X
 14.04.2026 Живот

Колумна: Не потиснувајте ги стравот и стресот, тоа е директен (на)пад на психолошкиот имунитет? Може многу да ве чини!

„Стресот е најевтиниот човечки производ на нашата навика, а се плаќа најскапо“?

Многу пати децата, младите и возрасните избегнуваат да ги експресионираат своите внатрешни емоционални доживувања поради нешто и некого. Со тоа успеваат привидно да ја хармонизираат ситуацијата на „сопствен мир и мирот на другите“, но со тоа ја дисхармонизираат конекцијата со себе. Сепак, и тоа не би било многу проблематично доколку не стане стил на емоционална комуникација со другите и со себе. Тогаш на сцена стапува, пред сѐ, менталната дисфункционалност која ја чувствува само поединецот, а подоцна таа се забележува во семејството, училиштето, врсниците и на работното место. Тогаш цената на вашата автоманипулација станува многу висока. На сцена стапува „менталниот данок“, кој е сопствен производ!

Во последната деценија истражувањата од универзитети како Јејл, Стенфорд и Универзитетот на Калифорнија, Беркли, откриваат нешто длабоко вознемирувачко кое се однесува на стравот, стресот и нивното потиснување. Луѓето не страдаат само од стрес, туку од начинот на кој се справуваат со него преку потиснување. Тоа во денешно време би можеле да го наречеме тивка криза: потиснатите емоции како невидлива епидемија. Се претпоставува дека детството е почеток на тивката фрагментација. Тогаш почнува да се „легализира и легитимира“ појавата на прикривање на емоционалните доживувања и продолжува да се развива подоцна.

Современи студии покажуваат дека дури 60 % од учениците почувствувале сериозен психолошки стрес, 42 % од младите свесно ги потиснуваат емоциите. Истражување од Универзитетот на Мериленд покажува дека дете кое не изразува страв не е „силно“, туку биолошки под стрес зашто телото реагира како опасноста сè уште да е присутна. Неретко и во семејството се случува трансфер на невидлив товар. Истражувања од Јејл и Стенфорд откриваат: кога родителите потиснуваат емоции, децата имаат повисоки нивоа на анксиозност и депресија или околу 33 % од родителите живеат со хроничен стрес. Со тоа стресот не се решава, туку се пренесува. Фрапантно звучи, но можеби вистинито! Семејството не само што не го апсорбира стресот, туку го репродуцира. Што се случува со возрасните? Тие можеби изгледаат функционални, но психолошки исцрпени. Истражувања од Универзитетот на Калифорнија, Беркли, покажуваат: Потиснувањето на емоциите е поврзано со повисок психолошки дистрес и намалена емоционална свесност. Самото потиснување може да резултира со 37,3 % депресија, 25,2 % анксиозност и 35,3 % стрес. Тоа ни зборува дека еден од главните „скриени механизми“ на психичкото страдање е неизразената емоција. Зошто?

Зошто потиснувањето на емоциите, стресот и стравот се директен (на)пад на психолошкиот имунитет?

Честопати потиснувањето на емоциите, стравот и стресот погрешно се перципира како знак на сила и самоконтрола. Но, во својата суштина тоа претставува форма на внатрешна дезорганизација што го нарушува психолошкиот имунитет на долг рок. Наместо емоциите да бидат препознаени, именувани и интегрирани во искуството на една личност, тие се потиснуваат преку механизмот на емоционална потиснување. Ова не ја елиминира емоционалната експресивност, туку ја преместува на подлабоки, помалку достапни нивоа на функционирање. Понатаму, тоа дејствува преку латентна напнатост, когнитивни нарушувања и соматски манифестации. Потиснувањето на стресот претставува директен пад на психолошкиот имунитет бидејќи ги прекинува природните процеси на емоционална обработка и го држи организмот во состојба на хронична напнатост. Зачувувањето на психолошкиот имунитет се базира на способноста за свесно интегрирање на емоционалните искуства, преку кои стресот престанува да биде непријатност и станува потенцијал за развој. Од сето погоре наведено следува дека потиснувањето на стресот не е неутрален чин, туку активен процес што ја нарушува внатрешната рамнотежа. Тоа дејствува како „тивка ерозија“ на психолошкиот имунитет, потиснатиот страв останува извор на траен товар, додека свесниот и интегриран страв станува ресурс за развој.

Психолошки имунитет! Психолошкиот имунитет може да се разбере како динамичен авторегулаторен систем базиран на принципите на психолошки отпор, кој овозможува адаптивно балансирање помеѓу внатрешните состојби и надворешните барања. Оваа парадигма сугерира дека аналогно на биолошкиот имунолошки систем кој го штити физичкото тело, постои високо софистициран, интегриран когнитивен и емоционален систем кој ја штити човековата психа од деструктивните ефекти на акутните и хроничните стресори. Тој му овозможува на поединецот не само да се врати во претходната состојба на функционирање по претрпена траума, туку и да пронајде нова животна смисла, конструирајќи нови патишта за развој и покрај екстремната адверзивност на околината. Кога емоциите се потиснати, овој систем ја губи својата основна функција - навремено откривање и обработка на психолошките „стресори“. Оттука се констатира дека справувањето со екстремни трауми, хроничен стрес и континуирани животни предизвици бара мултидимензионален и интердисциплинарен пристап кој ги обединува психологијата, невробиологијата, ендокринологијата и имунологијата. Според Џејмс Грос (1998), потиснувањето како стратегија за регулирање на емоциите на личноста во услови на стрес и страв води до зголемена физиолошка активација, иако субјективното искуство може привремено да се ублажи. Токму оваа дисонанца помеѓу внатрешните и надворешните нивоа на функционирање создава дополнителен товар врз организмот.

Хроничното потиснување на стравот, стресот и емоциите - (рас)пад на психолошкиот имунитет!

Хроничната потиснување на стравот, стресот и емоциите предизвикува стресна активација, како што истакнува Роберт Саполски (2004), и доведува до осиромашување на адаптивните ресурси и нарушување на хомеостазата, што директно го ослабува отпорот кон идните стресори. На психолошко ниво ова се манифестира преку намалена толеранција на фрустрација, зголемена анксиозност и тенденција кон избегнувачки модели на однесување. Од перспектива на емоционалната компетентност, Даниел Големан (1995) нагласува дека способноста за свесно справување со емоциите е основа на функционалната адаптација. Со потиснување на овој процес поединецот ја губи способноста да ги користи емоциите како информативни сигнали. Слично на тоа, Бесел ван дер Колк (2014) укажува дека потиснатите емоционални реакции не исчезнуваат, туку се „вградуваат“ во физичкото искуство, што дополнително ја комплицира нивната последователна обработка и го зголемува целокупниот психофизички товар. Избегнувањето на емоционалната експресија во разни ситуации го фаворизира развојот на дисфункционални модели на размислување, што го зголемува ризикот од анксиозни нарушувања. Стравот што е препознаен и интегриран станува ресурс за учење и адаптација, додека потиснатиот страв останува „замрзнат потенцијал“ што континуирано троши психичка енергија. Токму во оваа разлика помеѓу интеграцијата и потиснувањето е клучот за разбирање Прашањето зошто потиснувањето на стресот претставува директен пад на психолошкиот имунитет ја отвора суштинската дилема на современиот човек: дали избегнувањето на внатрешните искуства навистина ја штити или ја уништува психолошката стабилност на долг рок? На прв поглед, потиснувањето може да дејствува како ефикасен начин за одржување на контролата. Тоа му овозможува на поединецот да продолжи да функционира без да мора да се справува со непријатни емоции. На емоционално ниво, постои намалена способност за препознавање и регулирање на сопствените чувства. Поединецот го губи контактот со внатрешните сигнали кои имаат важна адаптивна функција.

Исцрпување на егото и комплетна парализа на саморегулацијата

За да се дешифрира преминот од акутен когнитивен товар кон целосен, системски колапс на психолошкиот имунитет, науката се потпира на влијателната теорија за „исцрпување на егото“ (Ego Depletion), развиена од Рој Баумајстер и неговите колеги. Оваа теорија постулира дека човековата способност за примена на самоконтрола, регулација на емоциите и свесна волја зависи од еден универзален, но строго ограничен ментален ресурс. Кога поединецот активно вложува континуиран напор да регулира една конкретна област од своето однесување (на пример, упорно прикривање на силен гнев или тага), тој витален психолошки ресурс интензивно се троши. Овој процес го остава поединецот во состојба на исцрпување на егото, каде што има драстично помалку капацитет за какви било последователни акти на самоконтрола или рационално одлучување во други сфери од животот. Интересно е што дури и присуството на висока емоционална интелигенција не успеало да се спротивстави на егото и да го ублажи деструктивниот ефект на исцрпувањето. Ефектите на исцрпувањето на егото стануваат експоненцијално подеструктивни кај лицата со одредени психолошки предиспозиции, како што е алекситимијата – црта на личноста која се карактеризира со тешкотија во идентификувањето, процесирањето и опишувањето на сопствените чувства.. Кога хроничниот стрес е постојано присутен, а поединецот се обидува да преживее преку тврдоглаво емоционално прикривање, енергетскиот буџет на авторегулацијата доживува брз и комплетен банкрот. Избегнувајте го што почесто!

Кога умот „работи против емоциите“!

Во очајнички обид да се заштити себеси и својата околина од сопствениот хаос, поединецот трагично прибегнува кон најлошата можна стратегија, а таа е експресивна супресија на негативните емоции. Наместо да го ублажи проблемот, стресот во телото истовремено наметнува огромен когнитивен товар и безмилосно ги троши последните ресурси. Во овој случај зборуваме за когнитивен банкрот преку механизам на супресија. Кога личноста има интер и интраперсонална изолација, доаѓа до пад на базичната биолошка и когнитивна енергија за процесирање. Во тие ситуации „авторегулаторниот систем“ на психолошкиот имунитет доживува целосен колапс во потсвеста креиран преку прикривањето на емоциите. Поединецот останува изолиран од мултикултурни и разновидни извори на социјална поддршка, заглавен и станува фундаментално неспособен да ги искористи механизмите за да креира алтернативни решенија за спас од кризата. Водете грижа што ставате во потсвеста!

Зошто, конечно, прикривањето доведува до тотална ерозија на психолошкиот имунитет?

Здравиот психолошки имунитет се потпира на експанзија на проактивно процесирање на информациите, флексибилна когнитивна преоцена, интензивно барање социјална поткрепа и емоционална транспарентност. Хроничниот стрес поддржан со ригидна супресија создава херметички затворен биолошки и когнитивен систем во кој акумулираната физиолошка и психолошка токсичност нема излез. Оваа затворена јамка неизбежно резултира со дисфункција која рапидно еволуира од акутно чувство на дистрес и намалена работна ефикасност до клинички синдром на прегорување. 
Тоа доведува до појава на тешки психотични или депресивни нарушувања, па сè до катализирање на хронични инфламаторни и малигни болести преку тотална деактивација на биолошките заштитни механизми. Оттука, императивот на модерната психотерапија, организациската психологија и превентивната медицина мора да биде дестигматизацијата на емотивната ранливост. Ерозија на психолошкиот имунитет е резултат на нивото на толеранцијата!

Заклучок

Потиснувањето на емоциите, особено стравот и стресот, не претставува нивно решавање, туку нивно преместување во подлабоки слоеви на психичкото функционирање. Преку механизмот на емоционална супресија, емоционалните содржини остануваат активни и продолжуваат да дејствуваат преку хронична напнатост, когнитивни дисторзии и телесни реакции. На тој начин доаѓа до постепено нарушување на психолошка отпорност, односно психолошкиот имунитет како клучен систем на адаптација. Суштинскиот проблем на потиснувањето не е во самите емоции, туку во прекинот на нивната трансформација. Емоциите кои се освестени и интегрирани стануваат ресурс за личен развој, додека потиснатите емоции остануваат извор на трајно внатрешно оптоварување. Токму затоа, долгорочното потиснување води кон зголемена ранливост на анксиозни нарушувања, намалена емоционална флексибилност и исцрпување на психичките ресурси. Заклучно, психолошкиот имунитет не слабее поради присуството на емоции, туку поради нивното потиснување. Силата на личноста не се огледува во избегнување на емоциите, туку во способноста за нивна свесна обработка и интеграција. Деталната, мултидисциплинарна анализа јасно укажува на фактот дека потиснувањето на емоциите, стресот и стравот во секојдневниот живот и на работното место никогаш не функционираат како изолирани варијабли. Напротив, тие дејствуваат во девастирачка, меѓусебно засилувачка синергија која методично, чекор по чекор, го разградува комплексниот психолошки имунолошки систем. Патот на нарушување не е случаен, туку може да се синтетизира низ неколку прецизни, последователни фази на структурна и функционална деградација.

Автор: проф. д-р Љупчо Кеверески

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот