X
 12.12.2023 Живот

Мистериозен остров со само една куќа - на „обичните смртници“ им е забранет пристапот

Суртсеј е вулкански остров во Атлантскиот Океан кој се наоѓа на околу триесет километри од Исланд. Создаден е од голема ерупција во 1963 година, која започнала на длабочина од 130 метри.

Ерупцијата траела дури три години, а до 1967 година бил создаден остров со површина од 2,7 квадратни километри. Затоа не е чудно што го именувале по огнениот џин Суртур од нордиската митологија. Ерозијата на почвата и силните ветрови на северот на Европа на крајот ја намалија негивата површина на околу 1,3 квадратни километри, но не и интересот на научниците.

УНЕСКО го заштити островот и го стави на својата листа со светско наследство во Европа, а пристап до него добија само избрани ботаничари, биолози и вулканолози. Нивната главна задача е да проучат како се формира екосистем без човечко влијание.


Фото: Surtsey research society

Мовот и лишаите биле првите видови растенија што почнале да растат на островот. Денес таму растат околу седумдесет растителни видови, а таму живеат и инсекти, птици и фоки.

На островот има само една куќа во која спијат експертите кои ги проучуваат промените на островот. Пред да слета на островот, секој научник е темелно пребаруван за да се избегне случајно пренесување на семе кое може да го наруши природниот екосистем.

И покрај мерките на претпазливост, на островот пораснале домати, што ги изненадило научниците. Подоцна било откриено дека експерт вршел нужда на забрането место на плодната вулканска почва откако го консумирал плодот. Растението веднаш било отстрането, а надзорот над активностите на сите експерти бил зајакнат.

Извор: Pun kufer
Насловна фотографија: Surtsey research society
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот