X
 14.07.2025 Живот

Од студентските клупи на ФЕИТ до успешна инженерска кариера

Разговаравме со четворица поранешни студенти на ФЕИТ кои ги завршиле студиите во изминативе десетина години, а денес се успешни инженери кои работат во земјава и надвор од неа. Со нас споделија дел од мотивите да станат инженери, искуствата од студиите на ФЕИТ, но и како студиите влијаеле врз нивниот професионален развој.

Александра Костовска е раководител на одделот Мерење на мрежа во Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје. Во 2014 година ги заврши додипломските студии на ФЕИТ, на студиската програма електроенергетски системи (ЕЕС), а во 2017 година ги заврши магистерските студии на истиот факултет, на насоката Регулатива во енергетика, електронски комуникации и сообраќај. Војдан Андонов има 26 години и во моментов е раководител на секторот за клуч-на-рака проектирање и изведба на фотоволтаични електрани и батерии во ФЕРО ИНВЕСТ, една од најголемите енергетски компании во државата. Студиите ги заврши на ФЕИТ, на студиската програма ЕЕС. Анжелика Иванова дипломира на ФЕИТ во 2014 година, а студиите ги продолжи на два европски универзитети - Техничкиот универзитет во Ајндховен, Холандија и Политехничкиот универзитет во Каталонија, Шпанија, на магистерската програма „Паметни електрични мрежи и системи“. Докторира во 2023 на Политехничкиот универзитет во Каталонија. Во моментов работи на Каталонскиот институт за истражување во енергетиката во Барселона како истражувач и проектен инженер на европски проекти, во рамките на одделот за електроенергетски системи. Стефан Борозан ги заврши додипломските студии на ФЕИТ, пред да се пресели во Велика Британија каде што ги заврши своите постдипломски и докторски студии на Империјал колеџ Лондон. Сега работи во National Grid како постар аналитичар за стратешко планирање, каде што советува за вредноста на големи инфраструктурни инвестиции во електроенергетската мрежа и за насоките за развој на компанијата.


Александра Костовска



Војдан Андонов


Анжелика Иванова


Стефан Борозан

Ги прашавме за мотивот да се избере инженерството како професија. Интересот за техниката и природните науки имал клучно влијание, но и примерите од поблиската околина.

АК: Мојата одлука да го одберам инженерството како професија произлезе од мојот долгогодишен интерес за техничките науки, природните закони и можноста за практична примена на знаењето во реалниот свет. При посетата на ФЕИТ, за време на отворените денови, ме фасцинира како преку принципите на енергетиката можеме да креираме системи што реално го подобруваат секојдневниот живот – од ефикасни електроенергетски решенија до технолошки напредна електроенергетска инфраструктура. Особено ме привлече динамиката во оваа професија – инженерството не е статично поле, туку постојано се развива со нови технологии, иновации и решенија.

ВА: Откако знам за себе имам огромна љубов кон природните науки, која дефинитивно ми е вродена од татко ми. Најпривлечна ми беше физиката, и како растев, бев сѐ посигурен дека ќе се занимавам со нешто поврзано со оваа наука. Кога дојде време да се запишам на факултет, направив една обемна анализа на сѐ што се нуди во државата, разговарав со татко ми, кој е исто така електроинженер, и на крајот се одлучив да студирам на студиската програма ЕЕС на ФЕИТ.

АИ: Мотивот да го одберам инженерството како професија беше повеќестран. Сѐ започна со мојот интерес за физиката и математиката, како и можноста за креативност што ја видов во оваа професија. Голема улога имаше и примерот кој го имав од членови од семејството кои го одбраа инженерството како професија.

СБ: Физиката беше еден од моите омилени предмети во средно училиште и бев заинтересиран за нови технологии и концептот на одржлив развој. Но, исто така, сакав да студирам економија... Сепак, одбрав да студирам на ФЕИТ за да се стекнам со основните инженерски знаења, кои понатаму можев да ги надградам со мултидисциплинарните предмети од студиската програма ЕЕС, што би ми овозможило да работам во поле што ги покрива сите мои интереси.

Ги прашавме да ги споделат впечатоците и сеќавања од студиите на ФЕИТ, и од академски и од личен аспект.

АК: ФЕИТ зазема посебно и значајно место во мојот живот – не само како основа за мојот професионален развој, туку и како средина каде што се изгради пасијата кон мојата професија. Таму ги поминав најинтензивните и највлијателните години, исполнети со напорна работа, многу дисциплина, лични надминувања, но и незаборавни моменти, пријателства за цел живот и искуства кои ме обликуваа како професионалец, но, пред сѐ, како личност.




Александра Костовска – фотографии од студентските денови

ВА: Студентските денови ми беа прекрасни. Секој ден ми беше исполнет со голем број интересни активности – преку ден предавања, аудиториски и лабораториски вежби, а навечер се собиравме во поголемо друштво, учевме и се дружевме до раните утрински часови во читалница. Факултетот нѐ направи инженери, но нѐ направи и луѓе. Нѐ научи како да размислуваме, како да решаваме проблеми, нѐ научи на дисциплина, посветеност и здрави вредности. Факултетските обврски не ги гледавме како товар, туку како предизвик.

АИ: Од академски и личен аспект, нешто што можев да увидам подобро откако студирав во странство и запознав инженери од многу различни држави, е дека студиите на ФЕИТ ги следат европските, а и светските параметри за едукација. Малку повеќе од личен аспект, едно од најубавите искуства ми беше студирањето на ФЕИТ. Имав можност да сретнам одлични професори кои на интересен начин ни го пренесоа знаењето и запознав колеги кои и до ден-денес се мои најблиски пријатели.

СБ: Одлични, и од академски и од личен аспект. Студиите не се лесни, но наставата е со врвен квалитет и професорите и асистентите помагаат да се совлада материјалот. Дружбата со колеги, на факултет и надвор, го прави целото искуство многу позабавно.

Одделни содржини, наставници и настани остануваат врежани во сеќавањата на студентските денови. Ги прашавме нашите соговорници да издвојат предавања, содржини на предмети, студентски проекти или конференции кои имале значително влијание врз нивното понатамошно образование и кариера.

АК: Наставата, вежбите и задачите беа осмислени така што ја стимулираа способноста за логичко и критичко размислување, со фокус на практично решавање реални проблеми наместо механичко учење теорија. Особено интересни ми беа предметите каде што дел од материјалот се покриваше со работа на програмски решенија во MATLAB. Студентите кои успеваа први да понудат исправно програмско решение имаа дополнителна предност при финалното оценување за тој предмет. Покрај тоа, соработката на факултетот со компании од енергетскиот сектор овозможи многу стручни предавања и посети на енергетски капацитети, што значително придонесе за практично унапредување на нашето знаење.

ВА: Во петти семестар имавме предмет Високонапонски мрежи и системи. Професорот имаше обичај на почетокот на семестарот за неговите предмети да дава една домашна задача која е активна целиот семестар, и тој што ќе ја сработи прв, добива највисока оценка. Професорот ни даде задача да програмираме софтвер кој ќе може автоматизирано да решава куси врски за произволна мрежа, што беше навистина тежок предизвик. Рокот за доставување на програмата беше 31 декември (на Нова година). Ја работев повеќе од две недели, и кон крајот на рокот, немав решение и се откажав. Утрото пред Нова година, од нигде никаде се сетив што сум погрешил, па наместо да се спремам за дневната новогодишна забава (задоцнив три часа и другарите ми беа лути), го преработив целиот код. Набрзина го тестирав, па му го испратив на професорот без многу надеж. Кога конечно стигнав на забавата, по кратко време добив одговор дека програмата е добра и ми честита на десетката. Тоа чувство беше неописливо и никогаш нема да го заборавам. До ден-денес тоа е чувството кое го барам и не ми дозволува да се откажувам од предизвици.

АИ: Има две работи за кои не морам ни да се замислам за да знам дека имаа особено влијание врз моето понатамошно образование и кариера. Прво ќе го издвојам предметот Управување и диспечинг во ЕЕС, во кој првпат се сретнав со проблемот на процена на состојба во мрежа и ми изгледаше невозможно за снаоѓање. Но, професорката не се откажа додека не ни се разјасни. Благодарение на тоа, положив испит во Холандија, а темата подоцна беше и дел од мојот докторат. Второ, морам да ја издвојам студентската конференција СКЕЕОР која се организираше на ФЕИТ и беше моето прво искуство како истражувач. Темата на која пишував тогаш, за електричните возила и концептот на vehicle-to-gird (од возило во мрежа), е нешто на кое во моментов работам, а тоа е како да се интегрираат електричните возила во електричните мрежи низ Европа.

СБ: Содржините на повеќе предмети од студиската програма ЕЕС имаа директно влијание врз мојата кариера. Знаењата за управување и планирање на електроенергетски мрежи се основа на тоа што го работам сега, додека предметот за пазари на електрична енергија ми овозможи разбирање на правната и економската страна на енергетскиот сектор. Исто така, подготовката на многу актуелна тема за дипломска работа ми отвори перспективи и интерес за понатамошни студии во странство. За крај, ќе ја издвојам конференцијата СКЕЕОР како одлично искуство за изработка и презентација на труд, што е ретка можност на нашите факултети.

Ги прашавме како ФЕИТ го дефинира нивниот професионален пат.


АК: За развојот на мојата кариера, во најголема мера придонесе соработката на ФЕИТ со ЕВН Македонија, која беше првата енергетска компанија во државата која започна со стипендирање на студенти со висок просек, запишани на енергетските насоки на ФЕИТ. Јас бев еден од студентите од првата генерација стипендисти на ЕВН Македонија. Бев навистина среќна и мотивирана бидејќи самата програма за стипендирање вклучуваше и практична работа за време на студирањето, а можев и да се насочам повеќе кон предмети од електродистрибутивниот систем за време на студиите.

ВА: ФЕИТ, или да бидам попрецизен насоката ЕЕС и професорите од таа катедра ми дадоа одлична основа за сите области во енергетиката. Всушност, тоа е и поентата на факултетот, вистински да ги разбереш основите на проблематиката и да знаеш како да му пристапиш на непознатото. Ако се совлада тоа, сѐ ново е само лесна надградба на постојното знаење.

АИ: Би рекла во огромна мера. Како што споменав и претходно, академските студии на ФЕИТ ме подготвија одлично за мојата понатамошна кариера.

СБ: Академските студии на ФЕИТ ми овозможија детални стручни знаења за електротехниката и информациските технологии, што многу ми помогна при понатамошното образование и успехот на постдипломските студии. Во кариерата, иако се соочив со нови предизвици од различен карактер, можноста во кој било момент да се потпрам на тие знаења ми значеше многу, како за мојата самодоверба така и за мојот напредок. До денешен ден, разбирањата на основните концепти на електроенергетските системи стекнати на ФЕИТ ми помагаат при дискусии со колеги и при развој на методите за анализа на енергетските системи на Велика Британија и Европа.



Војдан Андонов 


Стефан Борозан

На крај, ги прашавме и што тие од денешен аспект би им порачале на матурантите при изборот на нивната професија.

АК: Гледано од оваа временска дистанца, горда сум на себе и својот академски избор и сметам дека студирањето на ФЕИТ е една од моите најдобри лични одлуки. На матурантите би им порачала да не се водат по „популарност“ на професија или професија која носи брз приход, туку да размислат што би сакале да работат секој ден, која професија одговара на нивната индивидуа и карактер и со која професија би се гордееле во иднина. Да не ја губат својата пасија, да бидат упорни, да се образоваат и да ја користат секоја можност за личен развој. Да размислат добро и да го одберат патот кој ќе ги мотивира да растат – и како професионалци и како личности, а притоа никогаш да не го изгубат својот личен печат и автентичност, поточно тоа што се.

ВА: Би им порачал да размислат убаво што ги привлекува и да не го прават изборот врз основа на финансиски очекувања („онаму каде што се парите“). Познавам многу луѓе што така погрешија и изгубија години од нивниот живот студирајќи и работејќи нешто што не го сакаат. Силно верувам дека ако си добар, секаде може да се заработи. Иако изгледа дека некои професии се малку полесни или потешки за успех, каква вредност носи тоа во споредба со можноста да го работиш тоа што вистински го сакаш и да заработуваш од него? Јас се запишав на ЕЕС на ФЕИТ и да бидам искрен, немам сомнеж дека го направив вистинскиот избор.

АИ: Во моментов се сетив на неколку работи што ги сметам за важни. Добро да размислат кои се работите што сакаат да ги прават и во кои добро им оди бидејќи тоа ќе влијае врз нивната мотивација понатаму. Да се информираат темелно, особено за тоа како изгледа професијата која сакаат да ја одберат по завршувањето на факултетот (што всушност ќе работат по студиите). Колку што можат повеќе да си ја слушаат својата интуиција во изборот. И за крај, да не се откажуваат од својот избор на првата тешкотија затоа што и тоа што најмногу ни се допаѓа да го правиме, не секогаш е лесно.

СБ: Не одбирајте професија, туку одберете да учите за тоа што ја буди вашата љубопитност. Тоа е гаранција за задоволство и успех во студиите и понатамошната кариера, без разлика во која професија.




Слични вести од Fakulteti.mk

Живот