X
 13.04.2019 Наша тема

Една година од работењето на Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ, интервју со проф. д-р Владимир Атанасовски

Младите луѓе не можете да ги врзете на едно место, но можете да им создадете услови да работат во средина која ќе ги стимулира за развој

Центарот за трансфер на технологии и иновации ИНОФЕИТ има амбициозен план за три години да прерасне во институција со најмалку 25 вработени истражувачи кои ќе работат на меѓународни и домашни проекти и ќе обезбедат одржливост на Центарот. По една година од формирањето, Центарот при Факултетот за електротехника и информациски технологии може да се пофали со повеќе успеси на домашен и на меѓународен план. Еден од нив е што Европската инвестициска банка го избра ИНОФЕИТ како единствен кандидат од цел Западен Балкан кој поседува капацитет, знаење и визија да прерасне во регионален Центар на извонредност. Во интервјуто со проф. д-р Владимир Атанасовски, продекан за финансии и соработка со стопанството на ФЕИТ и управител на ИНОФЕИТ, разговараме за идните планови на Центарот и можностите што ги нуди за студентите.

проф. д-р Владимир Атанасовски

Помина една година од работењето на Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ. Како би ја опишале изминатава година?

- Според нашите интерни согледувања, првата година од постоењето на ИНОФЕИТ е мошне успешна и на меѓународен и на домашен план. Европската инвестициска банка детално го скенираше ИНОФЕИТ за неговиот потенцијал во подолг период, во конкуренција на слични центри од Белград, Сараево и Нови Сад, за постигнување регионална извонредност. Со гордост можеме да се пофалиме дека Европската инвестициска банка го избра ИНОФЕИТ како единствен кандидат од цел Западен Балкан кој поседува капацитет, знаење и визија да прерасне во регионален Центар на извонредност. Согласно оваа студија, ИНОФЕИТ има амбициозен план за три години да прерасне во институција со најмалку 25 вработени истражувачи кои ќе работат на меѓународни и домашни проекти и ќе обезбедат одржливост на Центарот. За таа цел неопходни ни се околу 2 милиона евра, а ние можеме од сопствени сили да обезбедиме близу 400.000 евра.

На домашен план, ИНОФЕИТ се обидува да ја подигне свеста кај нашите компании за потребата од создавање нови производи и нова вредност, менување на концептот на buy and resell кон сопствено истражување и развој и трансфер на знаењето од академските води во практичен бизнис. Во таа насока активно соработуваме со поголем број домашни компании од областа на ИКТ и обновливи извори на енергија со кои нашите истражувачи работат на дизајн и тестирање на нови производи за компаниите. Со други зборови, активно сме посветени на подигнувањето на свеста за договорно истражување кај нас и соработката со академијата.

Првата година од постоењето на ИНОФЕИТ е мошне успешна

Паралелно со активностите поврзани со истражувања и развој ИНОФЕИТ е вклучен и во организација на голем број настани што ја поттикнуваат иновативноста и ја потенцираат важноста од креирањето нова вредност. Бевме домаќини на Betapitch Skopje 2018, кој беше дел од Betapitch Global 2018 како еден од најпрестижните настани за стартап-заедницата во светот. Стартап-победникот од Скопје постигна особен успех и на финалето во Берлин, што покажува дека нашите капацитети се огромни и треба да се користат. Понатаму, ИНОФЕИТ беше презентиран на 7. состанок на министрите за истражувања и развој на земјите-членки на ЕУ лани во јуни во Брисел и на работилница за мапирање на истражувачки инфраструктури и развој на договорно истражување на Западен Балкан на кон крајот од октомври во Сараево. Конечно, оваа година ИНОФЕИТ е македонски партнер на глобалниот натпревар за стартапи University Startup World Cup, па ги повикуваме сите универзитетски стартапи кај нас да се пријават за учество.

Каква новина донесе ИНОФЕИТ на нашите простори и во регионот?

- Веќе споменав дека ИНОФЕИТ активно работи на подигнување на свеста за создавање нови производи и нова вредност наместо buy and resell пристап. Нашите истражувачи се автори на голем број трудови, студии, патенти и практични производи кои се недоволно искористени од нашето стопанство. Ние се обидуваме да бидеме овозможувачите на истражувањето за заинтересираните компании на начин што им нудиме да работат истражување и развој кај нас без да имаат потреба да инвестираат во сопствени оддели. Потоа, секако, може самите да одлучат дали и во која насока ќе продолжат. Постојано потенцираме дека без сопствени истражувања и развој, нашата економија и нашите компании нема да имаат никаква компетитивна предност на меѓународниот пазар. Според нас, тоа е и една од причините зошто младите решаваат да заминат оттука. Едноставно, не го измислуваме тркалото, туку се обидуваме потврдените практики во светски рамки во контекст на договорно истражување и развој да ги пресликаме и во нашата држава.

Што значи ова за студентите и за реализирањето на нивната пракса?

- Студентите добиваат можност во текот на студиите да работат на практични проблеми дефинирани од компании. Честопати се шегуваме дека во нашите дипломски, магистерски и докторски тези имаме голем број решенија за непостојни проблеми, па со ИНОФЕИТ се обидуваме дефиницијата на проблемите да ја усогласиме со потребите на стопанството. На тој начин студентите се вклучуваат во практична работа и можат поблиску да се запознаат со проблемите на компаниите уште во текот на студиите.

Студентите добиваат многу можности

Ние нудиме модерен простор во кој компаниите добиваат co-working места заедно со дел за студенти така што студентите можат својата задолжителна пракса да ја реализираат и во ИНОФЕИТ. Во текот на летото 2018 поголем број студенти се решија на ваков чекор и одѕивот беше одличен. Особено сме горди на фактот што работата на конкретни проблеми дефинирани од компании ги мотивира студентите, па најголем дел од нив седат и работат многу повеќе од едно нормално работно време.

ИНОФЕИТ би требало да претставува мост помеѓу компаниите и студентите што се идните инженери по електротехника и информациски технологии. Дали имате веќе вакви успешни соработки?

- Нашите co-working места брзо се пополнуваат бидејќи навистина постои интерес за соработка кај дел од нашите компании. Имаме неколку завршени, неколку тековни и поголем број во најава соработки со компании од различни области. Нашиот принцип на работа е дефинирање на помали проекти со покусо времетраење во почетната фаза на соработка заради подобро запознавање на двете страни, па потоа продлабочување на соработката. Она што нè прави особено горди е што сите започнати соработки во текот на првата година продолжуваат во поголем обем, што е и потврда за избраниот модел на соработка. Дополнително, поголем број домашни компании што аплицираат за средства од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) се обраќаат во ИНОФЕИТ за договорно истражување на иновативната компонента во нивната апликација. Ова е уште еден доказ за препознатливоста што ИНОФЕИТ ја стекна во рамките на македонското стопанство.

Може ли да издвоите неколку проекти на кои работеше ИНОФЕИТ лани?

- Бидејќи станува збор за договорно истражување, конкретни детали не би можел да споделам. Но, генерално, проектите на кои работиме се во доменот на паметни фотоволтаици со можност за складирање на енергија, дизајн и комплетен развој на сензор за мерење на загадување, дизајн и комплетен развој на платформа за следење на загадување, предвидување на потреби за набавка на електрична енергија на берза користејќи концепти на машинско учење, развој на решенија за паметни околини итн. Истражувањата во ИНОФЕИТ ги покриваат сите области што ги негува ФЕИТ и во кои нашиот кадар е меѓународно познат.

ФЕИТ е најуспешниот инженерски факултет во Македонија. Како очекувате постоењето на ИНОФЕИТ да се одрази врз бизнис-околностите во земјава?

- ИНОФЕИТ се позиционира во делот на трансфер на технологија и иновации од академија кон индустрија. Според нас, тоа е еден домен на иновацискиот екосистем во Македонија кој сериозно недостига. Имаме многу позитивни чекори во развојот, како што се бизнис-акцелератори, разни финансирачки шеми од ФИТР и слично, но делот на креирање вредност од технолошка иновација е нешто што сакаме детално да го покриеме ние. Во таа насока, ИНОФЕИТ има склучено договори за соработка со реномирани играчи во областа, на пример, со Кримсон развојна фондација која обезбедува кредити за микро, мали и средни претпријатија или РСМ, која обезбедува финансиски консалтинг.

Проблемот на одлив на мозоци треба да се гледа од повеќе аспекти

На тој начин ги поттикнуваме сите соработки во рамките на ИНОФЕИТ, доколку има можност, да се трансформираат во посебен стартап на кој му нудиме услуги на едно место од нашите партнери. Дополнително, во просториите на ИНОФЕИТ е сместена и канцеларијата на акцелераторот УКИМ, па и таа опција им стои на располагање на соработките за натамошен раст. Сè на сè, очекуваме сериозно придвижување и развивање на стартап-културата, поттикнување на иновативноста и креирање работни места кои ќе овозможат работа на нови и иновативни идеи на младите.

Студентите што излегуваат од ФЕИТ се најпосакуваниот кадар во јаките компании во странство. Многумина од нив велат дека Македонија нема капацитет, ниту индустрија која би можела да ги задржи. Како да се привлечат овие млади луѓе да останат тука?

- Проблемот на одливот на мозоци треба да се гледа од повеќе аспекти. Финансискиот е многу битен, но и доменот на работа, средината во која се работи, можноста за иден развој итн. се исто така исклучително значајни. Младите луѓе не можете да ги врзете на едно место, но можете да им создадете услови да работат во средина која ќе ги стимулира за развој. Препродажба на готови производи креирани некаде надвор не е начинот. Креирањето нова додадена вредност преку работа на иновативни проекти и солидни примања за нашата средина се нешто што може да помогне.

Ви претстои еден настан на 16 април на ИНОФЕИТ. Што ќе се случува?

- ИНОФЕИТ оваа година организира студентска програма за поттикнување на иновативноста кај студентите на УКИМ. Бевме инспирирани од европската иницијатива Smart Anything Everywhere (SAE), која е дел од H2020 програмата, а исто така сакаме и со оваа активност да придонесеме кон прославата на 60-годишнината на ФЕИТ која се одржува оваа година.

ИНОФЕИТ организира студентска програма за поттикнување на иновативноста кај студентите

Натпреварот е наречен Innovations in SAE или скратено INNO-SAE и сакаме да прерасне во традиција на ниво на универзитетот. INNO-SAE е отворен за сите студенти на УКИМ и ги охрабруваме сите заинтересирани студенти да формираат интердисциплинарни тимови кои треба да понудат практично решение на одреден проблем. На 16 април во 17 часот ќе се одржи вториот инфо-ден за самиот настан во нашите простории. На настанот ќе ги објасниме пропозициите за учество во натпреварот и фазите на спроведување. ИНОФЕИТ, во соработка со УКИМ, ќе одреди ментор на секој тим што ќе ја надгледува практичната работа и ќе го води тимот. Главниот настан ќе биде во септември годинава кога сите развиени практични решенија ќе бидат јавно прикажани. Ги каниме сите заинтересирани студенти да дојдат во вторник, 16 април, кај нас за подетално запознавање.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема