Нова анализа на фосили од Јужноафриканската Република ја поместува појавата на нашиот древен предок, хомо еректус, за речиси 200.000 години во минатото. Според истражувањето, овој вид, познат како прв хоминин кој се приспособил на живот на земјата благодарение на подолгите нозе и пократките раце, постоел пред два милиони години. Откритието се темели на анализа на фосили од наоѓалиштето Дримолен, дел од комплексот познат како „Колепка на човештвото“, пишува
Сајенс алерт.
Потврда на староста
Меѓународен тим од истражувачи опиша нов фосил од возрасна единка на хомо еректус, означен како ДНХ 127.
-Овој труд дополнително потврдува дека тој првпат се појавил во Јужна Африка пред два милиони години - појасни археологот Џеси Мартин од Универзитетот „Ла Троб“ во Австралија.
Иако ова не е првпат староста на видот да се поместува толку назад, претходниот доказ беше фрагмент од череп на дете (ДНХ 134), што ги отежнуваше споредбите со возрасни единки. Новиот фосил од возрасен примерок нуди значително поцврста основа за оваа теорија.
Соживот со друг вид хоминини
Со истражувањето беа анализирани вкупно 18 фосили од наоѓалиштето Дримолен. Од физичките карактеристики на коските научниците ги идентификуваа видовите, а со геолошки техники, вклучително и радиометриско датирање, ја одредија нивната старост. Покрај фосилот ДНХ 127, уште 14 фрагменти тимот му припиша на друг вид хоминини - „парантропус робустус“.
Станува збор за подалечен човечки роднина со силни вилици и големи заби приспособени за џвакање тврда храна. Додека кај хомо еректус се развиваше поголем мозок и помали заби, парантропус робустус еволуира во насока на уште посилни мускули за џвакање и поголеми заби.
Еволуциска трка за опстанок
Двата вида го делеа истиот животен простор, а нивните остатоци се пронајдени заедно во пештерата Дримолен.
- Иако знаеме дека лозата на хомо еректус, која води до нас, на крајот беше успешна, пред два милиони години во Дримолен имаше десетпати повеќе единки од видот парантропус робустус - вели Мартин. Наодите на фосили од парантропус робустус исто така ја потврдуваат тезата дека и тој вид се менувал со текот на времето.
Во споредба со примероците од други локалитети, овие биле покрупни и посилни, а откриени се и досега непознати варијации во структурата на вилицата.
- Големиот број фосили од Дримолен ни дава уникатен увид во микроеволуциските промени што ги обликувале човечките предци - истакна Мартин.
Студијата дополнително потврдува дека потеклото на човекот било сложено и дека различни видови хоминини живееле истовремено на исти подрачја, наместо едноставно да се сменуваат еден по друг. Истражувачите напоменуваат дека се работи за релативно мали фрагменти од коски и дека ќе бидат потребни понатамошни истражувања за да се потврдат наодите.