X
 13.10.2026 Живот

Швајцарски искуства за флексибилен систем: Енергетиката на Македонија 2026-2030 (5. дел)

Вардарска Долина: проект за наредниот век?

Најпрво сакам да се заблагодарам што за претходните четири колумни добив многу коментари од колеги и од читатели што се интересираат за хидроенергетиката. Заедничкиот именител на голем дел од забелешките беше дека проектите за кои пишувам се илузорни и дека Швајцарија е предалеку за оттаму да се согледаат секојдневните предизвици на Македонија: иселувањето, ниската продуктивност, пензискиот фонд што тоне веќе четири децении, демографскиот пад, галопирачката корупција и слабоста на институциите.

Сепак, и покрај оваа оправдана доза песимизам, сметам дека постојат надворешни фактори што набрзо би можеле да придонесат за реализација на проектите Чебрен, Галиште и Луково Поле. И толку од големите хидроенергетски проекти за овој милениум. Дури и со најсилна доза оптимизам, тешко може да се замисли дека Вардарска Долина и Бошков Мост некогаш ќе бидат реализирани.

Во ова продолжение ќе се задржам на проектот „Вардарска Долина“. И тој спаѓа во групата големи инфраструктурни проекти што со децении се појавуваат во предизборните ветувања, иако во последно време се споменува нешто поретко.

Замислата за „Вардарска Долина“ во голема мера го следи францускиот модел за интегрално уредување на реката Рона, од нејзиниот излез од Женевското Езеро до Средоземното Море. Значи проектот е инспириран од Французите и, како сѐ што е инспирирано од Французите, е убав, елегантен и прескап.

Француската држава ѝ доверила на Националната компанија на Рона, CNR, три меѓусебно поврзани задачи: производство на електрична енергија, обезбедување пловност и наводнување. Денес CNR управува со 19 хидроелектрани и речиси еден век развива интегрален модел во кој производството на електрична енергија помага да се финансираат пловноста, наводнувањето и регионалниот развој.

Бидејќи живеам во поширокиот регион и сум работел на дел од овие хидроелектрани, можам непосредно да видам зошто Рона претставувала инспирација за еден толку амбициозен проект во Македонија.

Многу е тешко само со зборови да се опише што му носи на еден регион интегралното уредување на голема река. Тоа не значи само производство на електрична енергија. Наводнувањето станува организирано, предвидливо и подобро управувано. Се создаваат поповолни услови за земјоделството, лозарството и винарството. Со изградба на бродски преводници може да се обезбеди пловност, а новите водни површини отвораат простор за туризам, плажи, едрење, веслање, риболов и други спортско-рекреативни содржини.

На крајот се создаваат нови предели што можат целосно да ги променат изгледот, начинот на живот и економската активност во една речна долина.

Ако сето тоа го замислиме по течението на Вардар, визијата навистина изгледа како сон. Особено ако кон неа ја додадеме изградбата на нова современа железничка линија кон Солун, бидејќи значителен дел од постојната пруга би бил потопен или директно загрозен од планираните акумулации.

Проектот предвидува изградба на 12 хидроелектрани на околу 200 километри од Вардар, од Скопје до македонско-грчката граница. Двете најголеми се ХЕЦ Велес и ХЕЦ Градец, додека преостанатите десет се помали проточни централи, каскадно распоредени по течението. Вкупната инсталирана моќност би изнесувала околу 324,5 MW, а проектираното просечно годишно производство околу 1.309 GWh. Тоа не е занемарливо производство, но е релативно мало во споредба со обемот на инфраструктурните зафати и вкупната инвестиција потребна за реализација на целата визија.

Дополнително, како и кај повеќето македонски хидроенергетски проекти конципирани во шеесеттите години, производството мора повторно да се провери врз основа на современи и доволно долги хидролошки серии.

Сметам дека „Вардарска Долина“ е проект со можеби најголемо потенцијално социјално, просторно и економско влијание врз Македонија. Но истовремено сметам дека, во својата целосна форма, тој не е првенствено енергетски проект и речиси сигурно нема да биде реализиран во овој век.

Ако денес грубо претпоставиме околу две милијарди евра за 12. хидроелектрани и најмалку една милијарда евра за дислокација и модернизација на железницата, веќе стигнуваме до износ од околу три милијарди евра. Ова се ориентациски процени, а за сериозна одлука би била неопходна нова физибилити-студија со актуелни цени, геолошки истражувања и современи еколошки барања.

Пред Вардар да се претвори во низа од бавни водни басени, мора да се реши неговото загадување. Во спротивно, наместо езера погодни за туризам и рекреација, Македонија би можела да добие каскада од акумулации во кои ќе се таложат фекалии, непречистени комунални води, индустриски отпад и тешки метали.

Само пречистителната станица за Скопје има проценета инвестициска вредност од околу 194 милиони евра и треба да опслужува повеќе од половина милион жители. Денес, значителен дел од скопските отпадни води се испуштаат непречистени во Вардар.

Ако кон тоа се додадат пречистителните станици во другите населени места од сливот, колекторските системи, индустрискиот третман и долгогодишното одржување, вкупната цена може да достигне дополнителни стотици милиони евра. На тоа треба да се додадат и современите еколошки мерки: рибни патеки, еколошки прифатлив проток, управување со наносите итн.

Оттука, вкупната инвестиција лесно би можела да се движи во редот од четири милијарди евра, а можеби и значително повеќе, зависно од железничкото решение, еколошките стандарди и опфатот на пречистителните системи.

И сето тоа би било без целосна пловност на Вардар, без систем од бродски преводници на сите прегради и без изградба на пристаништа, товарни терминали и дополнителна транспортна инфраструктура. Со други зборови, би платиле голем дел од цената на моделот на Рона, но без една од неговите најважни функции.

Како интегрален цивилизациски проект, тој е привлечен, но финансиски, административно и институционално е далеку над сегашните можности на Македонија.

Затоа сметам дека денес не постојат услови да се започне со реализација дури ни со една или две помали хидроелектрани избрани само затоа што на прв поглед изгледаат поевтини. Изолирана мала централа нема да ги донесе придобивките од интегралното уредување, но може да создаде нови еколошки проблеми и да ги ограничи идните решенија за реката и железницата.

Државата денес се соочува со многу поитни предизвици. Вардар сè уште е оптоварен со непречистени комунални и индустриски отпадни води. Токму затоа меѓународните партнери, меѓу кои и Швајцарската Конфедерација, со години поддржуваат проекти за управување со водите, мерење, институционален развој и заштита на природните ресурси во Македонија. Швајцарската програма за соработка со Македонија за периодот 2025–2028 го вбројува одржливото управување со природните ресурси меѓу своите три стратешки приоритети.

Оттука, редоследот на приоритетите е јасен: најнапред чиста река (чиста Македонија), потоа модерна железница, а дури потоа брани и хидроелектрани.

„Вардарска Долина“ е прекрасна визија. Но реалноста е дека пред да го претвориме Вардар во македонска Рона, мораме најнапред да престанеме да го користиме како дива депонија.


(продолжува)

Автор: Игор Николов, инженер и проект-менаџер во хидроенергетика (Швајцарија)

Издвојуваме

Живот