Јапонската префектура Ибараки воведе нова мерка со која граѓаните ќе добиваат парична награда доколку пријават компании што вработуваат нелегални странски работници.
Според јапонските медиуми, доколку пријавата се покаже точна и доведе до постапка против работодавецот, лицето што ја доставило информацијата ќе добие награда од околу 10.000 јени (приближно 100 евра).
Властите во Ибараки наведуваат дека мерката е воведена поради тоа што префектурата има најголем број недокументирани странски работници во Јапонија четири години по ред. Според локалните власти, странските работници се неопходни поради недостигот на работна сила, но нелегалното вработување треба да се спречи бидејќи може да доведе до нарушување на работничките права.
Сепак, мерката предизвика силни реакции. Локалната адвокатска комора и граѓански организации што ги поддржуваат странците предупредуваат дека ваквиот систем може да поттикне дискриминација и поделби во општеството.
Пријави засновани на изглед, националност или со лоши намери нема да бидат прифатени
Група активисти дури одржаа протест пред владината зграда во префектурата барајќи укинување на програмата. Некои од активистите велат дека ваквата мерка може да создаде страв кај странските работници, дури и кај оние што се легално вработени.
Според правилата на префектурата, пријави ќе се прифаќаат само за компании за кои постои сомнеж дека нелегално вработуваат или посредуваат за такво вработување. Пријави засновани на изглед, националност или со лоши намери нема да бидат прифатени.
Исто така, за поднесување пријава ќе бидат потребни лични податоци, како име, адреса и телефонски број, како и документ за идентификација.
Гувернерот на Ибараки, Казухико Огава, изјавил дека борбата против нелегалните активности е „основна одговорност“ на локалната власт, нагласувајќи дека ова не е мерка насочена против странците, туку против нелегалното вработување.
Извор:
021.rs
Фото: Pixabay