X
 14.04.2026 Живот

Таму каде што НАСА планира база: Што би му направил животот на Месечината на човечкото тело?

Во екот на новата трка кон Месечината, сите зборуваат за воспоставување бази на природниот сателит на Земјата, но малкумина размислуваат за сериозните предизвици што нè чекаат.

Првпат од ерата на мисијата „Аполо“, човештвото не се подготвува само за враќање на Месечината, туку и за долготраен престој на неа – со недели, месеци, па дури и години. Но, таквиот живот би бил истовремено фасцинантен и исклучително тежок.

Новата фаза на истражување на вселената е предводена од програмата „Артемис“, чија цел е да воспостави трајно човечко присуство на Месечината, особено во областа на нејзиниот јужен пол. За разлика од претходните мисии, кои се сведуваа на кратки посети, сега се планираат долгорочна инфраструктура и континуиран престој на астронаутите.

Важен чекор беше „Артемис I“ бидејќи ги тестираше ракетата и вселенското летало без екипаж. Потоа следуваше „Артемис II“, првата мисија со астронаути чија цел е проверка на клучните системи како одржување на животот, навигација и заштита за време на длабок вселенски лет.

Долгорочно, НАСА планира инвестиција од околу 20 милијарди долари во изградба на база на Месечината, а таа би овозможила сè подолги престои и би послужила како подготовка за идните мисии кон Марс.

Немилосрдната Месечина

Животот на Месечината би претставувал сериозен предизвик за човечкото тело бидејќи астронаутите би биле изложени на комбинација од екстремни услови, како што се намалена гравитација, зголемено зрачење, големи температурни разлики, отровна прашина, изолација и нарушени циклуси на спиење.

За разлика од астронаутите во ниската Земјина орбита, на пример, на Меѓународната вселенска станица, екипажите на Месечината би биле значително поизложени на космичко зрачење бидејќи се надвор од заштитата на Земјиното магнетно поле. Тоа зрачење може да ја оштети ДНК, да го ослабне имунолошкиот систем и да влијае врз мозокот и кардиоваскуларниот систем.

Намалената гравитација само ги комплицира работите бидејќи го менува начинот на кој се распоредуваат крвта, кислородот и течностите во телото, а долгорочно тоа може да доведе до проблеми со мозокот, крвните садови, мускулите и коските. Затоа, научниците сè повеќе го набљудуваат телото како интегриран систем бидејќи промените во еден дел влијаат врз сите други.

Еден од предизвиците е и тоа што многу здравствени проблеми се развиваат постепено и незабележливо. Астронаутите може да се чувствуваат добро додека развиваат посериозни компликации кои се појавуваат дури подоцна, затоа голем акцент се става на долгорочното следење на здравјето и превенцијата.

Како да се одржи здравјето? 

За да се намалат тие ризици, се развиваат различни противмерки. Редовното вежбање останува клучно, иако ќе мора да се приспособи на условите на намалена гравитација. Исхраната, исто така, ќе игра важна улога, со сè поголем фокус на персонализирани диети кои го поддржуваат здравјето на коските, мускулите и имунолошкиот систем.

Се истражува и концептот на вештачка гравитација, на пример, со помош на центрифуги кои на астронаутите повремено би им овозможиле изложување на поголеми гравитациски сили. Иако тоа сè уште е во експериментална фаза, би можело да стане важно за долготрајните мисии. Заштитата од зрачење ќе бара повеќеслоен пристап: изградба на засолништа од лоаклни материјали, системи за рано предупредување за соларни бури и внимателно планирање на активностите за да се намали изложеноста.

Извор: tportal
Фото: freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот