барели нафта дневно.

- Државјаните на Кувајт имаат целосно бесплатни здравство и образование, а на талентираните жители за кои ќе се процени дека можат да ѝ бидат од корист на државата им е обезбедено бесплатно студирање во странство. Денес повеќе од 15.000 млади Кувајќани учат во САД. Исто така, многу се вложува во изградба на болници, а на државјаните на оваа земја владата им дава и големи субвенции за куќите во кои живеат. Тие се далеку над светските стандарди бидејќи станува збор за куќи кои со дворот имаат околу 400 квадрати. Колку за споредба, во САД просекот е 250 квадрати, додека во Велика Британија просечните куќи имаат помалку од сто квадрати - вели Коркоделовиќ.

Жителите на Кувајт најмногу сакаат да работат во државна служба.

- Во текот на 2017 година просечната месечна плата на државните службеници беше околу 1.470 кувајтски динари, што е околу 4.850 американски долари. Покрај тоа, многу од нив имаат свој имот кој им го издаваат на странците бидејќи државата не им дозволува на странците да поседуваат земјиште и куќи. Државата, како и поединците, исто така многу вложува во странство, особено во Велика Британија и во регионот - вели Коркоделовиќ.

Поради високите температури, жителите на Кувајт постојано се под клима.

- Температурите во текот на јуни, јули и август се толку високи, што пластиката на семафорите буквално се топи, а на асфалтот можете да испржите јајца. Иако уредите за разладување се присутни во сите затворени простори, ваквата клима сепак долгорочно се одразува врз човековото здравје. Имено, голем проблем во Кувајт се дебелината и дијабетесот токму поради тоа што три до четири месеци надвор не е можно да имате никакви физички активности. Од друга страна, ресторани има колку сакате, па не е ни чудо што околу 40 отсто од младите таму се дебели - вели новинарот.

Во Кувајт се возат добри и скапи автомобили. Меѓутоа, цената на горивото во последните две години се зголеми за дури 80 отсто. Сега таа изнесува нецели 40 американски центи, односно 40 кувајтски динари за литар.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот